Жан Митрев: Вечерата ми е прв оброк

0
48008

Во вашата нова болница „Филип Втори“ која ги отвори своите врати за пациентите на 1 март годинава, освен врвни здравствени услуги, имате и ресторан кој е од неодамна отворен и за надворешни лица. Може ли да ни кажете повеќе за идејата и наменета на овој концепт?

– Од самиот почеток кога ја отворивме болницата „Филип Втори“ ми се јави проблемот врзан со исхраната на пациентите. Уште на стартот потпишав договор со во тоа време најмодерниот хотел „Александар Палас“, но веднаш се соочив со еден голем проблем а тоа е неквалитетот на храната во однос на пациентите. Имено, едно е да се прави храна за гости во хотелите, а сосема друго е да се готви за пациенти. Преку оваа не можев да поминам лефтерно. Донесов диетолог од Германија за да ги едуцира готвачите од „Александар Палас“ за готвење за пациенти, потоа ги доведов сите готвачи во болницата за да видат што значат такви пациенти, какви се нивните потреби кога се наоѓаат во таква состојба и слично, но сето тоа некако тешко одеше. Секогаш си велев дека ако некогаш ја направам болницата која во мојата глава постоеше уште пред 20 години, ќе направам сигурно и кујна која ќе ја организирам во интерес, пред се, на пациентите, а потоа и на персоналот. Сега главен муштерија во ресторанот се вработените кои имаат бонус за исхрана тука, за да се зголеми конфорот и квалитетот на работните услови. Се што имаме на менито се прави тука, па дури имаме и мајстор за пецива и бурек, и се е контролирано. Има можности и за посета од  надворешни гости, но и за кетеринг кој веќе ги имаат користено повеќе фирми, и сите се задоволни од квалитетот.

aa-l1007311

Кој го прави изборот на менијата, дали се консултирате со нутриционист?

– Имаме професионален нутриционист кој е вработен во болницата и се грижи за менијата, за калориските вредности, за составот на храната. Се прават менија на неделно или на месечно ниво кои се прилагодуваат кон потребите на пациентите бидејќи има различни пациенти со различни болести, па соодветно на нив се прават и различни менија. Не може да јадат иста храна пациент со мозочен удар на пример или со воспаление на панкреас, со чир на желудник итн. За мене, составен дел од терапијата и од медицинскиот дел, е и храната. Има пациенти кои се хранат на друг начин, имаме пациенти кои не можат да јадат, има интубирани пациенти кои не се свесни во некој период од лекувањето и сето тоа бара друг пристап. Тие се хранат со специјално приготвена храна преку разни медицински постапки па и храната треба да е посебно приготвена за да може на таков начин и да им се даде на пациентите кои на тој начин ќе ги примат и сите состојки кои му се потребни на организмот. Докажано е дека пациентите во кома, со мозочен удар, кои порано се хранеа со инфузии, преку вена, имаа многу негативни и долгорочни негативни ефекти па развиваа и други дополнителни компликации, а ние со ваквиот пристап, на овој начин и најтешките пациенти многу лесно и брзо ги ставаме во нормална функција на гастроинтестиналниот тракт што е од непроценлива важност за брзо закрепнување на пациентот. На овој начин можеме да ги контролираме внесот на калории, на протеини, масти, јаглени хидрати, витамини и се што е потребно пациентот брзо да се опорави и да се рехабилитира. Затоа, на храната не треба да се гледа само како на задоволство, како што обично ја доживуваат луѓето, туку и како составен дел од лекувањето. Без правилна исхрана, залудно е се друго што ќе направиме.

rucek-so-dr-mitrev-a_8491

Колкав персонал го опслужува сега ресторанот?

– Моментално во ресторанот имаме 5 готвачи кои работат во две смени, инаку има вкупно околу 30 вработени само во ресторанот. Досега се сменија три постави на готвачи бидејќи не можеме да се разбереме. Сите готвачи доаѓаат тука со некои свои навики кои си ги носат од претходните ресторани од кои доаѓаат и мислат дека така мора да се готви а тука се соочуваат со некои правила кои за некои од нив се дури и неприфатливи. Така некои знаат да кажат: како ќе готвам јас без вегета и без хопла, без конзерви? Кај нас не постојат такви работи и се готви исклучиво со свежи производи. Свежи и суви зачини, разни тревки и мирудии, меѓутоа, без адитиви, засилувачи на вкус и слични вештачки додатоци.

Какви се цените во ресторанот?

– Цените се пристапни па дури и пониски отколку во многу други обични ресторани, а да не зборуваме за оние подобрите. Ова е така од причина што јас на ресторанот не гледам како на уште еден бизнис од кој треба да заработиме, туку како на еден вид терапија. Ние како институција не зависиме од тоа да го тераме ресторанот со профит, доволно е да се покриваат трошоците за да може да функционира.

drag-_2474

Што е она во ресторанското мени што вие најмногу го сакате?

– Зајачки гулаш. На менито имаме зајачко месо затоа што, а многу луѓе тоа не го знаат, зајачкото месо е најздраво месо и содржи најмалку масти и холестероли и е далеку поздраво од лососот за кој сите мислат дека е многу здрав. Всушност, лососот е една од најотровните храни моментално, бидејќи 99% од производството на лосос се врши во затворени услови. Лососот е дива риба на која и треба многу да плива, а во затворени услови тие риби брзо се заразуваат едни од други. Иако циркулираат во морска вода, сепак се затворени во т.н. фарми за лососи во кои ги товат, а за да можат да опстанат добиваат многу антибиотици, па во тие простори, поради присуството на овие антибиотици и не вирее ништо друго освен нив. Ги има главно во Норвешка и во Германија. Покрај лососот, една од најотровните храни се и ракчињата. Всушност, станува збор за едно големо лоби на индустриите кои имаат голема пропагандна машинерија. Знам дека после ова може да се случи да се јават многу опоненти кои ќе ми се спротивстават, но јас го зборувам ова како доктор, а не затоа што имам некаков интерес. Тоа се факти а кој сака може лесно да ги провери. Сите тие ракчиња за кои се пропагира дека се многу здрава храна и кои се продаваат по високи цени, односно, 95% од нив се од Кина и од Кореа и се отруени од антибиотици и други хемикалии кои им се даваат за да можат да опстанат во поранешните оризови ниви кои сега се претворени во фарми за производство на ракчиња. Теоретски тие се најздрави, но доколку се уловени некаде во Атлантскиот Океан, но тоа речиси веќе и не постои. Луѓето тоа не го знаат благодарение на клишеата кои ги форсира прехранбената индустрија. Практично, во оваа ситуација нивниот нутритивен ефект е под големи прашалници бидејќи ако се тие навистина толку здрави од каде тогаш толку болести? Болести кои се директно поврзани со карциноми, со резистенции на разни антибитотици, со појава на разни микроорганизми кои досега не постоеле, разни бактерии кои не реагираат на никаков антибиотик… Сето тоа е условено во еден добар дел од тие високо развиени земји кадешто се консумира баш таа наводно здрава храна. Слично е и со другите меса и индустрии, особено пилешкото месо кое е богато со хормони и антибиотици. Сепак, има големи раздвижувања во тој дел, во спротивен правец од оној што го форсира прехранбената индустрија која е една од најмоќните во светот. Ова што го кажувам не го кажувам од други причини, туку за да ги натерам луѓето малку да ги ревидираат сите тие клишеа кои владеат и да ги прилагодат кон својот живот.

 

Дали вие користите исклучиво органска храна и постои ли воопшто таква со оглед на тоа што загадувањето не доаѓа само од почвата и од хемикалиите што се ставаат во неа, туку и од воздухот?

– Не можеме да се заштитиме од воздухот. Затоа, она што е најважно е дека освен што на храната треба да се гледа како на лек, многу е важна и дозата. Освен тоа, организмот има и свои одбранбени механизми и се она што се случува, сите оние генетски манипулации, отровите и се што се случува околу храната и е голем светски проблем, се тоа има голема важност за сите нас. Најважно е ние како поединци да сфатиме дека иако не можеме комплетно да се одбраниме од сите тие негативни работи, она што можеме е да ги контролираме внесот и дозата. Следното што сакам да го направам во нашиот болнички ресторан е да применам една нова технологија на озонирање на продуктите. Сите да поминат низ еден посебен третман на озонирање кадешто озонот како медиум ги разградува сите антибиотици, сите хемикалии, ги уништува и на тој начин храната до 90, па дури и 100% може да се пречисти. Иако е ова една технологија која е поврзана со дополнителни инвестиции се надевам дека наскоро ќе можам да ја спроведам.

Од каде ви е оваа идеја, дали некаде се применува ваква технологија за пречистување на храната од хемикалии и други токсични додатоци?

– Постои таа технологија во светот и се прави најчесто на индивидуална основа, односно, има индивидуална примена од страна на луѓе кои дошле до сознание дека не можат да се одбранат од сите отрови па почнале да развиваат вакви технологии. Во медицината ја применуваме озон терапијата кај третман на гангрени, и ефектите се изненадувачки добри, имаме огромно искуство и со системско озонирање на целиот организам и го правиме тоа со години наназад.

Оваа идеја многу брзо ќе ја реализирам и наскоро ќе имате можност да пробате прочистена салата, риба, па дури и тој штетен лосос, и ќе се чудите што се ќе излезе од нив во текот на постапката.

Дали вие сте пробале некаде досега ваква пречистена храна?

– Лично го имам уведено овој систем во мојата кујна дома уште одамна. Освен тоа, дома заедно со сопругата која е исто така многу заинтересирана на овој план, правиме и многу други работи кои се здрави за организмот а се врзани повторно за храната. На пример, произведуваме самите за себе, за своја употреба ладно цедено масло од лен. Ова масло од лен е најбогато со аминокислеини и се користи главно такашто се додава на веќе зготвената храна или во салати. Ленот е побогат со аминокиселини и од маслото од лосос, но она што е важно да се каже е дека тоа богатство на незаситени масни киселини кај ленот е многу нестабилно, тие брзо оксидираат и се претвараат во оксидирани масни киселини кои освен енергетски придонес за организмот немаат ништо друго корисно. Од тие причини, лененото масло е практично невозможно да се пакува и да се продава па се она што индустриски се продава како ленено масло е буквално фрлање на парите. Во тие шишиња ленено семе што се продаваат нема ништо друго освен масло од лен со поминат рок. Траењето и ефективноста на лененото масло е максимум две недели ако се чува во фрижидер после тоа почнува да нагорчува а сите мислат дека треба да е горко. Па еве јас тврдам дека не треба и дека тоа само значи дека е ужегнато и дека нема никакви други хранливи состојки, освен енергетски.

rucek-so-dr-mitrev-aaa_8400

Со оглед на се што кажавте досега, очигледно внимавате на тоа да се храните здраво, но сепак, си дозволувате ли понекогаш некој „грев“, на пример, јадете ли вие некогаш ќебапчиња, а вашите деца хамбургер?

– Тоа е составен дел од мојата работа и на храната гледам како на многу важен дел и затоа ги следам сите тие работи и пробувам и јас да ги спроведувам врз мене. Што се однесува до хамбургерите и се друго, не може да го спречите тоа и не треба да се претерува и во тоа, па да се забега на друга страна. Некои експозиции на некои штетни работи, ако се во мала доза, го активираат организмот да се бори, па така, на принципот на вакцини, организмот реагира и се справува со нив. Се е во дозата и во контролирањето на внесот.

Во една пригода рековте дека воопшто не јадете се додека не завршите со операциите. Вашиот прв оброк ми се чини рековте тогаш, е дури вечерата. Дали се уште функционирате на  тој начин, како изгледа Вашето дневно мени?

– Така функционирам одамна. Тоа е мој начин на живот и преку неделата главно работниот ден ми е таков. Наутро станувам и наместо кафе или чај, гледам да испијам барем еден литар вода затоа што за време на спиењето организмот губи минимум пола литар течност па најбитно е да се внесе вода. Кафето и чајот се јаки диуретици и уште толку ја потенцираат дехидрацијата на организмот. Заради континуирана релативна дехидратација и уште некој дополнителен услов, како што е долготрајно седење, долго патување и слично, може да дојде до поголеми здравствени проблеми, како тромбоза во вени, пулмонална емболија или мозочен удар или дури инфаркт. Има луѓе кои практично не пијат вода, a таа е најдобриот и најефикасен начин да го почнете денот и доколку пробате ќе видите дека така ќе бидете и најсвежи.

Првиот оброк ми е кога ќе завршам со операциите, а тоа е некаде околу 7-8 навечер и главно е преку неделата јадење без месо, некое обично јадење како спанаќ, турлитава, сарма, полнета пиперка, не мора со месо, туку со ориз, со ореви, а и ако е со месо, тогаш е тоа минимална количина месо. Омилена ми е рибјата чорба со ослиќ, која е една од можеби посигурните риби кои се ловат во Атлантскиот Океан, кои се длабоко замрзнати и се добри за јадење иако многу луѓе мислат дека не се. Има некои работи кои се обични и не мора да се скапи и недостапни за да бидат здрави. Преку викенд си дозволувам да се опуштам па знам да се напијам и една, најмногу две чаши вино, нешто што не доаѓа предвид за време на работната недела. Си дозволувам и некои други нешта кои преку недела не ги консумирам. На пример, ако одам дома, во Штип, посетата не поминува без пастрмајлија. Благо никогаш не сум сакал и баш ме интересира какви ќе бидат моите резултати од генетското испитување кое го правам деновиве иако сметам дека најчесто ние интуитивно чувствуваме и сме многу блиску до генетското. Едвај чекам да видам дали тоа ќе се потврди во мојот случај.

Инаку, овој начин на живот сум го изградил и сум се навикнал на него, но и ми одговара. Имам напорен работен ден и сум испробал и сум видел дека било какво отстапување од овој мој режим не ми одговара и не се чувствувам добро.

Една од најпознатите диети за која нема кој не слушнал е диетата на Жан Митрев. Како настана оваа диета и кога?

– Уште на почетокот кога на пациентите им давав препораки за тоа што треба да јадат а што не, се направи некоја т.н. диета на Жан Митрев и моето име почна, условно кажано, да се злоупотребува. Јас во добар дел тоа не го демантирав затоа што таа диета не беше нешто штетно, се додека не се појавија некои рецепти за лек против рак и слично кои веќе морав да ги демантирам. Инаку, не стојам зад таа, ниту зад било која друга диета и во принцип сум против сите диети. Преку социјалните мрежи реагирам само кога гледам дека има злоупотреба на моето име или опасни и несоодветни препораки. Поентата е во тоа човек практично да не се фрустрира со погрешни насоки, како што е случај со повеќето диети.

Дали сакате да готвите, односно колку време имате за тоа, дали готвењето Ве релаксира? Неодамна се појави Ваша снимка на која можевме да Ве видиме како приготвувате храна на едно Ваше јавување во живо од болницата

– Ретко готвам, едноставно, немам време, но кога го правам тоа, готвењето ми е како еден вид растоварување, занимација, играрија. Што се однесува до снимката, таму правев еден рецепт во кој имаше и сланина, па веднаш се јавија некои т.н. диетолози кои ме повикаа на двобој – како тоа јас препорачувам да се јаде сланина?! Освен што сланината употребена во рецептот беше во мала количина, колку за шмек, јас не знам зошто толку реакции. Јас би ги прашал нив пак, а зошто тие ја забрануваат, на која основа?

Во медицината има нови сознанија особено во таа поврзаност на храната со болестите според кои сите обезмастени храни и лекови за намалување на мастите во организмот предизвикуваат појава на болести кои порано не постоеја или беа ретки. Во западниот свет има огромна бројка на луѓе кои се ближат до 65-70 години и кои се разболуваат од деменција и Алцхајмер кои порано биле многу ретки а сега речиси нема човек кој не доаѓа во некоја таква состојба. Таа генерација во западниот свет ја помина сета таа храна без масти, обезместени млека, сирења, салами, и што уште не, како и лекови за намалување на мастите во организмот, и сега веќе сериозно се смета дека тие болести се резултат на ова. На мозокот му се потребни масти, ние не сме по природа организам кој функционира само на растителна храна туку ни е потребна и животинска храна, и животински масти. Затоа и сите клишеа кои до вчера важеа како такви, веќе не важат. Исто така, досега нема ниту една научна студија која докажува дека веганството и вегетаријанството имаат било каква предност во однос на другите начини на исхрана во однос на болестите, односно, дека луѓето кои се хранат на тој начин живеат подолго.

Што им порачувате на крајот на читателите, како да се хранат, во што е клучот на здравата исхрана?

– Мојата препорака е да се вратат кон она што значи традиција. Традицијата е нешто што настанало во некои локални услови базирано на искуството на многу генерации. Ако се осврнеме само на нашата традиција, ќе видиме дека луѓето имале сезонска прехрана која е според мене клучот на здравата исхрана. Во нашата традиција ќе видиме дека имаме постови кои се поврзани со некои периоди од годината и од неделата и со некои празници и ако ги изброите и ги држите барем половината од нив ќе видите дека барем 3-4-5 месеци сте на пост, на внес на многу контролирана храна без масти, но има периоди во годината кога се колеле прасиња па се јаделе и месо и чварки и сланина, но тоа бил период кога е најладно и кога на организмот му требаат повеќе масти и енергија и е добра одбрана од надворешните влијанија.

Сега имаме тотално пореметување на биоритамот кој сме го имале со илјадници години наназад и тука е најголемиот проблем. Ако луѓето го најдат балансот од порано тука е решението и тогаш можеби се она што зборувавме претходно а врзано со болестите и сите негативни влијанија од ова пореметување, ќе се намалат за 90%. Сега имаме домати во зима, месо во лето, се е измешано, организмот е збунет, сите биолошки процеси се збунети и организмот не може да се избори. Препорака од мене до читателите е да си ги најдат традициите и да јадат сезонски продукти, се во контролирани и умерени дози.

Разговараше: Драгица Христова

Фото: Александар Ѓорѓиев