Викендов на првиот Скопски вински салон – Винодонија 2016 во новоотворениот хотел Мериот изложуваа повеќе од 30 винарии од земјава, како и од Балканот и Европа кои им ги презентираа своите вина на бројните посетители.
Намерата е овој настан да се одржува секоја година со намера да се зголеми бројот на винарии, вински авторитети и нивото на винската култура во Македонија. Меѓу изложувачите беа бројни мали винарии кои допрва се пробиваат на винскиот пазар, но сите со своја приказна. Меѓу нив, и малата семејна велешка винарија „Тристо“, позната по своето младо вино од сортата шардоне, но и по нивното пенливо вино, гордоста на сопственикот, господин Ристо. Меѓу изложувачите беше и винаријата „Брушани“, сопственост на двајца ортаци, Македонецот Орце Димитриевски и Англичанецот Тим Роули. Она по што оваа и уште две мали винарии „Ерос“ и „Пивка“, се издвојуваат од другите е тоа што имаат заедничка цел, да го промовираат виното од Станушина, автохтона сорта од тиквешкиот регион.
Освен изложувачки, овој настан имаше и едукативен карактер па се одржаа и повеќе работилници, предавања на кои се зборуваше за концептот на спојување на вино и храна. Со вината кои се дегустираа на салонот, имаше можност да се спарат со македонските президиуми: слаткото од диви смокви, специјалитетите од президиумот Буково и сирењата од президиумот Маврово-река. Освен вина, на еден од штандовите на странските изложувачи можеше да се пробаат и неколку италијански ликери од Сардинија, меѓу кои и ликерот за кој со голема страст за читателите на „Арт кујна“ зборуваше Италијанецот Франко Бранка. Станува збор за „Мирта“ типичен ликер на Сардинија со опоен мирис на Мирта, растение кое расте токму во овој регион и по мирисот потсетува на рузмарин.
Организатор на Скопскиот вински салон- Винодонија 2016 е група на македонски вински критичари, судии и ентузијасти кои под покровителство на Здружението на сомелиери на Република Македонија го организираа овој вински настан со амбиција да прерасне во традиционален.