Денови на полската гастрономија во „Пелистер“

Дел од менито по повод манифестацијата се татарски бифтек, гради од патка со палачинки од тиквички, црвена зелка и сос од вишни, филети од сом со сливи и зелен зеленчук и многу други.

0
288

Со поддршка на Амбасадата на Република Полска и Почесниот конзулат на Полска во Македонија, од 31 октомври до 4 ноември по втор пат ќе се одржи манифестацијата „Денови на полска гастрономија“.

Домаќин на настанот ќе биде ресторанот „Пелистер“ лоциран на плоштадот „Македонија“ во Скопје каде сите посетители ќе имаат можност да вкусат од многуте специјалитети карактеристични за полската кујна. Дел од менито по повод манифестацијата се татарски бифтек, гради од патка со палачинки од тиквички, црвена зелка и сос од вишни, филети од сом со сливи и зелен зеленчук и многу други. Специјалитетите се приготвени од реномираниот полски готвач Матеуш Турај, инаку шеф на кујна во ресторанот Мјодова во Краков.

– Организацијата на настан кој на македонските граѓани ќе им ги доближи вкусовите и звуците карактеристични за Полска, за нејзината култура и традиција, за нас претставува вистинско задовоство. Затоа, чест ми е да ги поканам сите оние кои би сакале да уживаат во автентичните полски јадења и полската музика да ја искористат оваа прилика да бидат дел од гастрономското патување во Полска – изјавија од организацијата на манифестацијата.

Со цел поддршка на промоцијата, како на полската култура така и на полскиот јазик во земјава, во рамките на манифестацијата „Денови на полската гастрономија“ Почесниот Конзул на Полска во Македонија додели стипендии за студентите на Катедрата за Полски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.