Сомелиерите ќе им ги претстават македонските вина на туристите во Охрид

Во организација на Македонската Асоцијација на Сомелиери – МАСОМ се организира настанот „Вински Тераси – Охрид“ на кој на домашните и странските туристи во Охрид ќе им бидат претставени вината на дел од македонските винарници

0
91

На 10.август (сабота) со почеток во 18 часот, во ресторанот „Канео“ во Охрид, во организација на Македонската Асоцијација на Сомелиери – МАСОМ ќе се оддржи винскиот настан „Вински Тераси – Охрид“ каде дел од македонските винарници (Тиквеш, Стоби, Шато Камник, Далвина, Езимит, Венец, Вирго, Шато Сопот, Пуклавец, Брзанов) ќе ги претстават своите вина на домашните и странските туристи.

Она што е ново за Охрид е тоа што за првпат вакво претставување ќе се спроведе во сомелиерски манир, како што доликува на македонските вина. Гостите ќе имаат со симболична влезница од 400 денари да дегустираат преку 100 различни вина по сопствен избор. Изложените вина ќе бидат од квалитетни до вина од премиум сегментот, правилно послужени, проследени со стручни информации околу карактеристиките, сортите и македонските виногради.

Секако, не случајно е одбран и ресторанот Канео кој го прифати предизвикот и чиј тим ќе биде задолжен за гастрономскиот дел од настанот.

Името „Вински Тераси – Охрид“ треба да асоцира на тесната врска помеѓу „лозовите тераси“ како микролокации од каде најчесто доаѓа најквалитетното винско грозје до „винските тераси“ од сегментот на ресторатерството и хотелиерството каде тие вина треба да им се понудат на посетителите во туристичките дестинации на соодветен, правилен начин.

„Вакви вински настани треба да станат традиција по нашите туристички места. Претставувањето на македонското вино на странските пазари треба да го ставиме во еквилибриум со домашниот пазар, особено во туристичките оази како што е Охрид. Гастрономијата пак да ја насочиме кон традиционалната кујна комбинирана со модерни техники. Имаме што да понудиме, но не очекува многу работа за што се чувствуваме навистина спремни“ – изјавија од МАСОМ.

Фото: Pixabey