Во сабота, 27 јули, во живописното село Скребатно во близина на Охрид, по седми пат ќе се одржи традиционалната манифестација „Охридска софра 2019“, а ѓомлезето како најомилен деликатес од овој крај, ќе биде „ѕвездата“ на настанот.
Како што е познато, ѓомлезе, ѓомлезец, тури-потпечи или кашаник е македонско традиционално јадење, симбол на кулинарството во Охрид и Струга, а сите присутни ќе можат да гледаат како се приготвува, а потоа и да го дегустираат. Велат, кој не пробал oхридско ѓомлезе под сач, не знае што пропуштил!
Ова е вистинска прилика да се надомести пропуштеното, и бидејќи специјалитетот се подготвува неколку часа, веќе од 8 ч. наутро ќе се палат ѓомлезарски огнови а многубројните натпреварувачи ќе бидат на својата позиција уште од самиот старт.
Официјалниот почеток на манифестацијата е 10 часот и истата, декларирана како најомилена во локалните рамки претставува извонредна можност за промоцијата на алтернативниот туризам во охридскиот регион, како и потсетување на она што значи традиционална софра.
Во текот на неколкучасовната програма, готвачите од „Гастромак“ ќе имаат специјално кулинарско шоу, а специјалната жири комисија ќе го пробува и оценува подготвеното ѓомлезе. Најдобриот ќе го каже рецептот за овој специјалитет.