Дали храната од микробрановата печка е здрава?

Храната приготвена во микробрановата печка е безопасна за здравјето, истакнуваат германските стручњаци, но предупредуваат дека може значајно да ја намали содржината на витамини во намирниците.

0
224

Микробрановата печка овозможува храната од замрзнувач да се стопи или да се подгрее за неколку минути и да биде подготвена за консумирање, благодарение на зрачењето на фреквенција од 2,45 гигахерци.

Печката не ѝ додава на храната ништо освен топлина. „Микробрановата е безопасна за вашето здравје“, вели експертката за исхрана Маргрет Морло.

Ина Стелјес од германската агенција за заштита од зрачењето го потврдува тоа.

Теоретски би можеле да се потпрете само на микробрановата печка за подгревање на сите напитоци и храна секој ден.

Но, постојат исклучоци. На пример, на нашата исхрана ѝ е потребно сирово овошје и зеленчук и ако мислите дека можете да ги замрзнете и потоа да ги одмрзнете во микробранова со задржување на сите витамини – не сте во право.

„Многу витамини се чувствителни на температурата“, вели Морло.

Температурата, светлото и кислородот ја намалуваат содржината на витамини и максималното губење на витамини е од 40 до 80 отсто, а фолатите и витаминот Ц можат и целосно да се уништат со загревање.

„Електромагнетните бранови предизвикуваат големи осцилации особено во молекулите на водата во храната“, вели Морло.

Тие осцилации произведуваат топлина па намирниците со поголем процент на вода се загреваат побрзо од сувата храна.

Важен е и изборот на вистински сад за загревање.

„Најдобри се садовите изработени специјално за микробранова печка, но порцеланот и стаклото се исто така добри“, вели Анабел Оелман која раководи советодавен центар за потрошувачи  во Бремен.

Никогаш не смеат да се користат пластични садови од меламин, вели Андреас Хенсел, водач на германскиот институт за проценка на ризик, владина агенција која дава совети за безбедноста на храната.

Меламинот може со загревање да ослободува во храната формалдехид кој е штетен за здравјето.

Оелман истакнува дека микробрановата печка често нерамноправно ја загрева храната.

„Тоа значи дека првата голтка на вашето какао може да биде млака а потоа, секунда подоцна, да се изгорите“, вели експертката. Затоа е важно пијалокот да се измеша пред консумирање.

Најдобро е да се остави храната да стои две минути по загревање за топлината да се распореди рамномерно, вели Морло.

„Безбедносните механизми обезбедуваат надвор од печката да има многу малку зрачење за време на нејзината работа“, вели Стелјес. Малку зрачење може да „истече“ но тоа не е опасно за здравје.

Како мерка на претпазливост се препорачува непотребно изложување на високофреквентно зрачење. Затоа германското друштво за заштита од зрачење се препорачува децата да не стојат пред „микробранова“ или близу до неа додека се загрева храната.

Фото: Pixabey