Креативна скопјанка изработува уникатни декорации, а некои од нив можат да се jaдат и да се пијат

Олгица Русимов Павловска е уметничка душа, па иако професионално никогаш не се реализирала во оваа област, уметноста е нејзино секојдневје. Нејзините изработки и уникатни декорации се најразлични, а оние најубавите се изработени со помош на зрна кафе. Впрочем, вели таа: јас сум зависник од кафе и беше нормално еден ден и тоа да стане дел од моите креации.

0
778

Веројатно оние кои се родени во 1960. и некоја ќе ја препознаат оваа зеленоока скопјанка која беше дел од „бандата“ што излегуваше на кеј и во тогашниот Дом на младите 25.Мај (денешен МКЦ).

Таа е и „виновникот“ за песната „Глинено око“ од „Триангл“ која Драган Б. Костиќ ја прогласи за една од најубавите македонски балади, која има и два римејка, еден од Џина Папас Џокси и една на новиот албум на Петар Ренџов. Беше и дел од хорот на Запро Запров, но и сопственик на првата регистрирана игротека во Македонија.

Но она поради што е денеска наш соговорник, се нејзините рачни, уникатни декорации, некои од нив само уметнички, а некои и со практична намена. Токму такви се и овие најновите, наменети главно за мажи, кои како што вели таа, ги изработува токму сега – во женскиот месец од годината. Оние за жените се веќе готови, од претходно, а честопати ги прави и по нарачка.

Олгица Русимов Павловска е уметничка душа, па иако професионално никогаш не се реализирала во оваа област, уметноста е нејзино секојдневје. Нејзините изработки и уникатни декорации се најразлични, а оние најубавите се изработени со помош на зрна кафе. Впрочем, вели таа: јас сум зависник од кафе и беше нормално еден ден и тоа да стане дел од моите креации.

Креативната скопјанка Олгица Русимов Павловска е жив доказ дека ниту една родителска забрана за она што некој го сака како свој ангажман и професионална определба, нема да ги спречи афинитетите на еден човек кога-тогаш да „експлодираат“ и да се реализираат.

Бидејќи од мала нејзината уметничка жичка доаѓала до израз на часовите по ликовно, но и во слободно време кога наместо да игра ластик, освен што шиела фустанчиња за куклите,  изработувала минијатури со помош на топен восок и цртала, сакала да се запише во средно уметничко, но нејзините родители сметале дека „од тоа нема леб“, па ја запишале во средно-економско. Подоцна студирала англиски јазик, бидејќи освен афинитет за уметност, имала и афинитети кон јазиците, а животот ја одвел во некои сосема други правци, па и во семејниот бизнис со врати и прозорци, но никогаш не престанала да се занимава со уметност, да слика  и да изработува најразлични декорации.

Денеска, за разлика од претходно, не изработува веќе толку многу минијатури, зашто, како што вели, нема веќе толку остар вид, но прави вистински мали „приказни“ во кои има сѐ, и куќичка, и дворче, и тревичка и сето тоа од природни материјали кои честопати ги собира за време на своите прошетки низ паркот во чија близина живее

Со оглед на тоа што е голема кафеџика, Олгица, или како што ја викаат пријателите, Оле, посегнала и по кафето и го употребила како материјал за изработка на своите уникатни декорации.

За среќа, зрната кафе се премачкани и заштитени со лак, па нема шанси истото да биде употребено доколку останете без кафе, но е вистински украс во секој амбиент.

На нејзината фејсбук страница насловена „Декорации уникатни“ пишува: Можете да си изберете од веќе направените или пак можете да си нарачате и ќе ви бидат направени слични, бидејќи, две исти – не правиме!“

Инаку, Олгица пораснала во Карпош 1, а подоцна живеела зад Универзална сала кадешто била и нејзината игротека „Стефи“. Сега е отспротива, близу до градскиот парк и секојдневно шетајќи таму, пронаоѓа необични форми на гранки, а во изработката на своите декорации, освен зрна кафе, користи и керамика, коноп, и разни други природни материјали.

Нејзините најнови изработки пак, кои се и светски тренд и одлична замена за цвеќе или бонбониера, содржат и јадливи елементи, на пример, чоколадни бонбони и пијалок или пакувано кафе, кое за разлика од зрната кафе кои се само декорација, може да си го сварите и да го испиете.

 

Инспирацијата за овие изработки, вели, најчесто ја добива ноќе, кога сите спијат и тогаш е во состојба новиот ден да го пречека наведната над својата изработка без да сети дека ноќта поминала.

Многу често знае и да ги преправа, да им додава и да им одзема по нешто, па дури и по сто пати, сѐ додека самата не биде комплетно задоволна од „производот“.

Практично, иако ја начнала и ја живее втората половина од векот, сѐ уште сака да си игра и да се пробува и испробува во најразлични техники, а нејзината инспирација, умешност и пред сѐ, трпеливост, се неисцрпни, како и поводите кои ја инспирираат.