Тафталиџански гуруа за ајвар

Последна од активните пензионерки во наше маало - сосетката Вера, е нашиот гуру за правење ајвар. Поточно, таа е гуруто на Бети, а Бети е нашиот...мислам, мојот. Кој е вашиот гуру за ајвар?

0
847

Кој мислеше дека еден ден јас самата, без ‘принуда’, со своја одлука, ќе решам да правам ајвар. И дека сама ќе си ги лупам пиперките до доцна во ноќта, како што еднаш го направи тоа и мајка ми кога не испрати да си легнеме велејќи дека нема уште многу па остана сосема сама до изутрина – таа, пиперките и ежињата во дворот. Долго потоа раскажуваше дека во некое глуво време од ноќта ѝ било страв затоа што од сите страни нешто шумолело и крцкало (дел од тоа, докажано, се должи на движењето на ежињата низ тревата). Да, иако во тој период имавме маалски полицајци, имавме и маалски манијаци, од оние што ѕиркаа низ прозорци. Нормално било да се плаши жената. Ама ете, мајка, за да не заштити сите нас, вклучувајќи го и татко ни кој беше задолжен за печење и пржење па редовно после 100 кг испечени пиперки имаше проблем со плускавци на задникот, таа решила да се жртвува.

Јас не се жртвував за никого, ама така излезе. А и немав 100 килограми, туку една кутија од 15 килограми пиперки. Такашто, не е нешто што е вредно за споменување, ама сепак, секое ковченце ме боли. (Да не заборавам. бев поштедена и од печење бидејќи си имам брат кој одлично го менува татко ми). А страв, не ми беше. Кутрите манијаци веќе одамна ги нема. Едноставно немаат како да припарат за да ѕиркаат низ пенџериња, од сите тие куќи и згради што се изградија наоколу. А и тие новодојдени станари, кутрите. Си мислат, купиле стан во Тафталиџе, џанам, елитна населба, а кога тоа, од сите страни мириса на пиперки.

На нашава улица некои навики никако да изумрат. И зошто би изумреле? Кој не сака тазе домашно ајварче?!

Инаку, работите обично одат по овој редослед…

Се пали ќумбето кај сосетката Вера – маалскиот гуру за правење ајвар, и не се гаси со денови. Доаѓаат едниот внук со семејството, па другиот, па братучетка ѝ, па … како и да е, мирисот на печените пиперки секогаш почнува токму таму.

Потоа зачадува кај Бети. Од годинава и таа почна да прави прво за себе и за внукот од сестра ѝ, а потоа и за внука ѝ. Тогаш од прозорецот ќе ја здогледа Ана, ја пали колата и брзо и таа по пиперки. Е потоа, со оглед на тоа што сме во иста куќа, си викам, ај и јас, да не останам покусо.

Порано, кога моите ќе се појавеа со пиперките на врата, мене ми се темнеше. Постојано се прашував зошто еднаш не прескокнат, мора ли да се прави ајвар секоја година?! Ама потоа, потоа ќе се појавеа со столчињата во рака сосетките отспротива и ќе седнеа да лупат. И почнуваа интересните тафталиџански муабети, а работата брзо се завршуваше. Не се сеќавам само што се случило таа година кога мајка ми останала да лупи сама до сабајле, или се погодило баш истиот ден сите да прават или биле дојдени да помогнат, ама со оглед на количините сигурно ги стемнило па мајка ми ги ‘разбркала’ сите по дома.

Сега постарите сосетки починаа, мајка ми се разболе од Алцхајмер па не може дури ни консултант да ни биде, ама затоа е тука моето гуру – Бети. Дојде спремна, со престилка, и брзо не организираше. Ја намести машината за мелење пиперки (по старски), а потоа почнавме да мелеме. Помладата генерација, син ми и жена му, не не оставија на цедило. Иако, најтешката работа, лупењето, беше завршена, ме поштедија од мешање и пржење. А бидејќи пиперките се цедеа цела ноќ, а и не беа многу, не им требаше многу пржење. За вкусовите не вреди да се расправа, ама ние се расправавме. Гуру Бети вели – треба уште малку зејтин, син ми вели – сол, а жена му вели – добар е. И така, ајварот беше готов. За полнење на теглите сите по 2-3 тегли и готово, толку беше. Но кој мислеше дека најтешката работа ќе биде затворањето на теглите. А ги купив утрото, малечки тегли-10 денари една. Арно ама не ги бидува, капаците шлајфуваат. Затворив четири, другите шипак. Бесконечно се вртат. Отидов по други капаци од истото место. Им велам, не ги бива овие, дајте ми други. Истата приказна. Ама тоа е, се појави внук ми, ги зали со силикон, па сега, нека ни е наздравје, нема да влегува воздух дефинитивно, ама којзнае дали воопшто ќе можеме некогаш да ги отвориме. И така некако ми се скрши меракот. На цела мака, замислете колкаво разочарување е кога на крајот ќе ве зезнат едни глупави кинески капачиња!

Важно, се заврши работата.

За крај, еве еден добар совет од гуру Вера, кој ни го пренесе нашиот гуру – Бети.

Модрите патлиџани за ајварот печете ги во рерна, претходно излупени и исечени на парчиња. Потоа ќе треба само да ги сомелете наместо да се мачите уште еден час со лупење.

Добар совет, нели?

П.С. Кажете ни како е во вашето маало, дали и кај вас се уште се прави ајвар во дворовите?