Кога Бојана од ‘Ситно сецкано’ ќе ви дојде на гости…

Може да се случи да ви се појави со некое убаво топло лепче, фокача, марокански солени лимони,... и со рецепти за истите, без премолчување на евентуална тајна состојка. Денеска го објавуваме рецептот за солените лимони и неколку објаснувања за тоа во што сѐ можете да ги употребите

0
648

Кога имате среќа да ја познавате Бојана Димитрова, инаку, прва блогерка за храна кај нас која својот блог „Ситно сецкано“ го почнала со својата сестра Маја пред цели 11 години, тогаш ќе ви се случи да ви дојде на гости со две полни торби. И тоа не се кафе и бонбониера, ниту пак се колачи и боза, туку убав топол леб со домашен квасец (стартер), фокача направена повторно со стартер и премачкана со смеса од марокански солени лимони, две теглички токму со тие марокански солени лимони кои таа веќе ги изблендирала и ги подготвила за употреба и со вегански колачи со аквафаба (течност во која се варел наутот).

И што да ја послужите тогаш вие?!После сето ова, тоа е навистина голем проблем. Ама со тој убав топол леб, одлично оди пинџурот од ајварки и модри патлиџани и намаз од урда, краставица, павлака, маслиново масло и копар, а со фокачата – домашно тазе песто од босилек, малку кашкавал, малку ‘расипано’ сиренце, маслинки и тефтер за запишување на рецептите за кои е Бојана незапирлив извор. И тоа, не било какви.

На пример, не само што го добивме рецептот за мароканските солени лимони, туку и неколку рецепти во кои можете да ги употребите. Секако, тука е и серијата фотографии доколку после ова посакате и сами да ги подготвите. Останатите рецепти од Бојана следуваат деновиве. Еден по еден, бидејќи секој од нив заслужува посебно внимание.

Рецепт за солени лимони

Прво измијте ги лимоните и доколку немате органски лимони, оставете ги преку ноќ во вода со сода бикарбона или во вода со алкохолен оцет. Кога ќе ги извадите од растворот повторно измијте ги.

Засечете ги на четвртинки по должина, ама не до крајот (треба да се држат на едната страна) и ставете по една лажица крупна сол во секој. Наредете ги густо во тегла (можете и во помала тегла за почеток), притиснете ги убаво, ставете уште една-две лажици сол врз нив и наполнете ја теглата со сок од лимон. Лимоните треба да бидат целосно потопени во сокот.

Затворете ја теглата и оставете ја да стои околу три недели на собна температура, најдобро во шкафче. Од време на време, секој ден или секој втор ден, отварајте ја теглата и притиснете ги лимоните под течноста, ако испливале горе.

После три недели лимоните треба да се омекнати и интезивно солени.
Може да се користат исечкани во јадења, ама јас ги блендирам, целите лимони и целата течност, а пастата што се добива може многу долго да стои во фрижидер, со месеци.

Одлична е во салати, манџи, супи… многу е вкусна ако се намачка врз зеленчуци пред печење, врз риба, за маринирање месо…
Еден од најдобрите начини да се искористат солените лимони е во хумус, а рецептот можете да го најдете ТУКА.
На блогот има уште многу рецепти со солени марокански лимони, како салата од кускус или јачмен, наут со праз, хумус од цвекло, кременадли…
Ако сакате да видите како изгледа подготвувањето на мароканските солени лимони, погледнете го и видеото.