Пиварките се едни од најубавите старински домашни колачиња, едноставни по состојките, како и сите колачи кои ги правеа нашите мајки и баби, но незаменливи по вкус.
А сите си чуваме некој стар тефтер наследен од мајките или некој наш, кој и покрај сите рецепти на интернет, сме сакале да си го пополниме токму со нивните рецепти, па така и нашата читателка Олгица Русимов Павловска. Таа деновиве си ги направила овие пиварки по рецептот на нејзината мајка Вена.
Состојки:
7 лажици шеќер
1/4 шолја зејтин
1/4 шолја пиво
1 прашок за пециво
брашно по потреба (да не биде многу тврдо тестото)
Приготвување:
Се мешаат шеќерот, зејтинот и пивото додека да се стопи шеќерот, па се додава брашно и прашок за пециво. Се замесува тесто кое не треба да е многу тврдо.
Се сука кора со дебелина од 1/2 цм и се сечат коцки. Во секоја коцка се става јатка орев, се виткаат и се редат на подмачкана тепсија.
Додека пиварките се печат, вие подгответе го шербетот од 200 г шеќер и 300 мл вода. Се додава и малку сок од лимон.
Додека се уште врели пиварките се потопуваат во шербетот па се валкаат во мелени ореви или во кокос.