Семеен квартет за готвење

Во домот на прилепчанецот Златко Грабулоски, шеф во скопскиот ресторан Воденица-Мулино, во кој сега се готви само за нарачки и со скратено работно време, овие денови кујната е главно место за семејно дружење. Златко, Искра и главните помошнички Елена и Мила уживаат во заедничкото готвење исполнето со забавни мигови

0
793

Првото работно искуство на Златко Грабулоски, веднаш по завршувањето на угостителското училиште во Крушево, било во интернационалниот ресторан на хотелот „Бистра“ во Маврово.

„Почнав со предизвикот на изучувањето на подготовката, креативноста и начинот на работење во интернационалниот ресторан на хотелот Бистра во Маврово. Во првите пет години на работење и следење на процесите, од моите шефови научив многу, од набавка до подготовка и послужување на храната, од салати, пасти, месо, морски плодови и десерти. Од планина заминав на море, работев на црногорското приморје во расторан во кој бев одговорен за водењето на кујната по мој терк, бев слободен и креативен во изборот, подготовката и дизајнот на свежата морска храна која ја имаше во изобилство. Уживав во работењето сезонски, летно време во Црна Гора, а во зима на Маврово.

Со моето доаѓање во Скопје, прв вистински професионален предизвик ми беше работењето во кујната на ресторанот Воденица, кадешто медитеранската и италијанската кујна се на прво место.

Во овој период на пандемија од вирусот КОВИД-19, работата во кујната е редуцирана и поделена во тимови кои работат со скратени работни часови, приготвувајќи вкусна храна за сите кои ја нарачуваат и знаат да ја уживаат, почитувајќи ја и во домашен амбиент.

Така, сега ни останува повеќе време за забава, љубов, дружење, едукација, готвење и други активности во домот со најблиските, сопругата Искра, ќерката Елена (7 години) и ќерката Мила (5 години).

Во приготвувањето на оброците дома учествуваме сите и е многу интересно. Ако јас сум одговорен за главните јадења, сопругата Искра – за десертите, главните помошнички, Елена и Мила се секогаш околу нас и играта со тестото, украсувањето на пиците, кифличките, крекерите, палачинките, филовите и останатите јадења ги прават уште позабавни мигови на радост и среќа.

 

Се обидувам секогаш оброците за ручек да бидат здрави, разновидни и комплетни, супа, салата, месо или риба, зеленчук, десерт, а во петок, се знае, гравче.

За вечера, салата, овошје, домашни крекери, забава и едукативно дружење со најмилите“, раскажува Златко.

Но има забава и надвор од кујната, па девојчињата секојдневно организираат модни ревии под насловот „Четири сезони“, точно на пладне.

„Играта со куклите, барбиките и боењето следуваат потоа. Деновите се исполнети и со други друштвени игри како „Не лути се човече“, моменти на инспиративни игри, дружење и игра со кучето Бела, а секако, приоритетот го имаат домашните задачи кои редовно се завршуваат онлајн.

 

Во овие денови на изолација, на 30. март го прославивме и петтиот роденден на Мила. Мама и тато направија торта, а другарчињата од градинка преку видео порака и’ го честитаа роденденот.

Се надевам дека работите наскоро ќе се нормализираат, дека ќе го победиме вирусот што побрзо, оставајќи простор за нови животни и професионални предизвици, дружења и љубов кон храната и работата“, вели шеф Грабулоски.