Преферираме локално и сезонско, ама понекогаш знаеме да ‘отпатуваме’ со нешто егзотично

Во некои скопски маркети за време на викендите може да се најдат пристојни плодови ананас, манго и авокадо по половина цена. Така нема да се чувствувате глупаво што наместо круша, сте купиле манго (иако, и крушите, со оглед на цената станаа прилично егзотични). Не е лошо понекогаш да се 'отпатува' некаде благодарение на некој, за нас, егзотичен вкус

0
153

Салата со егзотично манго и домашна краставица. Не е воопшто лошо. Напротив.

Освен тоа, мангото е познато како крал на овошјето и е едно од најпопуларните овошјa во светот со неповторлив вкус и арома. Делува превентивно за спречување рак, но и за намалување на неговото ширење поради содржината на феноли како кверцетинот, и ензимите кои имаат антиканцерогено дејство.

Ако сте нетрпеливи или пак се брзате да ја направите салатата, кога е плодот малку позрел, треба да знаете дека е потежок за сечење, па можеби изгледот на мангото во оваа салата нема да ве воодушеви, како што е случај кога е исечен и послужен онака беспрекорно исечен на коцки, но вкусот е и натаму одличен.

Краставиците пак ги имаме во изобилие и најмногу се составени од вода. Благодарение на силициумот, витаминот Ц и кафеинската киселина, краставицата со право се користи за одржување убава и здрава кожа. Силициумот игра важна улога во врзивното ткиво, вклучувајќи ги мускулите, лигаментите, ‘рскавицата, коските, тетивите и е важна компонента во одржувањето на здравјето на кожата, косата и ноктите. Витаминот Ц и кафеинската киселина го спречуваат задржувањето на водата, што ја објаснува употребата на краставицата во маските за подочници, изгореници и дерматитис. Претставува природно хидратантно средство. А количеството на калиум, магнезиум и прехранбени влакна ја прави краставицата посебно вредна намирница во менито на оние кои страдаат од покачен крвен притисок.

За оваа салата ви требаат:

1 манго

1 краставица

сок од 1 или пола лимон (во зависност од тоа колку е сочен)

маслиново масло, црн пипер, свежо нане

Ги сечете мангото и краставицата, а потоа ги зачинувате, ги прелевате со маслиново масло и сок од лимон додавате свежо нане.

Фото: Стефани Христов