#ПосенПеток: Наут бургери

Замислете, најдовме заборавена тегла со наут и точно знаеме од каде - од нашите пријатели Цветанка и Горан Колеви, производители на органски наут, уров и просо од Кавадарци. Го потрошивме цел и за #ПосенПеток направивме бургери со наут и, се разбира, хумус за цела недела

0
345

Цветанка и Горан Колеви, се брачна двојка од Кавадарци. Таа е несудена професорка по македонски јазик и реализирана поетеса, а тој – агроном. Двајцата се занимаваат со производство на органски мед, наут, уров и просо. Тие се активни членови на здружението на производители на органска храна „Биовита“ од Кавадарци, а со големо задоволство зборуваат за тоа што го работат, за волшебната наутлија, и за својата љубов кон природата и традицијата. Е токму од нив е и наутот кој беше инспирација за денешниот #ПосенПеток.

Еве го и рецептот за наут бургерите, кои се всушност со ист состав како фалафелите, само со поинаков облик и наместо да ги пржиме, ние ги печевме во рерна. Со остатокот од наутот направивме хумус за неколку дена.

Состојки:

2 шолји наут (претходно наутот се остава да стои во вода 24 часа, а може и помалку. Нашиот стоеше во вода околу 16 часа)

Речиси цела китка магдонос

2-3 чешниња лук

2 лажици црвен пипер

1 лажица коријандер

1 лажица кумин

сол и црн пипер по вкус

2 лажици маслиново масло

1 лажица интегрално брашно (по потреба)

Приготвување:

Исцедете го и исплакнете го наутот и ставете го во блендер заедно со маслото, лукот, магдоносот и зачините. Ако ви останат некои несмелени зрна наут, не мора да ги вадите, оставете ги во смесата.

Ако има потреба додадете и малку брашно. Добро е смесата да постои барем пола час.

Потоа обликувајте ќофтенца и ако сакате сплескајте ги за да се испечат побрзо.

Наредете ги врз хартија за печење и печете ги 15-20 минути. Потоа превртете ги и печете уште малку додека не се заруменат.

Можете да ги јадете со прелив од таан, сусам, лимон и вода или со посен мајонез.

И задолжително, зелена салата и домат.

Можете да ги спакувате и во лепче за бургери.