Од кога не сте јаделе домашно поткиселено млеко?

Се сеќавам на поткиселеното млеко на баба ми какво што не сум пробала со години. Ама еве, на пазар има жени кои продаваат домашно млеко, па ништо не не спречува да им се вратиме на овие стари добри навики - да си поткиселиме млеко

0
282

Иако порано мислев дека е глупаво да се поткиселува млеко дома, кога веќе може да се купи од продавница, сега си викам, како сум можела да размислувам така.

Се сеќавам на она млеко што се продаваше во кесички и кое мораше задолжително да се свари пред употреба. И за него мислев дека е глупо, па повеќе сакав да купуваме тетрапак. Ама баба ми си тераше по свое. Често го користеше токму тоа млеко од кесички за да поткисели домашно кисело млеко. Сепак, немавме среќа да живееме на село и да имаме ‘вистинско’ домашно млеко. Ама паметам дека и ова мирисаше многу убаво кога ќе го свареше. Иако не сакав да признаам, го обожавав кајмакот што се правеше одозгора. На сестра ми ѝ го цедеа, а јас мојот си го јадев со лажичка.

Сега има жени кои на пазар носат млеко за продавање. Ако ви се проверени, тогаш слободно земете си од ова млеко, сварете го, па нека ви замириса домот на ‘порано’. Мене овој мирис на тукушто сварено млеко ми беше и најубавиот мирис кој сакав да го почувствувам кога наутро ќе ги отворев очите. И токму тоа беше мирисот со кој не будеше баба ни. Во топлото млеко често си стававме и по малку кафе.

Обично, баба ми чекаше да се подизлади свареното млеко и откако ќе одвоеше еден дел за пиење, во остатокот додаваше малку од претходно направеното кисело млеко од кое секогаш оставаше по еден филџан за новата тура, ќе го измешаше, ќе го покриеше и ќе го завиткаше во ќебе. Следното утро имавме поткиселено млеко.

Се разбира, ако досега не сте поткиселувале млеко, можете да го направите ова и со додавање на еден филџан купечко кисело млеко.

Разликата е видлива дури и визуелно, а вкусот, е неповторлив. Пробајте!