Нова реколта мармалад од шипки

Палачинки не се палачинки ако немате мармалад од шипки, а и зимата не е зима, без чај од шипки, нели?

0
425

Ако и вие не можете да си замислите да правите палачинки ако во фрижидерот немате мармалад од шипки, тогаш токму сега е време да си го набавите. Се разбира, ако сѐ уште се задоволувате со некој индустриски, можете да си го купувате кога било, но ако сте го пробале оној што го произведува брачната двојка Ангелески, веројатно знаете дека го нема кога било. Имено, госпоѓа Мирјана и господин Бранко го прават во октомври, кога е сезоната на шипки, но не го прават во огромни количини, туку само толку колку што можат да произведат тие двајца во својата мала работилница во село Слепче.

„Не можеме да произведеме многу бидејќи правењето мармалад од шипки е тежок процес, а ние го правиме на стар, традиционален начин. Шипките бараат многу работа, полни се со семки и иглички кои мора да се отстранат, а за тоа треба да се поминат преку 4 преси кои ги изработи Бранко.

Шипките прво се мијат, па ги омекнуваме на пареа, а потоа одат низ 4 преси, сите со различни отвори. После четвртата, одат на варење. Шипките се единственото овошје кое и со термичка преработка не го губи витаминот Ц со кои се шипките навистина богати. Од шипките правиме и сок од шипка, а дел си оставаме и за чај. Шипките се и многу лековити, па не залудно и една жена на една од манифестациите кадешто го изложувавме нашиот мармалад ни рече: ‘Вие не продавате мармалад, вие продавате лек. Јас со мармалад и со чај од шипки се излекував од стомачните болести. Па еднаш и Бранко кога го болеше стомакот, си зема една-две лажички од мармаладот и тој му ги смири болките. И не е чудно, бидејќи овој мармалад ги има во себе сите природни состојки на шипките, па и маслото што го има во шипките и кое понекогаш може да се случи да го забележите на површината од мармаладот“, ни објасни госпоѓа Мирјана во минатогодишното интервју за Арт кујна.

Инаку, ако сакате да си наберете сами и да си имате зимава за чај, шипки сѐ уште можат да се најдат на Водно. 

Чајот од шипки е одличен избор за стимулирање на имунитетот, а штити и лекува од многу болести. Шипките содржат витамини А, К, Д и Е, како и минерали калциум, магнезиум, калиум и манган.

Освен тоа, плодовите содржат и рибофлавин (витамин Б2), цитрусна и јаболкова киселина, јаглени хидрати, како и мала количина на протеини и масти.

Периодов кога е актуелен вирусот КОВИД-19, добро е пиете чај од шипки поради високото ниво на витамин Ц во шипката која го стимулира имунолошкиот систем. За да се заштитите, пијте чај од шипка двапати на ден. Ако сте болни, тој драстично го намалува времето за закрепнување. Ги олеснува болките во грлото, затнатиот нос и белите дробови.

Освен витамин Ц, шипките имаат и ликопен, моќен антиоксиданс кој помага во борбата против холестеролот.

Чајот од шипки е ефикасен и за намалување на крвниот притисок, за подобрување на варењето на храната, кај несоница, замор и менструални проблеми. Помага кај болка во зглобовите, кај инфекции на уринарниот тракт и камења во бубрезите, ги стимулира црниот дроб и жолчката, се користи за детоксикација на црниот дроб и кај проблеми со централниот нервен систем.