Еве ви шипки – и пекмез и лек!

Мирјана и Бранко Ангелески живеат во скопско Тафталиџе веќе половина век, исто колку што се и во мирен и хармоничен брак - мазен и убав како мармалад од шипка.

0
1744

Мирјана и Бранко Ангелески се тафталиџани со прилепско потекло и едни од најактивните пензионери кои веќе 12-13 години се занимаваат со производство на најубавиот мармалад од шипки кои некогаш сте го пробале. Природен, направен на традиционален начин, од убави и чисти шипки набрани од Бабуна, а „спакувани“ во мармалад, во нивниот „вилает“ во село Слепче, во подножјето на оваа планина.

Ги запознав минатата година за време на патувањето во Торино, на манифестацијата Тера Мадре, која се одржува во организација на интернационалната организација Слоу Фуд чија цел е да ги заштити од исчезнување традиционалните кујни, растенија, семиња и добиток карактеристични за локалните екосистеми и производството на храна чија технологија е базирана на знаењето на локалното население. Своите цели за одржлива храна и промоција на локалните мали производители оваа организација се обидува да ги реализира преку агенда насочена против глобализација на земјоделството и гастрономијата. Основана е од Карло Петрини во 1986. година во Италија. Е токму тој истиот Карло Петрини е еден од многуте кој го пробале и се воодушевиле од вкусот на мармаладот од шипки на брачната двојка пензионери.

Имено, веќе двапати досега тие двајца биле во Торино, како дел од манифестацијата Тера Мадре, но и на многу други балкански, регионални, европски и светски манифестации организирани од Слоу Фуд. Првото излегување надвор од Македонија со нивниот најпознат бренд – мармаладот од шипки, било на Балканскиот фестивал на здрава храна кој го организирале Слоу фуд во Албанија.

Најпознати се токму по мармаладот од шипки кој на почеток почнале да го прават за себе и за своите деца и внуци, а потоа, откако биле поканети да учествуваат на манифестацијата „Ем умеам ем можам“ во организација  на општината Карпош, кога првпат се запознале со членовите на Слоу фуд, почнале малку посериозно со производството, но секако, не премногу, доволно за нив, за пријателите и за настаните на Слоу фуд.

Овие двајца прилепчани кои се запознале во далечната 1969.година, а во 1970.година стапиле во брак, живеат во слога веќе половина век, а од пред 12-13 години, кога во својот втор дом во село Слепче заедно го почнале и овој мал бизнис со мармалад и сок од шипки и капини, се разбираат со поглед.

„Кога сме во Слепче стануваме во 4 ипол наутро, одморени и наспани. Прво што правиме е тоа што заедно пиеме по една чаша млеко со мед и со две-три бисквити, а потоа влегуваме во нашиот мал погон и секој си го врши својот дел од работата. Се разбираме само со поглед“, раскажува госпоѓа Мирјана.

Таа пред пензионирањето работела како хемиски техничар, прехранбен смер, во лабораторија за испитување на производите во скопската фабрика за преработка на овошје и зеленчук, позната како Мичурин, а потоа и во скопска млекара. Нејзиниот сопруг работел во Хемтекс, а откако отишле под стечај, и двајцата почнале почесто да одат во Слепче.

„Прво се вљубивме во планината, почнавме да планинариме, а кога видовме што сѐ дал Бог, сите тие јагоди, капини, дренки, шипки, глог, трненки, крувчиња и јаболчиња, недопрени од човечката рака, почнавме за себе да си правиме слатко, мармалади, сокови,…Со нив растеа и нашите внуци, двајцата синови на синот и двете ќерки од ќерка ми, па дури во една пригода кога во основното училиште ‘Јан Амос Коменски’ едната од внуките требаше да напише писмен состав на тема ‘Мојата омилена личност’, таа пишувала за мене, својата баба, за тоа како ѝ правам здрави мармалади, слатка и сокови, па затоа и таа била здрава и цврста личност“, се смее госпоѓа Мирјана.

Инаку, Слепче се наоѓа на 150 километри од Скопје, па тие двајцата одат таму кога е сезоната на одредени плодови за да ги сработат, а остануваат отприлика по петнаесетина денови.

„Капините ни се во август, па тогаш остануваме таму 15 дена, потоа доаѓа зимница, лутеница, ајвар, салца, а во октомври се актуелни шипките и нашиот бренд – мармаладот од шипки. Не можеме да произведеме многу бидејќи е тоа тежок процес, а ние го правиме на стар, традиционален начин. Шипките бараат многу работа, полни се со семки и иглички кои мора да се отстранат, а за тоа треба да се поминат преку 4 преси кои ги изработи Бранко.

Шипките прво се мијат, па ги омекнуваме на пареа, а потоа одат низ 4 преси, сите со различни отвори. После четвртата, одат на варење. Шипките се единственото овошје кое и со термичка преработка не го губи витаминот Ц со кои се шипките навистина богати. Од шипките правиме и сок од шипка, а дел си оставаме и за чај. Шипките се и многу лековити, па не залудно и една жена на една од манифестациите кадешто го изложувавме нашиот мармалад ни рече: ‘Вие не продавате мармалад, вие продавате лек. Јас со мармалад и со чај од шипки се излекував од стомачните болести. Па еднаш и Бранко кога го болеше стомакот, си зема една-две лажички од мармаладот и тој му ги смири болките. И не е чудно, бидејќи овој мармалад ги има во себе сите природни состојки на шипките, па и маслото што го има во шипките и кое понекогаш може да се случи да го забележите на површината“, објаснува Мирјана.

Таа минатиот месец била и гостинка во едно скопско основно училиште во

Лисиче, кадешто била повикана да им однесе на децата од своите производи и да им објасни за здравата храна и за нејзините придобивки, а тие убаво се гледаат токму во енергијата која ја имаат овие двајца пензионери.