Најубавата и најдебелата Павлова торта

Ова е најубавата Павлова торта што сме ја виделе, а рецептот и фотографијата се од кујната на скопјанката Лидија Црвенковска

0
964

Скопјанката Лидија Црвенковска си направила свој рецепт за Павлова торта кој е комбинација од два рецепти. Експериментирала, па си ја нашла својата идеална рецептура за оваа ‘бомбастична’ торта која и на оние ‘секташи’ кои не јадат торти, ќе им отвори желба да ја пробаат.

Состојки:

5 белки
250 г шеќер
1 лажичка алкохолен оцет
1 лажица густин
1 ванила, може и екстракт

За филот:

1/2 кг хопла
250 г маскарпоне

Овошје за украсување по ваш избор

Приготвување:

Белките се матат со шеќерот во цврст снег (околу 10 минути), пред крај се додаваат оцетот, густинот и ванилата.
На плехот од рерната се става хартија и се обликува белката, а на горниот дел се прави мала вдлабнатина.
Се пече еден час на 150 степени, потоа се намалува на 130 степени и се пече уште половина час. Рерната се исклучува и се остава тортата да се излади во изгасната рерна.
Филувањето може да се направи и следниот ден.
Тортата се филува, односно, се полни со 1/2 кг хопла или шлаг пена (а може и да се комбинира хопла со шлаг крем) и 250 грама маскарпоне.

Овошјето е по ваша желба. Дел од овошјето се става во вдлабнатината на тортата, а поголемиот дел над хоплата.

Втор начин на филување: Овој фил можете да го направите ако сакате да ги искористите и жолчките, такашто ги матите на пареа со 5 лажици шеќер, па додавате ванила и сок од 1/2 лимон. Откако ќе се олади кремот од жолчки се додава 250 г маскарпоне. Тортата се полни со жолтиот крем, се става дел од овошјето, а останатото овошје се става над филот.