Мајсторско лепче со наут

Во Скопје најпознатиот производ од наут е симит-погачата која е мошне стар и исклучиво скопски специјалитет, но, овојпат таа не е тема, туку лебот од наут кој во Скопје се прави токму од најдобриот мајстор за симит-погачи, на Бит-Пазар. Каде сте јаделе вие најдобра симит-погача или леб од наут?

0
732

Наутот е една од најстарите култивирани мешунки на Блискиот Исток која таму се користи многу често, во вид на хумус, за леб, во салата, за фалафел, итн. Кај нас се користел многу одамна, но најчесто за правење лепче-наутлија, а во последно време, сè повеќе се користи и како хумус, како и во други варијанти заради неговите здравствени придобивки.

Во Скопје најпознатиот производ од наут е симит-погачата која е мошне стар и исклучиво скопски специјалитет, еден од ретките деликатеси што се прави и продава речиси исклучиво во Скопје или ако веќе го има и во некои други места во државата, тогаш, велат, сигурно мајсторот е дојден од Скопје или занаетот е пренесен од Скопје.

Но, овојпат симит-погачата не е тема, туку лебот од наут кој во Скопје се прави токму од најдобриот мајстор за симит-погачи, на Бит-Пазар.

Неговиот рецепт се уште не го дознавме, но најдовме еден кој може да ви послужи ако сакате самите да направите вакво лепче.

Состојки:

200 грама наут

1,5 кг брашно

Вода

Сол

Приготвување:

Прво се приготвува квасот. Наутот се меле, се става во сад и се попарува со зовриена вода и сол. Смесата се меша со дрвена лажица, се покрива  садот и се остава цела вечер да отстои на топло.

Наредниот ден квасот за лебот е готов.

Се зема половина килограм од брашното и му се додава квасот со малку вода. Се меша со лажица се додека целата смеса не се соедини, потоа се покрива и се остава 1-2 часа на топло за да стаса.

На тестото му се додава уште 1 кг брашно, сол, вода по потреба и повторно се меси. Тестото се става во плех и се остава да стаса уште половина час во загреана рерна на 50 степени. Се пече 45 минути на 200 степени.