И лушпите од портокал не се за фрлање

Компостирањето, селекцијата на отпадот и максималната реупотреба на истиот, се секојдневје во животот на тричленото семејство Бургиеви. Наталија е оснивачка на брендот „Мама Органа“ и произведува органски ѓубрива, а нејзината ќерка Марија, која во неа гледа учител и идол, е на почетокот од почнување нов зелен бизнис, употреба на лушпи од портокал за производство на есенцијални масла, идеја која е победник на регионалниот натпревар за зелени идеи

0
418

Марија Бургиева е стипендист на Американскиот Универзитет на Европа – ФОН, каде што е втора година на Факултетот за политички науки во насока на меѓународната политика.

Таа со тимот О-круг и идејата за производство на есенцијални масла и ароматизери од отпадни лушпи од портокал се победници во категоријата ембрионски идеи на регионалниот натпревар за зелени бизниси „Balkan Green Ideas“, победа која значи дека ќе можат да ја обезбедат потребната опрема за започнување на производство.

Марија има 6-годишен брат Дарјан, а неа и нејзината мајка Наталија ги делат само 19 години.

Токму мајка ѝ е и нејзината најголема инспирација кога станува збор за зелени идеи, со оглед на тоа што Наталија е оснивач на веќе познатиот бренд Мама Органа, компанија која од отпад од храна, произведува органски ѓубрива и обезбедува работни места за социјално загрозени лица-самохрани родители.

Преку неа растев во македонската стартап заедница, таа ми е идол и директен пример за тоа што значи жена – зелен социјален претприемач“, вели Марија.

Приказната на Мама Органа почнала во 2018.година кога нејзината мајка имала сериозни здравствени проблеми и морала во целост да ја промени својата исхрана и да консумира само органски произведени продукти.

Како самохрана мајка и лице во социјален ризик, мајка ми не можеше да си ги дозволи органските производи со високи цени кои беа на пазарот и токму од тоа се роди идејата да започне сама да одгледува органски производи во градска средина. Но и тука се појави проблем бидејќи живееме во Скопје кадешто нема земја која е подобна за органско производство, па така започнавме да се едуцираме за отпадот од храна и како токму тој е најсоодветната основа за произведување ѓубриво подобно за органско одгледување на производи.

Кога ни успеа да одгледуваме домати на нашиот бетонски балкон, си помисливме зашто да не им го понудиме ова на урбаните градинари како нас, а воедно да креираме социјален импакт преку намалување на загадувањето од био отпадот и вработувањето на самохраните мајки. Инаку, во текот на нејзиниот живот таа секогаш била во полето на економијата – менаџирањето со финансиите и комерцијалните активности на различни приватни фирми, но непосредно пред почетоците на Мама Органа беше невработена. Денес е во целост посветена на својата работа како зелен социјален претприемач. Најголема препрека во развивањето на Мама Органа беше законската рамка во која не постои ставка за органски ѓубрива, како и недостатокот од законик за социјално претприемништво како посебна форма на правно лице“, објаснува Марија.

Покрај основното ѓубриво МамаОргана произведува и супстрати за специфични видови на култури, како на пример кактуси и сукуленти, бонсаи и дрвца, домати и лековити билки. Произведуваат и песок за мачки направен од природни минерали, иако самите немаат мачка, туку самојед со име Фреја.

Во нивниот дом исхраната е фокусирана најмногу на зеленчуци и житарки, со оглед на тоа што мајка ѝ и Дарјан, се вегетаријанци.

Најчесто готви мајка ми, а јас понекогаш правам благи работи, но исто така знаеме да нарачаме и од VeganKitchen365 или добра пица од Мама Италијана. Фамилијарно сме големи љубители на доста зачинета храна па така во исхраната користиме кари, куркума, оригано, магдонос и тие ни се дел од речиси секое јадење. Инаку, одгледуваме домати, зачински билки како нане, босилек, оригано и слично и на нашиот балкон имаме мини градина. Неколку пати сме експериментирале со калемени растенија како на пример кукумелон што е комбинација од краставица и лубеница.

Со компостирање почнавме уште од самиот почеток на постоењето на МамаОргана, па компостирањето, селекцијата на отпадот и максималната реупотреба на истиот, се со години дел од нашето секојдневје. Со оглед на сето тоа, во голема мера, навиките и свесноста кај мене потекнуваат од неа, од нејзината приказна и нејзиниот начин на живот“, раскажува Марија.

Сосема природно, нашата соговорничка продолжува по патот кој го трасирала нејзината мајка и самата е носител на оваа нова зелена идеја која победи на регионалниот натпревар во Белград.

Идејата за О-Круг се роди кога го воочивме огромното количество на кори од портокал кои остануваат секое неделно попладне како отпад од штандовите за правење сокови од портокал, а всушност кријат во себе крие голем потенцијал.

Како дете од фамилија во која постојано се зборува за био-отпадот повеќе се едуцирав за предселекцијата на био-отпадот и дојдов до сознание за подобноста на корите од портокал како репро материјал за други производи.

И така решивме О-Круг да се занимава со конвертирање на био отпадот создаден од портокали во линија на продукти која ќе започне со есенцијалните масла и освежувачи на воздух, а воедно ќе вработува млади од маргинализираните категории.

Дел од потеклото на мојата идеја всушност доаѓа од самата биоселекција на био отпадот, односно корите од портокал кои ние ќе ги користиме за производство на есенцијално масло и по процесот на дестилација ќе бидат подобни за компостирање што всушнот во целост не поврзува и со работата на Мама Органа.

Нашите соработници се локалните кафулиња, џус-барови и фуд-барови кои се спремни да го селектираат овој отпад и всушност да станат дел од нашата мисија. Целиме да создадеме заедница која ќе го поддржува и промовира социјалното претприемништво, циркуларната економија и целите за оддржлив развој создадени од ОН. Сакаме да го намалиме загадувањето, да влијаеме врз високата стапка на младинската невработеност од 46% и да едуцираме за главните теми на нашето постоење со цел кревање на свесноста за овие теми“, вели Марија која е од самиот почеток вклучена во функционирањето на Мама Органа. Денес се грижи главно за дигиталното присуство на бизнисот, но и како помош во секој сегмент.

Марија смета дека за нејзината бизнис идеја секогаш ќе има суровини.

Отпад од портокали ќе постои сè додека луѓето јадат портокали, а и самиот овој отпад е подобен да се користи како репро материјал за повеќе од сто производи според најновата анализа создадена од УНДП, која ќе биде публицирана овој месец“, вели таа.

Во текот на животот Марија била дел од повеќе програми кои се фокусирале на едукација во полето на претприемништвото организирани од ЦЕЕД хаб, Млади хаб и Американ корнер. Покрај ЦЕЕД хаб и Бизнис Импакт Лаб, кои помогнале да се направи реален бизнис модел, вели дека најголем поддржувач им е нејзината баба.

Нашата баба-мајка од секогаш ни била најголем поддржувач на сите наши луди идеи“, се смее Марија.

Во иднина таа се гледа себеси како успешен зелен социјален претприемач и адвокат за зелените политики, а бизнисот го гледа како регионален добавувач на природно есенцијално масло од портокал и широк асортиман со производи за сите категории на луѓе, со голем број на вработени млади лица и позитивни промени на нивните животни приказни.

За 10 години, О-Круг како организација сметаме дека ќе поддржи најразлични младински иницијативи кои ке прераснат во успешни зелени социјални претпријатија“, завршува Марија.