Пред точно три години екипата на Арт кујна беше во Отешево, поточно во комплексот Лејк Вју, кадешто господин Ванчо Стојановски, менаџер на истиот, ни го презентираше начинот на подготвување на традиционалниот локален специјалитет – сушени преспански белвици, односно, циронки.
Токму деновиве тој имал средба и со неговите пријатели од Слоу фуд со кои планираат дополнителна промоција на овој специјалитет, но и ботаничка градина и популаризација на јаболковиот оцет направен од јаболките по кој е најпознат овој крај на Македонија.
Господин Ванчо вели дека иако поради ситуацијата со КОВИД-19, аранжманите со странските туристи им биле откажани, нивните капацитети се полни со домашни туристи кои допрва ја запознаваат својата држава, а за првпат се среќаваат и со некои од традиционалните специјалитети.
Иако денеска Преспанското езеро е многу помало од порано, за што сведочат и големите песочни плажи за кои после години негрижа, конечно почнаа да се грижат приватниците, локалните жители, но и државата, тоа е сѐ уште убаво и полно со риби. Токму тие, неговите жители, рибите, конкретно, белвиците кои откако ќе ги подготват на традиционален и оригинален преспански начин, ги прекрстуваат во циронки, се и главната причина поради која ние тоа лето решивме после многу години да дојдеме токму тука.
За циронките дознавме од нашите пријатели од Слоу фуд кои не упатија кон „изворот“.
Што дознавме таму? Пред сѐ, дознавме дека циронките пред да станат циронки, односно, пред да се подготват на традиционален начин и да се нанижат во низи како црвени пиперки, се всушност преспански белвици кои се поситни од охридските, а се познати уште и како нивички.
„Називот нивички веројатно доаѓа од името на селото на грчката страна од Преспанското езеро кадешто исто така ги има во изобилие. Но кај нас се попознати како циронки, и порано во секоја куќа во селата Стење и Коњско, преку летото имаше барем по 50 низи циронки“, објаснува господин Ванчо кој е и еден од најголемите промотери на овој традиционален преспански специјалитет.
Тој ни ја објасни и ни ја демонстрираше целата постапка на подготвување на циронките во најубавиот дел од комплексот „Лејк Вју“.
„Производството на циронки оди по следниов редослед: рибарите ја фаќаат рибата претежно навечер, а најдобро е да се фаќа со пејзол, кружна мрежа со оловни тегови, која обично се користи во овој регион.
Се подготвуваат такашто без да се исчистат рибите се солат обилно со крупна сол, па се редат во буре или во некој друг широк и длабок сад. На крајот се покриваат со големи листови од лобода и се потиснуваат со камења.
Се оставаат во бурето околу една недела, а потоа се нижат на конец, слично како и пиперките, и се сушат на сонце. Ова се прави токму во овој период кога има најјако сонце. После подготовката, откако добро ќе се исушат на сонце, тие се ставаат во хартиени кеси и на тој начин можат да стојат цела година. Најинтересното во целиот процес на подготвувањето на циронките е дека рибите не се чистат од внатрешните органи и кожата. Чистење се прави кога се започнува со подготовките за конзумирање. Односно, откако ќе се скинат од низата, циронките се печат на плотна, па се ставаат во вода да омекнат малку и се чистат од лушпата, а откај гркланот се вадат цревата. Можат да се јадат така, или да се подготват со лукче, со маслиново масло, црвен пипер и магдонос. Вториот начин е да се пропржат на маслиново масло, повторно со лукче и пиперче и да се сервираат со магдонос.
Циронки се прават само во овој крај, а локалните жители ги консумираат многу често, најмалку два пати неделно, а се јадат и за појадок, за ручек и за вечера. Освен што се вкусни, циронките се и здрави за јадење. Благодарение на честата консумација на циронки и на свежи риби од нашето езеро, жителите се долговечни. Циронките со топло лепче и лук секогаш биле присутни на нашата трпеза, исто како и крапот, скобусот, мрената, белвицата. Има ли нешто поздраво од тоа? Затоа овде има и многу стари луѓе на кои главна храна им се рибите заедно со по една чашка ракија или вино“, раскажува Ванчо.
Тој, во соработка со Слоу Фуд ја промовирал циронката и во Македонија, но и надвор од неа. Во Истанбул циронките предизвикале големо внимание, а многу странци при посетата на Македонија доаѓале во Преспа токму поради нив.