Знаете ли што е кошмишпите?

Не се секирајте, и ние едвај го изговараме, но со јадењето, немавме проблем. Рецептот е на нашата пријателка Наташа Неданоска која заедно со своето семејство и нивната ПИРУСТИЈА, како што е името на нивното селско домаќинство сместено во селото Рамне, развива гастрономски туризам и ги промовира охридските традиционални специјалитети

0
567

Наташа Неданоска и нејзиното семејство чие селско домаќинство е познато под називот ПИРУСТИЈА, живеат во селото Рамне, на три километри од Охрид, кадешто ја развиваат својата гастрономска понуда како дел од туристичката понуда на Охрид. Викендов, Наташа и нејзиниот сопруг Васко, ги најдовме и на пазарот на органски производи во „Јавна соба“ кој ќе се одржува секоја сабота до крајот на месецов (октомври).

Таму, покрај сите други интересни производи на малите локални производители, повеќето дел од здружението Слоу Фуд, беа и тие двајца со нивните традиционални, охридски специјалитети кои тие ги прават и за своите гости во Рамне. Па така, можевме да пробаме и одлично ѓомлезе, комат, пченкарник, како и овој специјалитет со тешко име – кошмишпите, чиј рецепт Наташа несебично го споделува со сите.

Повелете!

Состојки:

1 кг брашно

1/2 литар млеко

1 коцка свеж квасец

малку сол и шеќер

1 филџан масло

За филот: сирење и јајца

Приготвување:

Се замесува меко тесто. Се дели на 10 еднакви делови кои се формираат во топчиња и од секое се прави кора, па секоја кора се попрскува со масло, се става фил од сирење и јајца и се редат една врз друга.

Се сечат на квадрати па се печат на 220 степени околу 30 минути, а потоа уште 10 минути на 180 степени.