Земи од тиквата сине, како банана е!

Дали некогаш некој ви го кажал ова? Мајка ми често знаеше да каже баш така: тиквава е многу убава, поубава од банана е! И така, вкусната домашна тиква е нашата домашна банана.

0
413

Неправедно запоставената „домашна банана“ – тиквата, е одличен извор на витамини, минерали и други важни материи, особено во периодот кога нема многу свежо овошје, односно, во зима. А почнува со есента.

Има малку калории и лесно се вари. Богата е со растителни влакна, особено пектин, така што има многу корисен ефект врз телото.

Тиквата содржи мала количина протеини, јаглени хидрати и масти. Од витамините, има каротин или провитамин А, Ц, Е и К витамини, витамини од групата Б, имено Б1, Б2 и Б6, потоа ниацин, фолна киселина. Од минералите, богата е со калиум (заради што ги има истите корисни својства како и бананите), фосфор, калциум и железо.

Исто така, содржи пектин, целулоза, како и други растителни влакна. Тиквата се препорачува и за диета за слабеење, бидејќи има само 26 kcal на 100 грама, семките од тиква имаат 467 cal на 100 грама, а маслото од тиква 879 cal на 100 грама.

Здравствени придобивки

Тиквата е идеална храна за луѓе кои имаат проблеми со желудникот и цревата. Заради големата количина на влакна што ги содржи, помага против запек и ги ублажува проблемите со воспаление на дебелото црево.

Исто така е диуретик, затоа се препорачува за воспаление на уринарниот тракт, бубрезите и проблеми со жолчката. Помага и го намалува холестеролот во крвта, а исто така се препорачува во исхраната на оние кои страдаат од гихт или ревматски проблеми.
Денес е познато дека бета каротенот, со кој е богата тиквата, има повеќекратни заштитни ефекти врз нашето тело. Го блокира дејството на слободните радикали и со тоа директно спречува оштетување на клеточната ДНК структура, делува како силен антиоксидант, што значи дека го запира развојот на супероксиди и пероксиди. Дневната доза која му е потребна на организмот е од седум до 10 мг. Се користи превентивно, бидејќи го намалува ризикот од рак на грлото, хранопроводот, желудникот и грлото на матката.

Семки од тиква

Семките од тиква се богати со здрави масти и содржат голем број корисни состојки: целулоза, пектин, фитостерол, фитин и салицилна киселина. Семките од тиква може да се грицкаат, да се додадат во колачи или салати. Исто така, путерот од тиква, кој се состои од блендирани семки од тиква, е исклучително здрав намаз, кој може да се користи наместо млечен путер или маргарин.

Масло од семки од тиква

Ладно цеденото масло од семки од тиква им дава на салатите особено богат вкус и е многу здраво. Многу лесно се вари и се користи за подготовка на салати. Има темно зелена боја, содржи есенцијални киселини: околу 45 проценти линолеинска, 25 проценти олеинска, 30 проценти палмитична и стеаринска, но и лецитин, кој е природен емулгатор кој ги чисти крвните садови.

Подготовка на тиквите

Наједноставната форма на подготовка на тиква е печење во рерна. Тогаш кората не се отстранува, а должината на печењето зависи од дебелината на плодот. Печената тиква прелиена со малку мед и поросена со цимет е исклучително здрав десерт.

Тиквата, исто така, може да се користи за правење крокети, супи, чорби и варива.

Фото: Pexels