Здрав оброк во стаклена тегла: Протресете и вкусете

Денеска е светски ден на брзата храна која речиси секогаш ја поистоветуваме со лоша и неквалитетна храна. Но не мора да е така. Напротив, храната која брзо се подготвува и се пакува во соодветни садови за земање или за достава до дома, може да биде и брза и здрава. Токму такви се и оброците кои ги подготвуваат двете пријателки Ана и Андријана, а ги пакуваат еколошки, во стаклени тегли

0
1097

Малку е познато дека 16 ноември се слави како Светски ден на брзата храна. Многу често неправедно брзата храна се поистоветува со лоша и неквалитетна храна (џанк фуд), но денес брза храна не се само пиците, хамбургерите и сендвичите, туку и секоја храна која се подготвува брзо и се пакува во соодветни садови за земање или за достава до дома, а може да биде вистински мелем од вкусови.

Такви се и оброците кои ги подготвуваат две млади жени во центарот на Скопје – свежи оброк салати во тегла со продукти од македонското поднебје, житни оброци без шеќер, повторно во тегла, смути, сендвичи и врапови. И сето тоа, ем брзо, ем здраво.

Токму таква е приказната на нашите нови познанички Андријана Филипоска Срчокова и Ана Јорданова Дубровска, прилепчанка и штипјанка кои последнава година ипол ги учат и им помагаат на скопјани да се хранат здраво.

Се запознале во градинката во која оделе нивните помали деца, синот на Андријана и ќерката на Ана, а пријателството кое се продлабочило на родителските средби и детските родендени во периодот додека децата, кои сега веќе имаат по 8 години, сè уште оделе во градинка, прераснало во заедничка бизнис приказна наречена – Мелем од вкусови.

Ана е историчар на уметност со археологија и полна е со интересни податоци. На пример, дека во 16 век во пијанечкиот регион немало куќа во селата која не произведувала леќа.

Ние се трудиме сите состојки што ги користиме во нашите оброци да бидат македонски (се разбира, освен оние кои не виреат кај нас, како на пример, авокадо и киноа), но леќа не можеме да најдеме, иако според турските тефтери што ги имам читано, во 16.век леќа произведувале во секоја селска куќа во пијанечкиот регион. Исто така, порано многу се садел и наутот, а сега едвај го наоѓаме. Ама барем го има“, вели Ана.

Андријана е економистка и претходно работела административни работи и продажба, животно осигурување, човечки ресурси и комуникација со луѓе, нешто што и денес го прави со задоволство, комуницирајќи со купувачите на нивните оброци во тегла.

Инаку, нив ги запознавме на пазарот на органски производи во „Јавна соба“, нешто што и за нив бил вистински извор на нови пријателства, контакти и здрави домашни производи кои сега се дел од нивната понуда.

Од самиот почеток целта ни беше да ги користиме производите кои се произведуваат кај нас и да ги комбинираме со свеж зеленчук и овошје кои исто така се македонски производ. Најчесто користени производи ни се просото, гравот, леќата, наутот, пченицата и овесот. Дел од производите ги земаме директно од домашни производители, а дел од локални добавувачи, но на пример, додека на почеток употребувавме само ладно цедено маслиново масло, откако се запознавме со производителите на ладно цедено сончогледово масло (Био-оил) на пазарот во „Јавна соба“, полека почнавме да го воведуваме нивното ладно цедено македонско сончогледово масло кои тие го прават од македонски сончоглед“, објаснуваат тие.

Почнале скромно, правеле оброци и самите ги доставувале до муштериите, со велосипеди. Но со текот на времето, откако обемот на работата се проширил, почнале да ангажираат служба за достава на нивните брзи и здрави оброци.

Приказната на „Мелем од вкусови“ почнала да функционира во јуни минатата година, во екот на пандемијата со корона.

Ние и самите дома веќе го практикувавме овој здрав начин на исхрана, па сакавме токму заради короната, да им помогнеме на луѓето да ги видат бенефитите од таквата исхрана врз здравјето. Прво мислевме да правиме само различни видови на смути, ама сфативме дека е тоа премногу малку за она што сакавме да го постигнеме, а тоа е, да ги опслужуваме луѓето кои се работно ангажирани и генерално немаат време за спремање здрави оброци, со веќе подготвени здрави оброци во тегла, кои треба само да ги протресат и да ги изедат“, раскажуваат нашите соговорнички.

Бидејќи се и екологистки, а заради короната не можеле да набават биоразградлива амбалажа, се сетиле на наједноставната варијанта – да спремаат оброци во стаклени тегли кои сега, нивните редовни муштерии им ги враќаат и притоа добиваат 10 отсто попуст на оброците.

Од неодамна тие почнале и со неделни пакети кои звучат примамливо и не само заради тоа што се состојат од три здрави оброци за целиот ден, туку и затоа што со нив, оние чија цел е да ги намалат килограмите, успеваат во тоа.

Ни нарачуваат луѓе кои сакаат да ослабнат, луѓе од фирми, како и такви кои се навикнати на овој начин на исхрана, но на овој начин не губат од своето време за да ги подготват оброците. Многумина си комбинираат, па на пример, двајца еден пакет со две салати, а еден житен оброк си го делат како десерт или за појадок.

Најмногу пофалби деновиве ни стасуваат за колагенскиот оброк. Она по што е тој специфичен е тоа што користиме кефир кој сами го приготвуваме од млечна природна габа. Овој колагенски десерт му доаѓа како здрав чизкејк. Се состои од овесни снегулки, кокосово масло и домашен мед, домашен кефир со желатин и најгоре замрзнато шумско овошје. Барани се и пченицата и десертот познат како енергетска бомба. Пченицата исто се прави со домашен мед, а се додаваат и цимет, суво грозје и ореви. Енергетската бомба пак е комбинација од сите сушени овошја и сите јаткасти плодови и е буквално енергетска бомба, па има клиенти кој го земаат и го јадат цела недела, по 1-2 лажички на ден“, објаснуваат Андријана и Ана.

Велат дека она што прво прашуваат нивните муштерии е – колкава е грамажата на оброкот и дали ќе ги најаде. А главно ги најадува.

Знаеме дека на луѓето кога се на работа и ќе огладнат најлесно им е да си купат бурек или ѓеврек, па сакавме да имаат и една ваква брза и здрава опција, да имаат избор, а да бидат прифатливи за сите и по состав и по цена. Гледаме нашите салати да содржат нешто што ќе ги држи луѓето сити подолго време, па употребуваме грав, леќа, киноа или просо“, велат тие.

А што се однесува до здравиот начин на живот, тие ги учат и своите деца да живеат еколошки и да се хранат здраво, иако понекогаш токму заради тоа се и предмет за потсмев помеѓу другарите на училиште. На пример, поголемиот син на Андријана кој е шесто одделение побарал од неа еден ден во неделата, наместо да си носи храна од дома, да си купи нешто како што прават неговите другари секојдневно, а нему му се смеат. И постарата ќерка на Ана која е седмо одделение го има истиоот проблем, па ѝ се жали дека само таа и уште едно дете носат за ужина банани од дома, за разлика од другите кои купуваат индустриски кроасани.

Сепак, со оглед на тоа како се одвива работата кај нив и со оглед на порастот на нивните муштерии, тие се среќни затоа што се менува свеста кај луѓето и тие сè повеќе се вртат кон здравата храна и кон екологијата.

Од септември, за подобра организација, го смениле концептот и направиле стандардно мени од пет салати и пет житни оброци кои постојано ги имаат, а ако некој сака од враповите или од другите салати, исто така можат да си ги нарачаат, но за нив треба да почекаат само малку подолго. Односно, наместо за една минута, ќе ги добијат за пет.