Дали и вие пораснавте на домашен сок од вишни?

Правењето сок од вишни порано во многу семејства беше нешто што се подразбираше, исто како и правењето ајвар. Наместо кока-кола пиевме сок од вишни и ни беше преку глава. Ама сега ...

0
167

Порано во моето семејство се знаеше, секоја година се правеа сок од вишни и сок од бозел. Овој последниов моите знаеја понекогаш и да го прескокнат, во случај ако не стасаа да одат и да наберат бозел откај нивните пријатели во Јурумлери, ама сокот од вишни беше редовен. Вишните секогаш ги беревме сами откај пријателката на баба ми која имаше 7-8 стебла вишни во својата градина во Тафталиџе.

Кога сега ќе се сетам, сокот беше многу вкусен, ама знам дека тогаш нам ни беше преку глава. Ќе ти се пие нешто, ќе ги прашаш твоите што има за пиење, а одговорот секогаш ист: сок од вишни. Ти дошол роденден, си викнал другари дома, прашуваш што да ги послужиме, а тие ти велат: сок од вишни.

Се сеќавам дека едно време почнавме да го мешаме со сок од лимон, стававме многу мраз и го пиевме така цело лето, што да правиме. А мајка ми толку многу правеше што имавме точно до следната сезона.

Да му се смачи на човек. Сега би дала се за една чаша домашен сок од вишни, и тоа баш од такви, своерачно набрани.

Веројатно може да се најдат и на пазар убави вишни, ама повеќето од нив го немаат оној вкус што го паметиме од минатото.

Како и да е, да пробаме.

За помала доза ви се потребни 2 килограми вишни и 1 литар вода. Вишните се чистат од семките и потоа се додава водата.

Оставете вишните да отстојат во таа вода 24 часа. Потоа, исцедете ги и испасирајте ги вишните. Ако немате од старинските садови за пасирање, можете да ги ставите во блендер.

Испасираните вишни ставете ги во длабок лонец заедно со течноста што ја испуштиле, а потоа додадете 1 килограм шеќер. Ставете го на оган, но пред да почне да врие намалете ја температурата бидејќи пената знае нагло да се крене и да претече. Доволно е да крчка 3-5 минути. Се додава и околу 50 мл сок од лимон (некои ставаат 1-2 лимонтуси) и се пробува. Не е доцна да додадете уште нешто ако недостасува по ваш вкус. Ако сте задоволни од вкусот, веднаш ставете го сокот во чисти шишиња загреани во рерна на 100 С. Затворете ги шишињата и завиткајте ги во нешто, може и во ќебе. Оставете ги така до следниот ден, а потоа може да се консумира.

Фото: Freepik