Дали генерацијата Z ја менува прехранбената индустрија?

Иако милениумците први користеа Инстаграм и блогови за презентирање храна, за генерацијата Z ова е стандард. На генерацијата Z храната не ѝ е важна само поради хранливите состојки - таа е исто така дел од нивниот личен бренд.

0
168

Генерацијата Z (родена помеѓу 1995 и 2010 година) е многу заинтересирана за храната што ја консумираат. Иако тие споделуваат со милениумците многу преференции во врска со храната, како што е желбата таа да биде висококвалитетна и да се добива од одржливи извори, оваа нова демографска „војска“ има значително различни вкусови од претходните генерации. Прехранбената индустрија внимателно ги следи трендовите во исхраната на генерацијата Z, ги прилагодува процесите на набавка и им ги нуди своите сознанија на заинтересираните.

Зеленчукот е во центарот на вниманието

Членовите на генерацијата Z не треба многу да се наговараат за да јадат зеленчук. Бројот на студенти од генерација Z кои се идентификуваат како вегетаријанци или вегани се приближува до процентот што го гледаме кај милениумците (12%), и тој процент се очекува да продолжи да расте во следните десет години. Иако многумина го наведуваат подобрувањето на здравјето како причина за исхрана без месо, се поголем број членови на генерацијата Z велат дека етичките причини се примарни за нивната одлука.

Дури и не-вегетаријанците од генерацијата Z очекуваат вегетаријански опции со секој оброк и претпочитаат јадења во кои предјадењето е вегетаријанско или веганско. Затоа, производителите на храна експериментираат со нови начини на маркетинг и продажба на оброци и имаат тенденција да прават оброци засновани на овошје и зеленчук.

Практичноста е најважна

Генерацијата Z има малку време да готви. Поголема е веројатноста дека оваа генерација, во однос на милениумците, ќе јаде замрзнати оброци и храна погодна за подготовка во микробранова печка. Затоа, припадниците на таа генерација без двоумење прифаќаат комплети од состојки за подготовка на оброци и полуготова храна. Сепак, производителите на замрзната храна ја трансформираат својата понуда нудејќи состојки со повисок квалитет и, како одговор на зголемената предност за здрава и органска храна, сè повеќе ги насочуваат своите маркетинг активности на здравјето. Покрај тоа, генерацијата Z исто така сака да грицка, претпочитајќи едноставни и преносни производи. Побарувачката за овошје, јогурт и јаткасти плодови се очекува да ја надмине побарувачката за сите други закуски во следната деценија.

Автентичноста и искуството се подеднакво важни како состојките и вкусот

Генерацијата Z порасна опкружена со разновидна храна што доаѓа од целиот свет и, во споредба со претходните генерации, е запознаена со поширока палета на храна. Меѓутоа, етничката кујна за нив не е само храна – тоа е искуство. Генерацијата Z претпочита интернационална кујна во средина што одразува одредена култура и храна што ја готват готвачи од тоа поднебје или посебно едуцирани лица кои познаваат автентични техники. Затоа, водечките експерти во индустријата препорачуваат продавниците и рестораните да инвестираат исто толку во естетиката, колку во состојките и им помагаат на добавувачите на храна да ја раскажат својата приказна и емотивно да се поврзат со потрошувачите од генерацијата Z.

Паметните телефони на масата се „задолжителни“ за време на вечерата

На генерацијата Z храната не ѝ е важна само поради хранливите состојки – таа е исто така дел од нивниот личен бренд. Без разлика дали готват дома или излегуваат во ресторан, тие ја користат технологијата за да ги снимат оброците, да ги разубават и да ги споделат со пријателите и следбениците. Иако милениумците први користеа Инстаграм и блогови за презентирање храна, за генерацијата Z ова е стандард. Затоа претприемачите во прехранбената индустрија експериментираат со мобилни апликации и дигитални платформи кои им помагаат на луѓето да се занимаваат со својата храна, како и да го забрзаат процесот на нарачување и испорака.

Фото: Pixabay