Вујадин Вујадиновиќ: Несуден пилот во царството на храната

Крагуевчанецот со кој се запознавме во Охрид, за време на одржувањето на Гастромак, не е готвач, но неговите најдобри пријатели се токму готвачите. Скромен, тивок и со малку меланхолична насмевка, тој го привлече нашето внимание, особено откако дознавме дека е несуден пилот.

0
314

Вујадин Вујадиновиќ е претседател на организацијата ХоРеКа и со него разговаравме за тоа зошто, наместо во пилотската кабина да крстари низ небесното синило, се нашол себеси во организацијата на големи гастрономски манифестации и натпревари.

Имено, како што и самиот ни кажа, сега 44-годишниот Вујадин уште како дете имал само една желба – да стане пилот. Поради неа, 7 години вредно работел на Малта, кадешто заминал веднаш по завршувањето на средното училиште откако неговиот татко добил едногодишен договор како неврохирург. Вујадин отишол во 1992.година и останал на Малта цели 7 години. Почнал од нула, поточно од наједноставните работи и напредувал до менаџер. Заработил за школување на Пилотската академија кадешто се запишал во 1999.година. По четиригодишните студии, конечно седнал во пилотската кабина, но само после два месеци доживеал сообраќајна незгода кога еден автомобил го удрил на пешачки премин.

„Само два месеци по завршувањето на академијата имав несреќа, ме удри автомобил и многу ги повредив нозете. Бидејќи секоја повреда мора да се пријави во воздухопловната медицина, тие едноставно ми кажаа дека повеќе нема да можам да летам. И толку беше од моите соништа. Ова беше многу тежок период, и физички и психички, со оглед на тоа што вложив толку труд и време, 7 години работа и плус 4 години студии за на крајот да се случи таква несреќа и целосен крах!“, раскажува Вујадин.

После овој тежок период сепак морал да продолжи понатаму па решил да запише Виша хотелиерска школа во Белград, и оттогаш е во угостителството. Во 2013.година ја основал организацијата ХоРеКа, која е меѓународна скратеница за хотели, ресторани и кафулиња.

Голем успех во негова организација доживеал првиот Јуниорски интернационален куп, а потоа и вториот, кои го собрале целиот гастрономски крем на едно место. Потоа го собрале и „кремот“ на Светската асоцијација на готвачи и воспоставиле значајни врски. Бидејќи во Шумадија и Поморавје не постоела ниту една професионална организација која ги обединува гастрономијата, угостителството и туризмот, Вујадин го иницирал основањето на оваа асоцијација која за кратко време постигнала големи успеси.

ХоРеКа асоцијацијата од Крагуевац има повеќе од 100 активни членови, соработува со повеќе од 50 асоцијации ширум светот, а организирале и помогнале во организирањето на 8 гастрономски фестивали во земјата и регионот, а меѓу нив и на првите две изданија на Гастромак, во Скопје и во Струмица. Сега, вели, драго ми е кога гледа дека добро функционираат и прават одличен фестивал.

Иако испробал многу кујни, на Вујадин  му е омилена италијанската. Сепак, смета дека на секој шеф од регионот треба во прв план да му биде националната кујна.

На ГастроМак 2019. со шеф Милош Јовановиќ

„На секој шеф треба во прв план да му биде националната кујна,  треба истата да ја усоврши и да ја дотера, да експериментира со нови вкусови и намирници и сето тоа да му се презентира на светот, бидејќи ние, на Балканот, имаме што да понудиме.  Македонија, Србија, Хрватска, се вистинско кралство на вкусови, вистинско богатство, и навистина мора да се потрудиме тоа да му го презентираме на светот, бидејќи, дефинитивно, имаме една од најквалитетните кујни на светот“, вели тој.

Скромен е па ако го прашате за ајварот, вели дека не сака да се препира околу тоа, но дека сепак, ќе заземе страна – нему лично најмногу му се допаѓа македонскиот ајвар.