„Нема место кадешто нема да успеете ако работите 12 часа и ако се вложите себеси во тоа што најдобро знаете да го правите“, вели нашиот домаќин Пеце Цветковски од Вила Дихово во истоименото село кадешто престојувавме викендов во организација на здружението Еко-свест. Одличен избор за она што беше и целта на овој работен викенд – да понуди одговори како трансформацијата на енергетскиот сектор од производство на енергија од фосилни горива, кон употреба на обновливи извори на енергија, ќе влијае врз локалното население во битолскиот регион, каде се наоѓа термоелектраната РЕК Битола.
Енергетската транзиција во земјата е многу важна, вели Невена Смилевска, програмски координатор во „Еко свест“ која е дел од истражувањата што биле изработени за да дадат одговори како енергетската трансформација ќе влијае врз локалното население во овој и во кичевскиот регион, каде се наоѓаат термоелектраните на јаглен. А податоците од истражувањата покажале дека зависноста од јаглен во регионите може да биде заменета со можности за алтернативен туризам, традиционални занаети и земјоделско производство, поточно, она што веќе 14 години го работат Пеце со Вила Дихово и неговите соседи Нацо и Благој Јовчевски со нивниот пчеларник „БН“.
Пеце имал шанса да живее надвор од Македонија бидејќи бил професионален фудбалер, но и покрај фудбалската кариера и живот за каков што сонуваат многу млади луѓе откај нас, му недостасувало македонското сонце.
„Да, навистина, можете да си дозволите да одите на одмор во Малдиви на пример, ама што правиме со останатите денови од годината? А мора да работите. Верувајте, никаде нема ваков живот, само треба човек да се вложи себеси. А ако вие работите по 12 часа и се вложувате себеси во она што најдобро знаете да го правите, ако не се плашите од промени во животот, зошто не би живееле убаво и тука. Впрочем, зошто сите песни за туѓината се тажни? Па затоа што никој што заминал не живее како што си замислувате. Ако сакате куќа во туѓина, тогаш ќе заглавите со кредити, а кредитите ќе ве заглават таму и останувате заробен, ќе работите по 12 часа на ден за да можете да преживеете и да си дозволите пристоен живот и одмор на Малдиви. А зошто да не работите тука, каде што веќе имате своја куќа и само треба да се вложите себеси“.
Тоа е отприлика поентата на она што го зборуваше Пеце викендов во неврзан разговор со нас, неговите гости и пријатели. Бидејќи, меѓудругото, неговото мото е дека оној што ќе дојде во неговата вила во Дихово како гостин, си заминува како пријател. Инаку, Пеце го прави токму тоа што им го советува на другите, неуморен е и работи по 12 часа на ден, но затоа, вели, ако посака море во лето, Грција му е на дофат, а исто така се близу и Охрид и Преспа, во зима пак, има само петнаесетина минути од скијачките терени на Палистер. И така, има време и можности и за полнење на батерии и за секојдневните обврски.
Додека трча низ дворот со огромните и тешки дрвени послужавници и земјени тави полни со домашни деликатеси, полн е со информации за се и за сешто, од тоа дека не треба да се мешаат млечни производи со месо, па и самиот во понудата на куќата го применува тоа, до совети за добра циркулација, за водење бизнис, одгледување домашен зеленчук, правење песто, а неговите идеи за тоа како се може да ги ангажира и да ги задржи гостите што подолго во неговата вила, се навистина безбројни.
Посебна атракција е кратката едукација за пчеларење во пчеларникот на младиот Нацо Јовчевски, а нивната меѓусебна соработка е токму она што им треба на сите села, да се поддржуваат и да си бидат ветер во грбот едни на други наместо да се водат од старата македонска „да му умре козата на комшијата“.
Во пчеларникот, туристите во заштитни одела поминуваат неколку часа, а неуморниот Нацо несебично го дели своето стекнато знаење и се што знае за одгледувањето пчели. Во 2014-та, тој и неговиот постар брат Благој започнале да развиваат апитуризам и ова е првиот пчеларник во Македонија кој го нуди тоа. Имено, поради сè позагадениот воздух кој го дишеме, зачестени се појавите на респираторни болести, алергии, астма, белодробни воспаленија, решението за елиминирање или намалување на овие респираторни потешкотии многумина го пронашле токму во апитерапијата, поточно, вдишување на воздух директно од кошниците полни со пчели.
Освен ова, посетителите имаат можност да го дегустираат и превкусниот природен мед, а можат да видат и како се вади прополис или полен, и секако, да си купат од производите, а Нацо ќе им објасни се за тоа, за што е добро да се зема некоја комбинација. Похрабрите, ако сакаат, можат да добијат и убод од пчела, кој иако непријатен за повеќето луѓе, има и лековита моќ.
И додека во Вила Дихово Пеце е зачинот кој ја комплетира целата слика и без кој ова би била само уште една селска куќа, во пчеларникот БН, е важен токму Нацо кој со својата кроткост и трпеливост, умее како да го пренесе своето знаење и да ги задоволи и најљубопитните.
Во глобала, и двајцата имаат свои оригинални и успешни приказни кои одлично функционираат токму тука, во Дихово, бидејќи, за среќа, има се повеќе луѓе кои доаѓаат на вакви патувања едноставно затоа што сакаат да искусат нешто поразлично, нешто оригинално, но пред се, затоа што ја сакаат природата.
Во Вила Дихово, за која досега веќе сме пишувале и ние, и многу други домашни, но и странски медиуми, досега поминале безброј гости, но најсилен емотивен белег на нашиот домаќин Пеце му оставил еден слеп патник од Англија кој пред да дојде во Македонија веќе имал пропатувано низ 120 земји. Него Пеце го однел на истото место кадешто не однесе и нас, на малиот водопад со длабок вир на реката Драгор над селото. Поради густиот шумски предел во кој се наоѓа и природната убавина ова место познато како Капејнци е место во кое ќе најдете и мир, и природни звуци и свежина, особено ако ги ставите нозете во ладната вода на Драгор.
„Кога го донесов тука овој гостин, кој е слеп, но со посебна тастатура пишува книги, а има и свој блог за кој пишува патеписи, тој уживаше во звуците на диховските водопади и ми кажа дека може дури и да ја види природата околу себе… Планирал да остане само еден ден во Вила Дихово, а остана 5. Рече дека не „видел“ поубава земја, поубави луѓе и поубава природа. Секојдневно уживаше во звуците на диховските водопади, во тишината на Пелистерската борова шума, се одмораше во дворот на Вила Дихово дружејќи се со нас и со другите гости. Рече дека не пробал повкусна храна и дека ја почувствувал искреноста со која е зготвена“, раскажува Пеце кој и самиот си го наоѓа својот мир и одмор токму вака.
Пешачи дотаму половина час, ги слекува патикте, ги става нозете во студената вода и зема здив од секојдневните обврски. Се одмора со затворени очи, седи половина час, а потоа, на враќање, го собира отпадот кој, за жал, неодговорните жители и посетители секојдневно го оставаат зад себе. Патем, се поздравува со сите соселани, за секого има по некоја шега или досетка, а главна му е онаа: „Еве, ме одбија за виза за Германија, па дојдов да соберам малку ѓубре тука“. Потоа им се враќа на обврските, со обновена енергија и со нов елан и како што вели, знае дека ќе спие добро затоа што направил нешто добро, го собрал отпадот и полните кеси со пластични шишиња ги фрлил таму кадешто им е местото, во контејнер.
Старата камена куќа околу која се протега огромно зелено пространство, малечок ограден простор за одгледување домашен зеленчук, многу разнобојни цвеќиња, овошки и дрвја е место од кое сите си заминуваат пресреќни, полни со позитивна енергија, но и со инспирација.
Дихово е распослано од десната страна на реката Драгор, во самото подножје на планинскиот масив Баба, над градот Битола, со прекрасен поглед на градот, Пелагонија и Пелистер. Селото е средено, со убави куќи и градини, чија убавина ја препознаваат многу домашни и странски туристи, токму благодарение на сопственикот на Вила Дихово, кој прв ја почна оваа приказна која во селото донесе многу туристи и го стави на картата на најубавите скриени туристички дестинации во Европа.
Пеце вели дека нивните гости се најчесто оние луѓе кои од својот одмор очекуваат мир и тишина од една, а авантура од друга страна. Никој од нив не очекувал луксуз, туку природа и дружење, и тоа го добиле.
„Кај нас престојот нема цена. Плаќа секој колку што смета дека треба да плати, толку колку што уживал. Мене ми е важно да заработам за да можам да ги покријам основните трошоци, сѐ друго зависи од задоволството на гостите“, вели домаќинот Пеце Цветковски и нагласува дека досега не се случило некој да не плати.
Изминативе 14 години, нивното гостопримство го доживеале туристи од нашата земја, но многу повеќе од Европа, најчесто од скандинавските земји, но и од сите други континенти во светот, од Еквадор, Панама, Мексико, па до Јужна Кореа, Јапонија, Австралија, САД, Канада….Конекција со странските туристи најчесто им се светските страници за туристичко рекламирање, а вилата Дихово соработува и со туристичка агенција од Сиднеј, Австралија.
Тука на гостите не им нудат ништо од она што можат да го најдат во Мишелин рестораните, но затоа пак за појадок ќе добијат домашен џем од малини, капинки, свежа урда, месено лепче, планински чаеви набрани на надморска висина од 2.000 метри, а за ручек – разнобојни салати од свеж домашен зеленчук и традиционални македонски јадења како: сармички од лозов лист, селска тава, полнети пиперки, зелници со коприва, киселец, блитва.
Сите елементи се изработени од дрво, а домаќините организираат и часови по готвење, па гостите можат и самите да си ја подготват храната. Оние кои сепак преферираат да бидат услужени, можат да мрзелуваат во зелената градина и да ги повикаат со ѕвончето поставено на дрвениот послужавник изработен од вредните раце на домаќините. Од пијалоци се служат вино, ракија и пиво, сите произведени тука.
Особено е интересна приказната за пивото и е резултат на љубовта на една гостинка кон Дихово и кон Пелистер.
„Девојката беше дел од Мировниот Корпус и престојуваше во Македонија неколку години а во САД нејзиното семејство има пивара. Таа не само што ни го кажа рецептот туку заедно со нејзините родители дојде повторно во Дихово и во Вилата ги донесе маите за зафаќање на пивото. Прво направивме за своја душа, па го пробаа гостите, го засакаа и оттогаш е дел од нашето мени“, ни раскажа Пеце.
Ги оставивме Пеце, Нацо и убавината што ги опкружува и се вративме во реалноста во која ни преостанува да ги спростреме нашите впечатоци, да ви ги пренесеме сликите, да ве охрабриме и да ве инспирираме за некоја нова успешна приказна.