Брза, лесна и здрава туршија во последен момент

Ако бевте како штурецот и додека сите правеа зимници вие уште си свиркавте, имате уште малку време да направите барем нешто, онака, брзо, лесно и здраво

0
396

Не ви требаат големи количини, а сè уште можете да најдете убав карфиол, моркови и краставички. Секако, можете да ставите и зелка и некоја црвена пиперка или некој друг зеленчук по ваш вкус, но она што е важно дека навистина можете брзо и лесно да си направите барем нешто за зимница.

И не мора да се придржувате до количините бидејќи додатоците се ставаат директно во теглата. Значи во секоја тегла подеднакво, 1 лажичка шеќер, една лажичка сол, 30 мл оцет, црн пипер во зрна, копар ако сакате. И зовриена вода.

Разделете го карфиолот на цветчиња и убаво измијте го. Излупете ги морковите и исечкајте ги на тркалца. Краставичките само измијте ги и исечкајте ги на тркалца. Ставајте од зеленчукот во претходно убаво измиени и стерилизирани тегли (оставете ги во рерна вклучена на 50-100 степени околу 15 минути).

Во секоја тегла ставете шеќер, сол и оцет и зачини по желба.

Дополнете ги теглите со зовриена вода, затворете ги со капаци, превртете ги наопаку и завиткајте ги во ќебе.

Оставете ги така додека не се изладат. И толку. Ќе ја пробаме зимницата за десетина дена.