Бамбурести лути пиперчиња спакувани во слатко

Човекот со еден од најубавите гласови, причината заради која е познат и како еден од најдобрите рецитатори на поезија во Македонија, е и голем гурман, но и вреден чувар на традицијата. За помнење се неговите домашни природни производи: оцет од диви јаболка и модри сливи, ракии со лековити тревки, а сега и по новата варијанта на неговото слатко од мали лути бамбурести пиперчиња

0
471

Нашиот стар пријател Страшко Милошевски, актер чиј фах е поетскиот театар па е познат како еден од подобрите рецитатори на поезија, е и голем гурман, член на здружението Слоу фуд Македонија и еден од оснивачите на Слоу фуд Осогово од Пробиштип.

Неговата животна филозофија е поврзана со заштитата на животната средина во која живееме, па пред повеќе од десетина години кога се појави Слоу фуд движењето во Македонија, почувствувал дека се наоѓа во неговата филозофија. И самиот почнал со производство на оцет од диви кисели јаболки, кои, се разбира, ги бере самиот.

„Не сум голем производител, но сакам и уживам да го правам тоа. Со тек на време почнав да го проширувам асортиманот на производи. Почнав да правам и оцет од модри сливи, а и своја домашна ракија која е кај нас дел од традицијата. Ракијата се трудам да ја облагородам со одредени лековити билки, па така, можам да ви понудам ракија со коприва, со мента, потоа со глог, и уште десетина други лековити билки. Верувам дека е здраво да се консумира ваква ракија, но се разбира, не сум лекар и не ги нудам ракиите како лек. Тука станува збор за хедонизам, за задоволување на хедонистичките потреби што е и поентата на Слоу фуд движењето, а воедно и да се заштити традиционалниот начин на подготвување на пијалаци и храна, бидејќи со тоа го штитиме нашиот идентитет, самите себе како луѓе. На што би личеле ако немаме своја храна, препознатливи јадења, своја музика, свој автентичен избор во се“, вели нашиот соговорник.

На пазарот на органски производи кој се одржува секоја сабота во октомври во „Јавна соба“, го сретнавме и не израдува со уште еден нов производ. Повторно станува збор за слатко од лути пиперчиња, кои се очигледно негова слабост, но овојпат се тоа оние мали бамбурести, таканаречени cherry pepers, кои имаат сосема друга конзистенција и целиот производ се разликува од неговото старо добро „Ем слатко, ем луто“.

Како и да е, господин Страшко е вистинско освежување, а неговата ведрина и радост, дополнети со некоја лажичка од пикантното слатко, можат само да ви го разубават денот и да ви го отворат апетитот.