Ајурведски производи мејд ин Македонија

Скопјаните Горан Поповски и Влатко Сејменовски, инаку, ајурведски терапевти, се и првите производители на македонски ајурведски масла изработени од локални состојки, директно од природата и во согласност со ајурведските принципи според кои „не треба да го ставате на себе она што не можете да го јадете“.

0
328

После ајурведските третмани и масажи, двајцата ентузијасти кои се дел од македонскиот центар за ајурведа, скопјаните Горан Поповски и Влатко Сејменовски, произведуваат и ајурведски лековити масла од локални природни состојки.

По древните тајни рецепти на Ајурведата тие прават козметички производи со чист природен состав наменети за одржување на здрава, убава и млада кожа.

„Нашето тело и кожа се уморни и затруени од хемиските производи кои секојдневно ги користиме, па овие, изработени по ајурведскиот принцип според кој – не треба да го ставате на себе она што не можете да го јадете, се токму она што ни е потребно“, велат тие.

Имено, сите рецепти на индиската ајурведа козметика се базираат на билки и други растенија. Тие се насочени кон отстранување на токсините од нашето тело, што придонесува за севкупно подобрување на благосостојбата и забавување на процесот на стареење, а изработени се од исклучиво природни состојки, поточно, од растенија кои растат во природни услови.

Бидејќи сите нивни производи се создадени од природата, тие се целосно безбедни и делотворни за човековото здравје. Меѓу нив, особено интересни се органското ајурведско масло против егзема и псоријаза, ајурведскиот путер за лице и тело со додаток на масло од коноп, ајурведскиот сапун, и други производи направени со состојки кои се инаку наменети и за консумација, како на пример, сусамово масло, маслиново масло, ги путер, куркума, лаванда, мента, портокал, ванила…

Затоа, не е чудо ако додека си ги миете рацете со нивниот ајурведски сапун добиете неодолива потреба да го гризнете.