Ако нема струја, набавете ракија

По најавите дека зимава не очекуваат рестрикции на струја, барајќи алтернaтива за греење, се сетивме на старата добра домашна ракија. За ова зборувавме со Јорде Јованов, првиот индивидуален земјоделец што доби акциза - дозвола за пласман на алкохол, во февруари оваа година.

0
644

По најавите дека зимава не очекуваат рестрикции на струја, барајќи алтернaтива за греење, се сетивме на старата добра домашна ракија. Можеби нема да ве згрее баш како струјата, ама ќе ве стопли одвнатре, а ќе ви ги подобри и циркулацијата и расположението.

За ова зборувавме со Јорде Јованов, првиот индивидуален земјоделец што доби акциза – дозвола за пласман на алкохол, во февруари оваа година.

Занаетот кој во неговото семејство е веќе со генерации, самиот почнал да го пече рекреативно, пред 7-8  години.

„Љубовта кон лозјето ја носам од детството. Му помагав на татко ми од најмлада возраст. Грозје, домашно вино, ракија, мастика, ликери, домашни лекови со алкохол кои лечеа сѐ… и сѐ врзано со лозарство беше присутно околу мене цел живот. Но додека порано само помагав затоа што морав, чивијата ми влезе кога живеењето во Скопје ми стана напорно, бегајќи од гужвата и брзиот живот. Си реков да пробам и малку по малку… ми се случи В’К“, ја почнува својата приказна нашиот соговорник, производител на брендот чија кума е неговата сопруга Јулијана.

Кога почнал да го „пече“ занаетот, не се потпрел само на семејното искуство, туку многу читал за начинот на одгледување на грозјето, за дестилацијата, за изборот на буриња, а со Законот за акцизи, односно подзаконскиот пропис, Акциза за земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци кој стапи на сила од 2020. година, успеал и да си ја легализира работата, да ја брендира ракијата и да извади акциза.

„Во нашето пошироко семејство и од двете страни и кај сопругата и кај мене, сите наши дедовци вареле ракија и сведоци сме на тоа дека ракијата лечела сé, се користела како средство за намалување на температурата, за дезинфекција, за чистење прозори, како афтершејф, за загревање, за ублажување на забоболка … “, вели Јорде согласувајќи се дека ако ни претстојат рестрикции на струја, тогаш не ни преостанува друго, освен да се загрееме со по 1 чашка, домашна.

Неговото семејство традиционално со години одгледувало лозје, па семејната традиција на производство на ракија трае повеќе од  70 години, кога тие, фамилијарно, во поширока смисла, вареле ракија за себе и за своите многубројни пријатели.

„Некаде во првата половина од четириесеттите години на минатиот век, со ова почнал да се занимава мојот дедо Најдо Јованов, од с. Радња, на Кожув планина. Мојот дедо, земјоделец и самарџија се доселил во Демир Капија, купил имот и насадил лозје со  т.н. стара прачка на мала површина во месноста Кош, близу Демир Капија. Тука почнува приказната.

Мојот татко иако е родум од Скопје, кадешто  работел и сѐ кадешто уште живее, ја продолжи традицијата на дедо ми. Подигнал нови лозови насади на две локации во месноста Дрен и во месноста Прждево. Голем дел од грозјето го користел за производство на домашно вино и ракија. Правел одлични црвени, густи вина со специфичен вкус и мирис, а ракијата ја чувал во во дрвени дабови бочви. Процесот на производство на ракија од грозје во тоа време бил многу сложен, користел култиватор за обработка на почвата, рачни муљачи за грозје, рачно ги пренесувале течностите од садовите и бурињата, а бербата била своја приказна која траела со денови, целиот процес  бил долготраен…Замислете дека рачно се мелеле над  12-15 тони грозје во период после бербата. Ако денес бербата се завршува за неколку дена, за истата површина порано им требале недели. Не затоа што береле бавно или биле во помал број, туку затоа што ја „дозирале“ бербата согласно можноста потоа да го преработат грозјето“, објаснува Јорде.

Неговата дестилерија и денес е лоцирана во Демир Капија, но има капацитет од 2.500 литри годишно. Можете да ја најдете како В’K фајн крафт ракија, а се чува во француски дабови буриња Tonnellerie Baron кадешто, како што објаснува Јорде, се добива аромата, а во крушевските дабови буриња се смирува.

„Во моментов произведуваме само жолта барикирана ракија, но имаме многу планови. Оваа година планирано е да произведеме и  мускатна бела ракија во лимитирано количество. Инаку, клучниот момент за нашата ракија е тоа што таа има стандарден  квалитет. Кај мене производот е секогаш ист, бидејќи лозовите насади се мои и не набавувам друго грозје. Кога решив рекреативно да се занимавам со лозјето, како што спомнав и претходно, пред  7-8 години, ја продолжив семејната традиција и она што татко ми го правеше, но на свој начин, со своја мотивација и во свој режим. Татко ми беше активен до пред  некоја година, а сега му „дозволуваме” само да го ужива тоа што го започнал. Иако уште многу сака да е ангажиран околу лозјето и ракијата, сега е само супервизор“, раскажува Јорде.

На нашата забелешка дека кај нас е општо познато дека најдобра ракија е сепак кавадаречката, тој одговара дека постои ривалство помеѓу Кавадарци и Неготино во однос на производството на ракија, но дека сепак, Демир Капија е местото кое кралот Александар Караѓорѓевиќ го одбрал за да ја изгради својата винарија, како најплодно место на Балканот , идеално за одгледување на винова лоза.

„Богатството на природни ресурси ја даваат спецификата на демиркаписката ракија“, тврди нашиот интересен соговорник кому во моментов производството, промоцијата и пласманот на В’К  му се примарна работа.

„Ќе се трудам со сите сили нашиот семеен бизнис не само да ми биде основна дејност, туку во иднина да го развиеме до степен на мала семејна компанија“.

Јованов е и брокер, финансиски советник, осигурителен брокер, а во бекграундот, има студии на машинскиот факултет, енергетика, бил сопственик на менувачница и туристички работник.

За самиот чин на варење ракија вели дека е и можност за одлична дружба.

„Трае со денови, ме посетуваат пријатели и заедно дружиме околу казанот кадешто се случува магијата. Комшиите знаат да донесат кафе, но во Демир Капија речиси секоја куќа вари ракија, такашто чинот таму е секојдневје, а не доживување“.

Јорде вели дека од дете ја „дише” ракијата околу него и можеби заради тоа и не е многу голем пијал на ракија.

„Ракијата ја дегустирам со пријателите и со семејството, кога споделуваме убави моменти, мене тогаш ми е најубава.  А по дома мислам дека е доволно ако кажам дека немаме навика да пиеме по една пред ручек“, признава Јорде.

Што се однесува до брендот на ракијата, концептот за идејното решение, слоганот и дизајнот на етикетата се идеја на неговата сопруга.

„В’К (дијалектички изговор на зборот волк во тиквешкиот регион), е волк меѓу ракиите и станува збор за крафт ракија, без додадени вештачки адитиви и ароми, без конзерванси и вештачки супститути на шеќер, подготвена од добро одгледано демиркаписко грозје кое сами го произведуваме од сопствените лозови насади. Посебно сме горди заради тоа што во неа се зачувани сите особини, автентичностa и својствата на грозјето“, тврди Јорде.