Јагоди од Шишево, ама малини од Голиово

Како ќе ги научиме нашите убави села ако не преку најубавите и најсвежи производи! Јагодите поминаа, ама на ред се нивните малечку роднини - вкусните и здрави малини

0
280

Kога првпат ги пробавме јагодите купени од маалскиот дуќан во Тафталиџе (Меркато Кирковски), научивме дека оној прекрасен мирис кој ја беше наполнил целата просторија, доаѓа од јагоди од селото Шишево.

Деновиве, во истиот тој дуќан вниманието го привлекуваат прекрасните помали роднини на јагодите, свежите и тукушто набрани малини. Според сопственикот, нашиот нов маалски пријател, кој се што продава знае точно од каде и од кого го купува, овие слатки малини доаѓаат од Голиово.

Станува збор за една од трите поголеми викенд населби во општината Чучер-Сандево, каде што, патем, иако звучи неверојатно, истиот човек кој ги одгледува овие прекрасни зрнести овошки, и тоа со помош на органско ѓубриво и на органска почва, одгледува и банани. Да, да, банани.

Според Ѓорѓи, сопственикот на Меркато, човекот од кој ги зема малините само затоа што му родиле премногу па не можат сами да ги потрошат, си одгледува и банани, повторно само за себе и за потребите на своето семејство.

Но како и да е, од прва рака, знаеме дека човекот има повеќе стебла банани кои носат и плодови. Секако, не со оние димензии на кои сме навикнати кога ги купуваме од маркетите, ама сепак банани мејд ин Македонија.

Пред 2-3 години, во кампот Љубаниште, имавме прилика да им бидеме гости на Миле и Цветанка Савески од Охрид и да поседиме токму под сенката на нивното едно и единствено стебло банана. Од нив тогаш разбравме дека, за жал, иако раѓа плодови во низа од 7-8, бананите на нивното стебло растат само 7 сантиметри и толку.

Се надеваме дека некогаш ќе можеме да се запознаеме со бананите од Голиово и не се сомневаме дека, иако малечки, ќе бидат подеднакво вкусни. Впрочем, како што се вкусни и малините, овошки со висока нутритивна вредност, со многу витамини, минерали и антиоксиданти, а сиромашни со калории.