Сушени сончарки, солени ореви…отворен ум

Што нема да ви текне кога сте цел ден на свеж воздух, на планина. Така барем вели младиот Давид Неделковски од сега веќе славната фарма за кози „Кози, млеко, планина“ кој постојано изнаоѓа нови природни вкусови и комбинации, собира, спојува, испробува,...

0
296

Сушени сончарки, солени ореви,…што нема да ти текне кога си цел ден на свеж воздух, на планина.

Така и Давид Неделковски кој почна со едно срамежливо интервју за „Арт кујна“, а сега растура низ медиумскиот простор, ама и на гастрономската сцена, со своите вкусни козји сирења и останати марифетлуци.

Но најинтересно е тоа што неуморно истражува, комбинира и ја збогатува својата понуда.

Последно што пробавме од него на пазарчето за органски и локални производи во „Јавна соба“, беа потпечените солени оревчиња кои ги направил за проба, да види дали ќе им се допаднат на луѓето, па да продолжи да ги прави, но и преубавите сончарки.

Имено, покрај сирењата, неговиот штанд го красеа печурките-сончарки, кои тој ги собира шетајќи со козите по планина. А таму, инспирација колку што ви сака душа.

Се среќава во светли листопадни и зимзелени шуми, пасишта и ливади и е многу чест и широкораспространет вид. Расте во големи колонии, но може да се сретне и поединечно.

Сепак, треба да се биде внимателен, предупредуваат експертите, бидејќи постојат сродни и слични видови кои може да се отровни.

Инаку, се собираат од почетокот на јули до крајот на ноември. Сончарката се бере многу тешко заради дрвенестата дршка која треба да се сече со ножици или со нож. Се собираат само млади и здрави чадорчиња.

Експертите велат дека на местото на собирање треба да се остават најмалку 20% недопрени печурки. Не собирајте незрели, недоволно развиени или стари и црвливи примероци и оние кои се наоѓаат во близина на сообраќајници или депонии.

Особено се погодни за сушење, па токму тоа го прави со нив и Давид, обидувајќи се да ги зачува за следните вкусни комбинации.