Словенечките празници мирисаат на потица

Едно од најважните традиционални словенечки печива, кое е задолжителен дел од трпезите за сите словенечки празници, се прави и денес, за 30-годишниот јубилеј од независноста на Словенија.

0
141

Потица го зазема најважното место меѓу словенечките традиционални празнични печива. Се подготвува од тесто од квасец и се полни со разни филови. Знаеме повеќе од 80 различни филови со кои го полнат тестото, по што и го добила своето име (завита потица/по-витица). Меѓутоа, најтипични се оние со ореви, лешници, мак, сирење, тарагон (вид зачински билки/естрагон), и други.

Словенечките домаќинки со радост ги печат дури и во непразнични денови, но веројатно денес, на 30-годишнината од независноста на Словенија, речиси секоја куќа мириса на потица.

Дефинитивно, се спрема и во домот на македонскиот уметник со постојано место на живеење во Љубљана, Диме Темков, кој често ги угостува своите словенечки пријатели со македонски специјалитети, но „му симнуваат капа“ дури и кога станува збор за нивните традиционални рецепти.

Сигурно се сеќавате кога за време на посетата на Ватикан на тогашниот претседател на САД Доналд Трамп, тој и папата Фрањо разменија подароци, а во текот на разговорот во Апостолската палата, на сопругата на Трамп, Меланија, Папата ѝ постави едно чудно прашање: „Што му давате да јаде, потица?“, а таа се насмеа и одговори: „Потица, да“.

Некои агенции тоа погрешно го пренесоа пишувајќи дека поглаварот на Римокатоличката црква ја прашал Меланија Трамп дали му дава на сопругот пица.

Се разбира, папата не ја праша Меланија за пица, туку за потица, бидејќи, како што знаеме, тогашната прва дама на САД е Словенка.

Еве го и рецептот

Состојки:

За тестото:

500 г брашно

70 г путер

2 дл млеко

60 г шеќер

4 жолчки од јајце

30-40 г квасец

парче кора од лимон

рум

сол

За филот:

600 г мелени ореви

100 г шеќер

40 г путер

1-2 дл млеко

1 ванилин шеќер

парче кора од лимон

рум

Приготвување:

  1. Брашното се става во сад а во средината се прави вдлабнатина во која се ставаат 2 лажици млако млеко, лажичка шеќер и здробен квасец. Се меша. Остатокот од млекото се смлачува и во него се растопуваат путерот и шеќерот, а потоа се трга настрана и се додаваат жолчките. Сѐ убаво се мати.
  2. Полека оваа смеса се става во брашното и се замесува тесто се додека тоа не почне да се одвојува од садот. Се остава на топло да нарасне.
  3. Во меѓувреме се прави филот: Млекото (за почеток се става 1 дл а потоа по потреба се додава уште) се става да проврие па во него се става шеќерот да се стопи, а потоа и путерот и оревите кои треба убаво да го впијат млекото (ако треба тогаш се додава и остатокот од млекото), ванилин шеќер, рендана кора од лимон и рум.
  4. Нараснатото тесто се расукува колку што може потенко. По целото тесто се премачкува филот. Се витка и се остава да стои покриено со крпа уште пола час.
  5. Потоа се премачкува со разматена жолчка и се пече прво 15 минути во загреана рерна на 180 степени, а потоа уште половина час на 200 степени.
  6. Кога ќе се испече се покрива со памучна кујнска крпа и се остава да се олади.