Светски ден на сендвичите: Од сендвичи до партиски ботови

Сендвичите се едно од оние јадења што можеме да ги јадеме во секое време од денот. Но, дали знаете како и кога всушност настанал сендвичот? Приказната вели дека сендвичот го добил името по англискиот лорд Џон Монтагју, четвртиот гроф од Сендвич, кој огладнел за време на една партија покер...

0
187

Сендвичите се едно од оние јадења што можеме да ги јадеме во секое време од денот.

Сендвичот го јадеме за појадок, ужина, ручек и вечера, а можеме да го подготвиме на 100 различни начини. Од наједноставниот сендвич составен од парче леб, шунка и сирење, преку топли и тост сендвичи до малку покомплицирани варијанти, солени и слатки – само небото ни е граница кога се во прашање сендвичите.

Но, дали знаете како и кога всушност настанал сендвичот?

Приказната вели дека сендвичот го добил името по англискиот лорд Џон Монтагју, четвртиот гроф од Сендвич, кој огладнел за време на една партија покер.

Бидејќи не сакал да ја прекинува играта, за да може да јаде и да ги држи картите, тој побарал од својот собар (или му бил готвач) да стави парче месо (според едни, мисиркино, а според некои други извори – говедско) помеѓу две парчиња леб. Останатите играчи, гладни како Џон, набргу почнале да нарачуваат: „И јас би го сакал истото што и Сендвич“. Така, по половина час, во просторијата во која се играле карти бил донесен првиот послужавник со сендвичи во светот.

Тој историски момент – денот кога сендвичот го добил своето име – се случил во 1765 година, кога Џон имал 47 години.

Денес името Ерл од Сендвич го носи синџир сендвич-барови во Англија и ширум Америка и, се разбира, во Лас Вегас.

Меѓутоа, помалку е познато дека Џон Монтагју, бил паметен и вреден човек, политичар и дипломат, неспорно меѓу водечките британски државници од неговото време. Работел многу, веројатно и тогаш јадел сендвичи, а се коцкал само во ретките моменти на одмор.

Монтагју (13 ноември 1718 – 30 април 1792) бил британски државник кој го наследил својот дедо Едвард Монтагју, третиот гроф од Сендвич како гроф од Сендвич во 1729 година, на возраст од десет години. За време на неговиот живот, тој имал различни воени и политички функции, вклучувајќи ја и функцијата генерален директор на поштата, прв командант на британската флота и државен секретар за Северниот оддел.

Џон бил командант на британската флота во три мандати, главен преговарач на Лондон на мировните преговори во Брејди во Холандија, со кои заврши војната за австриското наследство, потоа т.н. „Државен секретар за север“, односно задолжен за дипломатски односи со протестантските земји од северна Европа и многу повеќе…

Лордот Сендвич бил голем поддржувач на капетанот Џејмс Кук. Како прв господар на Адмиралитетот, Сендвич одобрил средства за втората и третата експедиција на Кук за истражување во Тихиот Океан. Тој, исто така му организирал аудиенција кај кралот, што била необична привилегија за офицер од понизок ранг.

Во чест на Сендвич, Кук ги именувал островите Сендвич (на Хаваи) по него, како и островот Монтагју на југоисточниот брег на Австралија, Јужните Сендвич Острови во јужниот дел на Атлантскиот Океан и островот Монтагју во Заливот на Алјаска. Лордот Сендвич ги донирал различните предмети што му ги дал Кук на колеџот Тринити на Универзитетот во Кембриџ.

Пронаоѓачот на сендвичот, Џон Монтагју, со години живеел со Фани Мареј, една од најпознатите лондонски куртизани и скандал-мајстори на своето време. но се оженил за Дороти Фејн, ќерка (и богата наследничка) на првиот виконт Фејн. А сепак ниту една од нив не му правела сендвичи, за тоа секогаш бил задолжен неговиот верен собар.

Сè што постигнал за време на неговата прилично долга кариера, а постигнал многу, не било доволно за да му овозможи на Џон Монтагју да влезе во историјата. Тоа му го овозможило тоа парче месо помеѓу двете парчиња леб – сендвич!

Самиот поим сендвич има различни значења во различни земји.

Во Шпанија, каде што зборот сендвич е позајмен од англискиот јазик, овој термин значи само сендвичи направени од т.н. сендвич леб, англиски, додека локалната, шпанска верзија се нарекува бокадило.
Во Австралија, сендвич е само сендвич направен од леб што се добива со сечење на лебот на парчиња.

Што навистина е сендвичот било предмет на интересна тужба, во 2006 година во Бостон, Масачусетс, САД. Специјализиран ресторан за сендвичи во трговски центар во Бостон имал договор со кој било забрането секоја друга продавница да продава сендвичи во тој центар. Кога се појавила конкуренцијата која продавала мексикански бурита, такоси и кеседилји, старите станари ги тужеле, сметале дека и тука станува збор за сендвичи и дека тоа е прекршување на договорот.

Не знаеме што мислел судијата во Бостон за сендвичите, кога одлучувал во овој необичен процес, ниту пак дали сакал самиот да ги јаде, но останало забележано образложението на пресудата со која се одбива оваа бизарна тужба:
„Сендвич значи најмалку две посебни парчиња леб, меѓу кои се става некоја друга храна. Храната завиткана во парче тесто, од која било форма, не е сендвич“.

Сендвичот е храна што се носи со вас, на пат, се јаде во автомобили и авиони, на железнички станици и на дипломатски приеми, во соби со евтино сместување и во луксузни хотели. Грижливите мајки и баби прават сендвичи за своите деца кои првпат одат на екскурзија – бројот на овие сендвичи во автобусот е секогаш многу поголем од оној што може да се изеде.

Сендвичите и партиските ботови 

Не знам како и зошто, но сендвичите кај нас станаа нераскинливо поврзани со партиските членови, или како што популарно се нарекуваат – ботовите. Патем, мислам дека е ова вистинска неправда за сендвичот – да биде синоним за бот.

Оваа неправда се заснова на имплицитната претпоставка дека сендвичот е најевтината храна. Толку евтин што со него може да се купи еден бот. И затоа, најмалку вредната храна и многу евтини ботови… Таа претпоставка инаку е сосема релативна: има многу скапи сендвичи. Се зависи од квалитетот на состојките кои се ставаат во него.

Меѓутоа, оваа бизарна врска меѓу сендвичот и ботот, која е вкоренета во јавното мислење, отвора уште едно, многу посериозно и многу потажно прашање: дали е еднаква цената на лојалноста кон партијата на цената на еден сендвич денес?

Сендвичот, се разбира, секогаш ќе остане сендвич. Неговиот вкус ќе го одреди мајсторот кој го направил. Но, тој вкус ќе ја одреди и духовната состојба на оној што го јаде: неспоредливо е повкусен сендвичот што го јаде слободен човек, од истиот сендвич што го јаде некој бот…

Барем според мене.