Природно радиоактивна храна: 10 намирници кои најмногу зрачат

Шампион во природната радиоактивност е бразилскиот орев, но во природни намирници кои зрачат се вбројуваат и бананите, компирот, путерот од кикирики и пивото, па дури и водата за пиење. Секако, ова изворно зрачење во намирниците не е штетно за нашето здравје

0
453

Гледано како катастрофа, радиоактивното зрачење секогаш привлекува внимание, а малку е познато за постоењето на природно радиоактивна храна. Ова изворно зрачење во намирниците не е штетно за нашето здравје, па затоа непречено ги користиме во секојдневната исхрана.

Технички, целата храна е малку радиоактивна. Тоа е затоа што таа и сите други органски молекули содржат јаглерод, кој природно постои како мешавина на изотопи, вклучувајќи го и радиоактивниот јаглерод C-14.

Се разбира, некои видови намирници емитуваат повеќе зрачење од другите. Шампион во природната радиоактивност е бразилскиот орев, но во природни намирници кои зрачат се вбројуваат и бананите, компирот и пивото, па дури и водата за пиење.

Ова се 10 природно најрадиоактивни јадливи намирници, со прецизни податоци колку зрачи секоја од нив.

1. Бразилски орев

Ако имаше награда за најрадиоактивна храна, бразилскиот орев убедливо ќе триумфираше. Содржи високо ниво на два радиоактивни елементи: радиум и калиум. Калиумот е добар за човечкото тело, се користи во многу биохемиски реакции, а една од причините за тоа е што самиот човеков организам е малку радиоактивен. Радиумот што се наоѓа во ова оревче доаѓа од земјата кадешто растат неговите дрвја и го апсорбира преку коренот. Бразилскиот орев емитира повеќе од 6.600 pCi / kg зрачење (Ci е ознаката за KIRI, која е мерна единица за радиоактивност; pCI е пикокири или 10−12 Ci). Поголемиот дел од тоа зрачење безбедно поминува низ телото. Сепак, високите нивоа на селен и други минерали ги прават бразилските ореви здрави, но само кога се консумираат умерено.

2. Лима грав

Посебен вид грав со зелена боја, т.н Лима грав е високо радиоактивен. Содржи калиум К-40 и радиум Ра-226. Очекуваното зрачење од калиум е 4.640 pCi / kg, додека вредноста за радиум е помеѓу 2 и 5 pCi / kg. Човечкото тело нема никаква корист од радиумот, но овој грав се смета за одличен извор на калиум. Исто така, зрната лима се добар извор на железо.

3. Банани

Бананите се доволно радиоактивни за да активираат аларми кои предупредуваат на радиоактивност во пристаништата и аеродромите. Тие обезбедуваат 1 pCi / kg радиум Ra-226 и 3.520 pCi / kg калиум K-40. Екстремно високата содржина на калиум е клучна и затоа бананите се толку хранливи. Со консумирањето на ова овошје доаѓа до апсорбирање радиоактивното зрачење, но не е штетно за организмот.

4. Моркови

Морковите се радиоактивни 1-2 pCi / kg кога станува збор за радиум Ra-226 и околу 3.400 pCi / kg од калиум K-40. Општо земено, коренестиот зеленчук како моркови, целер, цвекло, ротквици или ѓумбир имаат многу високо ниво на заштитни антиоксиданти, заради што нивното ниво на радијација слабее.

5. Компири

Компирот има идентични вредности на радиум и калиум како морковот, бидејќи и тие припаѓаат на кореновиот (туберозен) зеленчук. Треба да се има на ум дека секое јадење направено од компири, како чипс или помфрит, се на сличен начин благо радиоактивни.

6. Кујнска сол со намалена содржина на натриум

Солта со намалена содржина на натриум, која е многу популарна како адекватна замена за чист натриум хлорид (кујнска сол), содржи калиум хлорид. Заради ова соединение, нивото на калиум во оваа сол испорачува радиоактивна вредност од околу 3.000 pCi / kg. Во согласност со ова, солта која е целосно без натриум содржи повеќе калиум хлорид во себе отколку солта со намалена содржина на натриум и затоа е повеќе радиоактивна.

7. Црвено месо

Црвеното месо содржи значителни количини на калиум, а со тоа и радиоактивен К-40. Стек или плескавица може да „засвети“ околу 3.000 pCi / kg. Овој вид месо е богат со протеини и железо, а високата вредност на заситените масти во него претставува поголем ризик за здравјето на луѓето од радиоактивното зрачење што го испушта.

8. Пиво

Пивото е исто така природна радиоактивна храна. Содржи калиум К-40, во количина од околу 390 pCi / kg. Вредноста на зрачењето од пивото е околу една десетина помала од зрачењето на пример, на сок од морков, па од гледна точка на зрачење, пивото е поздрав пијалак. Меѓутоа, кога се друго ќе се земе предвид, природно цедениот сок од морков е далеку подобар избор од чаша пиво.

9. Вода за пиење

Верувале или не, водата за пиење испушта и одредена радиоактивност. Водата за пиење не е чист H2O. Дозата на нејзиното зрачење варира во зависност од изворот на вода, но во просек, радиоактивната вредност е околу 0,17 pCi / g од радиумот Ra-226.

10. Путер од кикирики

Путерот од кикирики ослободува 0,12 pCi/g зрачење од калиум К-40, радиум Ра-226 и радиум Ра-228. Оваа намирница е многу богата со протеини и е добар извор на здрави мононезаситени масти, така што покаченото ниво на радиоактивен радиум не може да биде застрашувачко.

Фото: Unsplash