Првите пластични кеси во Македонија влегоа – со млекото

Ако сте родени во 60-тите и 70-тите години од минатиот век, па можеби и малку подоцна, сигурно се сеќавате на млекото во кеси? Имаше криза за млеко, па се чекаа редови и еден човек можеше да купи само 1 литар млеко. Затоа се правеа и резерви - се замрзнуваа во првите огромни замрзнувачи познати како сандаци

0
720

Денеска пливаме во пластика и некако не ни оди од рака да се откажеме од пластичните кеси кои иако почнаа да се наплаќаат, се уште се неизбежен дел од пазарувањето во пилјарите и маркетите. Малку по малку срамежливо се враќаат во игра платнените торби кои порано беа неизоставен дел од секојдневниот аксесоар на нашите мајки, татковци, баби и дедовци.

Кеси? Кеси немаше, а првите беа оние во кои се пакуваше млекото од краварската фарма во Трубарево, која го снабдуваше со млеко цело Скопје. (За сладоледот „Снежец“ кој се правеше од ова исто млеко, во некоја друга пригода).

Ако сте родени во 60-тите и 70-тите години од минатиот век, па можеби и малку подоцна, сигурно се сеќавате на млекото во кеси? Имаше криза за млеко, па се чекаа редови од пет сабајле и еден човек можеше да купи само еден, евентуално, два литри млеко. Кога ќе се купеа два литри, се случуваше едно да се замрзне за некој друг ден, кога ќе нема. Млекото се замрзнуваше во првите огромни замрзнувачи познати како сандаци.

А кесите од млекото? Кесите не се фрлаа. Не беше невообичаено на жиците за сушење алишта да се видат токму овие кеси, испрани и закачени со штипки покрај перените алишта. Се употребуваа за различни потреби, некои во нив чуваа сирење,  колбаси, а некои дури и пари.

Затоа, ако се прашувате дали млекото може да се замрзнува, на пример, ако датумот на траење е при крајот, слободно замрзнете го.

Млекото во замрзнувачот може да стои до три месеци. Сепак, препорачливо е да го консумирате во првиот месец бидејќи лесно ги апсорбира мирисите од друга храна.

Препорачуваме да ставите етикета на пакувањето со датумот на замрзнување и видот на млекото што го замрзнувате – за секој случај.

Добро е познато дека при замрзнување, поради зголемување на волуменот, постои ризик од пукање на амбалажата. Се разбира, ова првенствено се однесува на стаклото.

За да избегнете неред, распоредете го млекото во пластични садови, погодни за чување во замрзнувачот. Кога ќе сакате да го употребите, извадете го од замрзнувачот претходната вечер и оставете го да се стопи во фрижидерот.

Ако брзате, потопете го во сад со ладна вода. Доколку е потребно, сменете ја водата неколку пати.

Постои голема можност маснотиите од млекото да се одвојат. Сепак, ова не е нерешлива ситуација и нема ништо што не може да се реши со 30 секунди мешање во блендер.

Што се однесува до кесите и до млекото во кеси….првите, за жал, ги има во изобилие, а млеко во тој формат, повеќе нема.

Фото: Твитер