Кој може да ѝ одолее?

Се сеќвате на нутриционистката Челси Амер од Њујорк која тврдеше дека парче пица за појадок е поздраво од порција млеко и преработени житарки? Ама кога е пицата навистина добра како оваа, тешко е да запрете на едно парче, нели?

0
270

Убаво е кога сте некаде надвор од државата, ќе прашате каде има најдобра пица и ќе ве упатат во пицеријата кадешто пиците ги прават токму вашите стари познајници за кои веќе сте пишувале и сте заклучиле дека се навистина најдобри. Барем тука, на хрватскиот остров Хвар кадешто понудата и побарувачката се големи, а критериумите строги.

Пицата со рукола, далматински пршут, пармезан и шери домати е нашата омилена во пицеријата на господин Шадан Хусеини, кој во градот Хвар е познат како Роко, па токму така се вика и неговиот ресторан на плоштадот Свети Стјепан, број 33.

Тука, како што напишале и на интернет страницата на ресторанот, можете да уживате во вкусната храна, од Велигден до средината на октомври, значи, речиси 6 месеци, но ние најмногу уживаме во пиците и се држиме до препораките на нутриционистката Челси Амер од Њујорк која тврдеше дека парче пица за појадок е поздраво од порција млеко и преработени житарки.

Според неа, пицата има повеќе протеини од типична порција житарки, такашто може подолго да го задоволи апетитот и да го спречи грицкањето помеѓу оброците.

„Парче пица содржи повеќе маснотии, но значително помалку шеќер од повеќето готови преработени житарки, такашто со пицата сигурно нема толку лошо да влијаете на нивото на шеќер во крвта.

Само една шолја такви житарки имаат околу 18 грама шеќер, што е многу близу до дневните препораки за жени, кои изнесуваат 25 грама дневно. И освен тоа нема да добиете ниту грам добри масти“, вели Челси Амер.

Повеќето снегулки во себе не содржат ниту малку протеини ниту здрави масти. Тие не се ништо друго освен „лажица шеќер“.

Секако, немојте да јадете пица баш секое утро. Но можеби ќе се изненадите дека просечно парче пица и порција снегулки имаат речиси еднаков број калории.

Сепак пицата има многу поголем процент протеини, што ќе ве разбуди и засити.

Значи, ако идејата за пица за појадок никако не ви излегува од глава, прочитајте го текстов и уживајте во некоја пица со многу зеленчук, зелена како нашава.