„Компот“ од (диво или питомо) свинско месо во тегла???

Кога две домаќински куќи наместо „стрели“, си разменуваат искуства на пријателска линија помеѓу Охрид и Скопје, добивате навистина интересни рецепти, за многумина нови, но всушност, одамна заборавени традиционални деликатеси. Овој веројатно бил заборавен кога се измислиле фрижидери

0
1333

Селското домаќинство „Пирустија Неданоски“ сместено на планината Галичица и неговата домаќинка Наташа Неданоска постојано „не провоцираат“ со нивните традиционални деликатеси.

Специјалитетите на куќата се печат на пирустија под сач, па оттаму доаѓа и името на ова домаќинство. Охридски преснец и кошмишпите, комат, питулици и ѓомлезе. Но тоа не е се.

Домаќините прават и традиционално слатко од бели цреши и највкусното слатко од јаготки, имаат свежи зеленчуци од својата бавча, тиквички, модри патлиџани, пинџури, сармички, домашни ракии, ликери, сокови, чаеви, компоти од овошје и компот од диво свинско месо!!!

Молам? Компот од диво свинско месо?!

Да, деновиве не изненадија со својот рецепт и ги споделија со нас фотографиите.

Ако сакате да пробате, Наташа го сподели со нас и рецептот и патем, не упати и кај своите скопски пријатели (кој вели дека охриѓани и скопјани не се мирисаат?!), членовите на козарската фарма „Кози, млеко, планина“, сместена на падините на Скопска Црна Гора во селото Раштак, кој го праваат истиот специјалитет, но со питомо месо.

На фотографијата лево е дивото месо, а на фотографијата десно, питомото.

Значи, ако немате диво месо, Наташа (која патем, самата не јаде месо, ама вели дека има кој јаде), ве охрабрува да пробате со питомо.

Еве го и рецептот:

Го сечете месото на парчиња и ставате 2 проценти сол од вкупната тежина на месото. Го редите во тегли, ја распоредувате солта во секоја, додавате по еден ловоров лист или гранче рузмарин, неколку зрна црн пипер и најодозгора, во секоја тегла, по едно лажиче свинска маст. Теглите потоа се затвораат, се завиткуваат во крпа или на дното од тенџерето во кое се варат се става крпа и се варат како компот во тегли околу 4 – 5 часа.

Теглите се ставаат во ладна вода, а се варат на ниска температура.
На овој начин, конзервираното месо може да се јаде такво какво што е, како мезе или да се додаде во некое јадење такашто ќе биде потребно многу помалку време за да се подготви јадењето, бидејќи месото е веќе термички обработено.

Со среќа!