Ако сте при крај со резервите на храна, а фрижидерот ви е полн со корени и уште некои намирници кои не се корени ама можат да траат и по неколку недели, тогаш нема за што да се секирате. Здрави се, а од нив можете да направите и многу вкусни оброци.
Еве што е добро да имате секогаш во поголеми количини во вашиот фрижидер.
1. Зелка
Ако е завиткана во хартиена кеса и оставена во фрижидер, зелката може да трае најмалку еден месец. Колку брзо ќе се расипе, зависи од тоа дали било сува кога сте ја ставиле во фрижидер. Затоа, пред да ја ставите во хартиена кеса, ако забележите капки вода на надворешните листови, нежно избришете ги со хартиена салфета.
2. Свежо цвекло
Чувањето на свежо цвекло на ладно, темно и суво место ќе го продолжи рокот на траење. Ако имате соодветна остава или подрум, можете да го чувате таму, а истото можете да го постигнете и ако го чувате во фрижидер. Прво отстранете ги стеблото и лисјата.
Лисјата можете да ги користите за разни јадења. Можат да се подготват како блитва, да се стават во смуди или да се додадат во салати. Завиткајте го коренот во хартиена кеса и чувајте го сув.
3. Моркови
Клучот за продолжениот рок на траење на морковот е правилното сушење. Ослободува многу влага сам по себе, такашто може полесно да изгние. Меѓутоа, ако го завиткате во хартиени салфети по купувањето и потоа го ставите во фрижидер, ќе го решите проблемот со собирање влага и ќе ја задржите свежината.
4. Корен од целер
Тој ја „сака“ влагата, па нема да му пречи никаква кондензација во фрижидерот. Кога ќе го исечете коренот на целерот, добро завиткајте го остатокот и вратете го во фрижидер, кадешто ќе трае барем уште една недела без никакви проблеми. Чувајте ги листовите од целер во пластична кеса или завиткајте ги во најлонска фолија.
5. Лук
Иако е многу издржлив во различни услови, најдобро му одговара температурата помеѓу 15 и 18 степени и умерена влажност. Ако го чувате во фрижидер, имајте предвид дека ќе почне да ‘рти неколку дена откако ќе го извадите од фрижидерот и го оставите на собна температура.
6. Кромид
Хартиена кеса или мрежа се идеални за чување кромид. Сувиот простор е најважната работа за него, затоа внимавајте да не го чувате кромидот на влажно место.
7. Келераба
Овој занемарен зеленчук е одличен извор на влакна, калиум, витамини А и Ц. Може да трае подолго од еден месец на ладно место или во фрижидер.
Фото: Pexels