Заштита од најагресивните карциноми, но и опасност од преголеми количини

За кафето секогаш имало многу За и многу Против, но едно треба да знаеме – не треба да се претерува со дневните количини

0
735

Кафето не го пиеме само од уживање, туку и за да се разбудиме, да ја зголемиме концентрацијата. Но кофеин не добиваме само од овој омилен пијалок, туку го има и во чајот, кока-колата, чоколадото. Дали тој алкалоид од зрната кафе е безбеден за здравјето и колку кофеин ни е премногу?

Ретки се оние кои не сакаат или не пијат кафе, затоа што кафето се поврзува со чувството на пријатност и задоволство, со одмор, пауза, ритуал кој го сакаме. Сепак, иако има свои добри, има и свои негативни страни. Проверивме што е тоа што му оди во прилог, а што ни сугерира дека би требало да се ограничат неговите дневни количини.

Против

Кофеинот е благо стимулативен чии ниски и умерени дози се безбедни, но сепак се смета за дрога и од него може да се стане зависен (кофеинската зависност Американската психијатриска асоцијација дури ја ставила на листата на ментални пореметувања) – секој кој одлучил да престане да пие кафе веројатно доживеал главоболки, збунетост и замор во текот на првите неколку денови.

Обично се препорачува дневно да не се земаат повеќе од 200 до 300 мг кофеин, што одговара на количината на две до четири шолји варено кафе, што се смета за безбедно за повеќето возрасни.

Ако пиете седум шолјички кафе дневно, внесувате од 500 до 600 мг кофеин, поради што можете да бидете посклони кон проблеми како што се несоница, нервоза, иритација и немир, тегоби во варењето, рефлукс, киселини, забрзан пулс, главоболки,често мокрење, замор на мускулите, итн.

Имајте на ум дека кофеин не добиваме само од кафето, туку и од еден ред чоколадо добиваме 5 мг, а од стандарден енергетски напиток – 160 мг.

Најпознатата лоша страна на кофеинот е тоа што го ремети заспивањето и го попречува длабокиот сон, а тоа може да предизвика исцрпеност. Кофеинот може да одигра улога во хроничниот недостаток на сон. На пример, ако некој е ненаспан, може да пие кофеински напитоци за да остане буден во текот на денот, но внесениот кофеин може да го попречи ноќниот сон скратувајќи го времето на спиење и со тоа влошувајќи ја ненаспаноста.

Значајна е врската помеѓу пиењето кофеинско кафе и намалувањето на минералната густина на коските, што води кон остеопороза (истражувањето е спроведено на жени во пстменопауза кои пиеле три шолјики кафе на ден и внесувале премалку калциум).

Редовното пиење кофеински напитоци може да го крене нивото на шеќер во крвта и да предизвика проблеми кај луѓето со дијабетес, а кофеинот благо го крева и крвниот притисок. Тој е диуретик па во поголеми количини може да ја засили дехидрираноста.

Што сѐ влијае на негативните дејствија

Кај луѓето чувствителни на кофеин дури и помали количини, шолјичка или две шолји кафе или чај, можат да предизвикаат вознемиреност и проблеми со спиењето.

Делумно, реакцијата може да биде одредена од кофеинските навики – лицата кои не пијат кофеин се редовно почувствителни на неговите негативни ефекти. Останатите фактори можат да вклучуваат генетика, телесна маса, возраст, земањето некои лекови, присутност на анксиозно пореметување.

Некои лекови и билни суплементи можат да дојдат во интеракција со кофеинот.

Спојот на ефедрин  (кој се користи во капките за нос) и кофеин може да го зголеми ризикот за висок притисок, срцев и мозочен удар.

Теофилин (лекот за отварање на бронхијалните патишта) има некои дејства слини на кофеинот па истовременото земање може да го засили неповолното дејство на кофеинот. Ехинацеата, растителен суплемент кој најчесто се зема против настинка, може да ја засили концентрацијата на кофеинот во крвта, па и неговото неповолно дејство.

За

Докажани се многу здравствени придобивки од кофеинот. Истражувањата сугерираат дека кофеинот , а особено кафето, би можел да ги штити мозоните клетки и го снижува ризикот од некои невролошки болести, како што е Паркинсоновата (оној кој пие многу кафе има 4 до 8 пати помал ризик за развој на таа болест, наведува Американскиот  институт за здравје, National Institutes of Health, NIH) и деменција.

Редовното пиење кафе може да ја стимулира работата на жолчниот меур и да го намали ризикот од појава на жолчен камен.

Кофеинот предизвикува стегање на крвни жили, што може да помогне да се улажи главоболката, а бидејќи го намалува воспалението, може да учествува во превенцијата на одредени срцеви проблеми. Може да помогне во превенција на мозочен удар и некои видови рак како и да ја зајакне концентрацијата и помнењето. Зрната кафе се семки, а сите семки, истакнува NIH, се полни со заштитни компоненти.

Добро е за деменција

Кафето може да го намали ризикот од Алцхајмерова болест. Ако во 40-тите и 50-тите години пиете три до пет шолјички на ден, ќе го намалите за 70 отсто ризикот од појава на таа болест и други деменции во 70-тите години од животот. Ова го покажала студијата спроведена на Универзитетот Флорида, а и некои други студии откриле дека редовното консумирање кофеин може да го забави когнитивното пропаѓање кај повозрасните лица.

Кофеинот го намалува ризикот од рак на уста – повозрасните лица кои пиеле четири и повеќе големи шолји црно кафе на ден ја преполовиле веројатноста дека ќе умрат од рак на горниот дел од грлото и устата. Бескофеинското кафе имало послабо влијание, а чајот не покажал таква заштита. Кај постарите жени кофеинот го намалува ризикот од мозочен удар – оние кои пијат повеќе од една шолја кафе на ден го снижуваат тој ризик за 20-25 отсто, покажала американската студија од 2009. и шведска студија од 2011. година.

Заштита од некои облици карцином

Истражувањата покажуваат уште поволни влијанија на кофеинот. Ревизијата на поголем број студии спроведени во САД во 2010. нашле една силна врска помеѓу редовното пиење кафе и заштитното дејство против рак на ендометриум, на дебело црево, на простата и на црн дроб.

Кафето може да го продолжи и животот

Голем американски проект во кој десет години се следени животните навики на 400.000 мажи и жени на возраст од 50 до 71 година покажал, покрај другото, дека редовните пијачи на кафе, дури и на бескофеинско кафе, имале помал ризик од смрт од било која причина од оние кои не пиеле кафе. Особено било помалку веројатно дека тие што пиеле кафе ќе умрат од срцеви и белодробни болести, мозочен удар, несреќи, дијабетес и инфекции. Овој омилен напиток ја намалува дури и веројатноста дека некој ќе крене рака на себе. Истражувањето спроведено во 2013. на Harvard’s School of Public Health покажало дека лицата кои пијат две до три шолјички кафе дневно имаат 45 отсто понизок ризик за самоубиство, веројатно затоа што е кофеинот стимуланс кој помага за поправање на расположението.

Фото: Pixabey