Есента полека наближува, а со неа доаѓаат и многу убави, миризливи и вкусни плодови. Дуњата е дефинитивно еден од омилените ароматични есенски плодови …
Најдовме рецепт за вкусниот ликер од дуња со најубавите ноти од цимет и портокал кој потоа можете да го пијуцкате во секое време од годината. Исто така е и одлична идеја за подарок.
Состојки за 3 литри ликер од дуњи:
1 ипол килограм дуњи
½ портокал
250 грама кафеав шеќер
1 стапче цимет
2 каранфилчиња
2 парчиња ѕвездест анасон
750 мл вотка
Приготвување:
Измијте ги дуњите и отстранете ги влакната со кујнска крпа. Преполовете ги, а потоа исечете ги на четвртини. Излупете ги и исечете ги на поголеми парчиња.
Исцедете половина портокал и ставете го во големо тенџере заедно со околу еден литар вода. Внатре ставете ги и парчињата дуњи и варете ги околу 30-40 минути на тивок оган додека не омекнат.
Процедете го пирето преку сито или газа и соберете го сокот. Би требало да има околу 1 литар сок. Измешајте го сокот од дуња со шеќер, цимет, каранфилче и анасон во стаклен сад (бокал) и ставете го во фрижидер да стои околу 24 часа.
Следниот ден, извадете ги циметот, каранфилчињата и анасонот од сокот. Измешајте го сокот со алкохол и префрлете го во голем сад или во три шишиња од 1 литар. Оставете го ликерот да стои најмалку 2-3 недели, повремено мешајќи или протресувајќи ја содржината.
Исцедете го готовиот ликер низ ситно сито и префрлете го во врели измиени шишиња. Затворете ги шишињата цврсто.
Фото: Unsplash