Бевме во кујната каде што се прават најдобрите кремпити во Самобор и во светот

Самоборските кремшнити (кремпити) се прогласени за нематеријално културно богатство на Република Хрватска и не постои човек што некогаш го посетил Самобор, а да не проба од овој убав, кремаст автохтон самоборски бренд! Ние дојдовме до оригиналниот рецепт, стар скоро 100 години, според кој кремпитите се прават и денес во култната слаткарница „У пролазу“

0
902

Самоборските кремшнити, или по нашки – кремпити, се прогласени за нематеријално културно богатство и се запишани во регистарот на заштитени културни добра на Република Хрватска, а тоа е само едно од низата признанија за автохтониот десерт на градот Самобор – по кој е познат во дел од светот. Ние дојдовме до оригиналниот рецепт, стар скоро 100 години, според кој кремпитите (крешнитите) се прават и ден денес во култната слаткарница „У пролазу“.

Токму таму можете да ги пробате најдобрите кремпити и според мислењето на мнозинството, па и на моите домаќини, слаткарницата „У пролазу“ сè уште ја носи титулата „култно место во кое се јадат најдобрите кремшнити во Самобор“ – а тоа значи во Хрватска (а можеби и во светот, би додале како нови „фанови“ на овој десерт).

Посебноста на самоборските кремпити (крешнити) е во тоа што се прават од само пет состојки: млеко, јајца, малку брашно, шеќер и ванилин шеќер. Важно е да се истакне дека во нивното производство никогаш не се користи згуснувач, а млекото мора да биде што е можно посвежо и со што е можно помалку конзерванси.

Ако не можете да одите во Самобор и да уживате во кремастите кремпити, ние ќе ви го пренесеме оригиналниот рецепт што ни го открија токму најдобрите и обидете се да ги направите и да уживате во нивниот мирис и вкус дома!

Во принцип, најважна е техниката на изработката, односно златните раце на слаткарите кои точно знаат колку време треба да се меша смесата, бидејќи ако предолго трае, тоа влијае на густината. Сепак, со оглед на тоа што дневно, во деновите кога има повеќе посетители тие прават по 2-3 илјади кремпити, а во пообичните денови, околу 1.500, разбирливо е, вели Маријан Жгањер, сопственик на слаткарницата, што се обиделе барем малку да си го олеснат процесот па купиле една машина за мешање на белките и уште една за кремот. На тој начин, колку толку, процесот на изработка е олеснат, иако сè уште најголемиот дел од постапката е рачна.

Кога се прават кремшнитите, белките од јајцата не треба да се мешаат премногу долго, а ниту кремот од јајца, млеко и брашно не треба да се готви премногу долго, треба да се внимава да не изгори со постојано мешање на смесата, која треба да биде слична по густина на свеж пудинг.

А еве го и оригиналниот рецепт за самоборските кремпити (кремшнити):

За кремот:

3 л млеко

24 јајца

21 дкг обично брашно

75 дкг шеќер

2 лажици ванилин шеќер

За 2 кори:

1 кг брашно

1 кг маргарин

сол, вода

 

Приготвување:

За корите замесете тесто од наведените состојки и преклопете го четири пати, како при правење лиснато тесто, оставете да отстои некое време и печете го во рерна (може да купите и готови кори).

Поделете го лиснатото тесто на два еднакви дела, а потоа секое внимателно расукајте го на големина на плехот. Печете ги двете кори одделно во загреана рерна на 175 Целзиусови степени додека не поруменат, околу 10 до 15 минути. Кога ќе се испечат, оставете ги настрана да се изладат.

Потоа подгответе го кремот.

Одвојте ги белките од жолчките. Изматете ги белките од јајцата во цврст снег.

Во жолчките додајте шеќер, ванилин шеќер, брашно и неколку лажици млеко. Остатокот од млекото загрејте го на шпорет.

Ставете ја смесата од жолчки во посебен сад и варете на тивок оган постепено додавајќи топло млеко додека не се згусне. Мора да се вари 12 до 15 минути додека кремот не се згусне и постојано да се меша со жица за да не загори. Оставете ја смесата малку да се излади, а потоа измешајте ја со изматените белки.

Прелијте ја испечената кора со топлата смеса и покријте ја со другата кора. Поросете шеќер во прав врз кремпитите. Послужете по еден или два часа.

Оваа количина на состојки е доволна за 42 кремпити (кремшнити)!

Многу љубители на самоборските кремшнити сакаат да ги јадат додека сè уште топли, па многумина со нетрпение чекаат топлите кремшнити да се исечат и веднаш да им се послужат на масата. За оние пак кои ги сакаат изладени, слаткарницата е опремена со фрижидери за брзо ладење. Инаку, најтажниот дел од целиот процес што ни дозволија да го следиме од почеток до крај, беше делот кога 3-4 помали, неправилни парчиња кремшнити завршија во кантата за отпадоци, толку брзо што беше предоцна да го спречиме трагичниот настан.