Баба Анче снима видеа со македонски јадења, за да им остави спомен на внуците

Порано бабите им готвеа на внуците, а сега и готват и прават видеа. Така барем прави Аница Клокановска или како што ја викаат нејзините внуци - баба Анче. На нејзиниот јутјуб канал (Baba Ance’s Kitchen), таа снима видеа за да ги зачува за своите внуци традиционалните македонски рецепти, иако живее во Америка цели 50 години.

0
1440

Кујната на баба Анче или во оригинал, на мешавина од македонски и англиски, Baba Ance’s Kitchen, е името на фејсбук страница и јутјуб канал со македонски рецепти на Аница Клокановска, Македонка која живее во Америка цели 50 години.

Со 67 ипол години таа е сè уште млада, но „титулата“ – баба ја оправдува дури 4 пати, а „титулата“ прабаба, засега еднаш.

Аница е родена во Село Наколец, во Преспа, но заминала од дома на само 16 години, кога родителите ја испратиле кај вујко ѝ кој живеел во Виндзор, Канада.

Јас сум најстара од четири сестри и моите родители ме пратија сама кај вујко ми за да имам подобар живот, на мои 16 години. И не згрешија. На 17 години се омажив и се преселив во Детроит, во Америка, каде што живееше мојот сопруг и сè уште сме тука, а оваа година направивме и 50 години во брак“, раскажува баба Анче.

Таа е фризерка, но освен како фризерка, кога била помлада секогаш имала и дополнителни работи затоа што, како што вели, кога биле млади, не им стасувале парите само со една работа. Во 1986 купиле куќа и се преселиле во Ресен каде што таа отворила фризерски салон. Останале во Македонија пет години, но повторно се вратиле назад во Детроит.

Со сопругот имаат син и ќерка, двајцата родени во Детроит.

Сега ќерката има 48 години, а синот 44. Од ќерката имам 3 внуци, две девојчиња Александра (26) и Бјанка (23) и едно машко, Антони (19). Од внуката Александра која се омажи за прекрасно момче од Скопје, имам и правнук. Од синот пак имам една внука, Софиа која наполни 13 години“, се пофали баба Анче.

Токму внуците и правнукот биле причината таа во април годинава да почне со својот јутјуб канал.

Сакав да им оставам спомен на моите внуци и правнуци и им велам вака: кога баба не е тука, гледајте го видеото и учете како се прават стари македонски јадења.

И не само внуците, сакам сите од помладите генерации да се учат од моите видеа како се прават старите македонски рецепти и да ја зачуваат традицијата како што ја чувам и јас иако живеам во Америка половина век. Сега се младите многу поталентирани од нас, па и јас учам од нив нови рецепти“, признава госпоѓа Аница.

Во Детроит таа и нејзиниот сопруг се дружат со повеќе Македонци и со нив обично се гледаат во црква, на свадби и на крштевки и вели дека сите Македонци ги интересираат нашите македонски рецепти па често си ги разменуваат. Таа готви секој ден, но видеа снима 2-3 пати во неделата, бидејќи често прави исти рецепти па не сака да се повторува. Американците пак, вели таа, се повеќе на готова храна, но многу ја сакаат македонската кујна и се чудат колку убав вкус има.

Слаба точка ѝ се старите и изнемоштени лица, па им носи јадење и во болниците и дома.

Имам 85-годишна сосетка, Американка која живее сама и јас речиси секој ден ѝ носам јадење. Секогаш им се чуди на моите јадења и на тоа колку ѝ се сите вкусни и вели дека никогаш претходно не јадела такво нешто.

Се вика Барбара и ми кажува дека се моли за мене и за моето здравје секоја вечер. Иако сака да ми возврати и да ме чести ручек во некој ресторан, јас го правам ова од срце и не очекувам ништо за возврат. Душата ми е полна кога можам некому да му помогнам.

Кога правам ајвар, што да ви кажам, кога ќе почнам да ги печам пиперките, веднаш доаѓаат соседите и ме прашуваат дали ми треба помош. Јас им дадав по една тегла ајвар и плус од печените пиперки. Сите многу го сакаат ајварот, а моите внуци сакаат сè што ќе зготви баба Анче. Омилени им се моите кифли и секогаш ми велат дека ги правам најубавите кифли“, раскажува нашата соговорничка која често не само што им носи храна и на постарите жени, Македонки, туку им ги средува и косите, доколку имаат потреба.

Со ќерката и со синот се слушаат секојдневно, а се гледаат еднаш неделно.

Ќерката и нејзиното семејство живеат на 20 минути од нив, во Детроит, а синот со семејството се преселил пред една година во Денвер, Колорадо, па се гледаат малку поретко, но поинтензивно.

Инаку, Аница прави многу специјалитети кои ги научила од својата мајка, како на пример, ѓомлезе или по преспански – тури потпечи, преспански циронки, суви пиперки, итн. Кога се сеќава на своето детство, се сеќава и на лепче со свинска маст и шеќер и на попара со сирење. 

Најмногу имам научено од мојата мајка и иако си заминав од родниот крај кога бев многу млада, секогаш кога нешто не знаев како се прави, ѝ се јавував на телефон за да ми каже, па иако таа сега има 92 години, сè уште ја прашувам како се прават некои работи. Мојата најмала сестра која живее и ја гледа нашата мајка, го презеде нејзиното готвење и често ја прашувам и неа кога нешто не ми е јасно“, објаснува Аница.

Баба Анче си има и свое женско друштво, 7-8 жени кои се дружат меѓусебно и си одат наизменично на гости, на кафе и благо, а некогаш и на ручек. За жал, откако почнала пандемијата и таму сè се сменило.

Пандемијата нанесе голема штета, ни починаа пријатели со кои се дружевме во црква, а сега каде и да се оди, сме многу претпазливи, секаде одиме со маски. Таа година кога почна пандемијата, не можевме да се видиме ниту со децата, се гледавме со нив само преку прозорец. Сега малку се ослободивме затоа што сите примивме вакцини, но сепак животот повеќе не е ист. Ако некој кивне, веќе никој не вели наздравје, туку веднаш бега! Претходно доаѓавме во Македонија секоја година, но заради пандемијата, од страв, не сме биле две години. Ми недостигаат и мајката и сестрите и целата фамилија, и мојата и на сопругот, а многу ни недостига и нашата мила Македонија. Ќе ми биде многу криво ако нешто ѝ се случи на мајка ми затоа што не сум ја видела две години, но со Господ напред, ќе дојдеме и ќе се видиме“, вели Аница.

Во меѓувреме, сите нејзини роднини и пријатели, ќерката, синот и внуците, можат да ги гледаат нејзините рецепти на каналот Baba Ance’s Kitchen.