Живот во виолетово

0
1126

Од некој што живее на преубав остров во Далмација најмалку би очекувале да сонува да дојде во Охрид, нели?

Ама токму ова е сонот на Ивка Равлиќ, дамата со „виолетов живот“ која се фасцинирала од убавината на Охрид само гледајќи ги фотографиите и слушајќи ги прераскажувањата на својот син кој неодамна заедно со својата девојка чиј дедо потекнува од Охрид, бил во Македонија и се вратил оттаму со црвен пипер, шарена сол и планински чај за својата мајка.

„Го пиевме овој чај цела зима и навистина уживавме во него и во приказните на мојот син кој беше воодушевен од убавината на вашиот Охрид за кој вели дека изгледа како лично Господ да го зел во рака и да го спуштил на тоа тло.

Син ми и неговата девојка беа воодушевени не само од убавината на Охрид, на езерото, црквите, архитектурата, туку и од луѓето, од нивната љубезност и добрина, од гостопримливоста и грижата која ја покажувале за нив на секој чекор, но и од вкусната и ефтина храна. А кога отишле во Скопје, се смееле до бесвест – какви огромни споменици, вели син ми, а сиромашни луѓе со запрежни коли одат покрај тие споменици кои чинат ѓавол знае колку. Но Охрид ми игледа како рај, и сакам да им порачам на Македонците: Не го разубавувајте како што сте го сториле тоа со Скопје и ве молам не поправајте ништо! Тоа што го видов јас на фотографиите, ме воодушеви, и навистина мислам дека е Хвар убав, ама Охрид е фантастичен. Да даде Бог цела Македонија да биде како Охрид, ете тоа ви го посакувам“, вели нашата соговорничка.

Госпоѓа Ивка живее во Хвар со семејството, сопругот и две деца, син и ќерка и сите заедно имаат свој ОПГ (обитељско пољопривредно господарство, односно, семејно земјоделско стопанство) со леванда. Таа доаѓа од Задар, но на Хвар е повеќе од 20 години. Нејзиниот сопруг Ивица кој работи и како поштар, потекнува од хварското село Брусје, кое е најпознато токму по квалитетот на левандата што расте таму. Селото е на 5 километри од градот Хвар и нормално, таму се и нивните полиња со леванда. Во Хвар пак 16 години имаат продажен штанд, последен на шеталиштето, но еден од најубавите на хварската рива пред кој не може да не застанете и да не купите нешто.

„Селото Брусје е на 5 километри од Хвар и е многу познато по квалитетот на левандата и левандиниот цвет, по маслинки, по смиље, по госпино цвеќе (кантарион), рузмарин, накусо, по лековитите билки кои растат на голема надморска висина, кои се здрави, чисти и природни, а луѓето живеат од нив, ги берат, ги продаваат, ги сушат, па прават разни чаеви, креми, производи за лечење, но и за убавина“, ја почна својата приказна госпоѓа Ивка која вели дека сепак не е се така виолетово.

„Левандата на овие простори се садела уште пред 60 години, на тоа тло, на тој крш (камен и црвена земја), која е добра подлога за левандата и ѝ го дава потребниот квалитет, односно, ѝ овозможува да дава силни етерични масла кои се добри за масажа, за смирување, за опуштање, но за да го даде саканиот ефект треба да се употребува константно, а не само понекогаш. Таа е симбол на Хвар  и има висока цена (во големопродажба 100 евра за литар масло од леванда, а 10 евра за килограм цвет од леванда, додека пак околу 1 дцл масло од леванда е околу 25 евра), но ја нема доволно колку што би сакале луѓето да ја има. Немаме заштита од државата, односно, не ни дава никакви олеснувања како производители на леванда бидејќи сме премногу мали, па веројатно не сме „интересни“, а ние имаме големи трошоци, високи концесии, амбалажи. Но за да ја работите левандата треба да имате љубов кон природата, треба да го сакате тоа, не може со сила да се натера некој да го работи ова.

И магарињата сакаат леванда!

И колку и да изгледа сето ова вака спакувано убаво и миризливо, работата е тешка. Токму деновиве почнува периодот на берење на леванда, значи во најжешкиот период од годината и колку и да е тоа краток период (обично бербата трае 15-тина дена) се работи по големи жештини од утро до мрак, и тоа, рачно, а згора на се, секој ден бербата на денот треба да ја симнете некако до патот за да можете да ја транспортирате понатаму. Имено, левандата расте на голема надморска висина, кадешто нема пат па треба да сте спремни да ја носите околу 2 километри на грб или пак, ако имате среќа да си имате магариња, натоварена на магарињата. Ние имаме 4 магариња, па маж ми, кој е задолжен за бербата, ги товари и така ја транспортира до патот. Интересно е тоа што и магарињата многу ја сакаат па нив ги храниме со цветовите кои после дестилацијата на маслото од леванда, не се употребливи за ништо друго освен како магарешка храна.

Откако ќе се набере левандата, морате по најголемите жештини да го тресете цветот такашто левандата откако ќе ја донесете дома, ја редите врз вреќи или церади и со стап ја удирате, слично како што се прави со гравот, па ја сеете и ја складирате.

Кога се прави масло, тогаш само цветот во август се ставаме во котли кадешто се прави дестилација и се одвојува маслото.  Во овој период доаѓаат и пчелите на цветот од леванда, па користа од левандата е навистина огромна. Ние имаме и 20 кошници пчели и правиме мед од лаванда кој е навистина специфичен и вкусен. Кошниците се ставаат во полињата со леванда и пчелите си го одработуваат своето. Токму тие ни се сигнал и за отпочнување на бербата. Кога пчелите ќе престанат да доаѓаат на цветовите од левандата тоа значи дека повеќе нема нектар и дека е време за берба“, објаснува госпоѓа ИвкаПора.

Инаку, како билка, левандата е навистина благородна билка. Еколошка е, сосема природна бидејќи неа реално и не ѝ треба ништо освен дожд кога е време а дожд и сонце кога е време за сонце.

Претходно семејството Равлиќ работеле само големопродажба но потоа дошле на идеја да правиат сувенири, шишенца, украсни вреќички и слично, па додека во лето сите работат, со и околу левандата, во зима, вели нашата соговорничка, левандата не бара ништо, а ние шиеме, правиме амбалажи за сапуните од леванда, за цветот, за маслата, за се што можете да видите на нашиов штанд.

Лек за смирување и мигрена

Интересно е тоа што левандата навистина опушта и јас сум жив доказ за тоа бидејќи страдам од мигрени, но само во зима, вели госпоѓа Ивка и објаснува: „во лето, кога сум опкружена со леванда од сите страни и кога целата куќа ми мириса на леванда, а и тука, на штандов кадешто сум по цел ден од април па се до 1 ноември, опкружена со најразлични производи од леванда, ја вдишувам и ме опушта па воопшто немам главоболки. Но не може да се очекува левандата да помогне ако само еднаш-два пати ја мириснете или си капнете од нејзиното масло, треба констатнтно да се има покрај себе, барем неколку капки на памукче кое ќе ви ја донесе природата дома, дури и ако вие самите не одите во природа. И уште нешто, дома немаме молци, а и комарците не е дека ги нема, но не не касаат, туку само ги гледаме одвреме навреме како си стојат мирно на таванот. Ја користам и такашто сув цвет од леванда истурам во градината кадешто има инсекти и тој ги заштитува, а истото го правиме и во кошниците на пчелите. Ставаме на дното од кошниците две-три раце сув цвет од леванда и нема потреба од никакви хемиски третмани.

Еден килограм од овој мед чини околу 15 евра, но само една лажичка е доволна за имунитет и за здравје. Освен мед и се од леванда, правиме и наше маслиново масло. По затварањето на штандот, односно, по завршувањето на летната сезона, одиме на берба на маслинките, а годишно произведуваме околу 2 илјади литри маслиново масло (чини околу 15 евра за 1 литар).

Тука се и рузмаринот, кантарионот и се попопуларното смиље

„Освен левандата која е најпопуларна во Хвар и е негов симбол, тука расте и рузмарин кој е добра, корисна, самоникната билка која ја има во изобилие и е добра за бронхитис, за инхалирање, за ревматизам, а чаевите од рузмарин, се добри како и оние од леванда, за смирување и против стрес. Тука многу се употребува и чај од од госпино цвеќе (кантарион) кој е исто така лековит и добар е за масажи, за иритации, алергии, но е добар и за бубрезите и се употребува во големи количини на островов. Се бере во мај, а потоа, ако е за чај, се суши и се пие за смирување и за лекување на камења во бубрег, или пак се става во маслиново место и се остава да стои 40 дена на сонце а потоа се користи за масажа. Сега се во тренд и грмушките кои се карактеристични за далматинските каменести предели, познати како смиље од кое се прави масло кое се покажа многу добро за кожата, против целулит, стрии и сега е во тренд“, ја завршува својата приказна госпоѓа Ивка и со насмевка додава:

„Имаме многу работа, па во нашиот живот на островот не ни останува време за бањање или за излегување, но од друга страна пак, знаете барем на што сте, нема страв дека нешто ќе ви остане непродадено, а самите сте свој газда, и најубаво од се, постојано запознавате нови луѓе кои секогаш се враќаат тука, а ние ги пречекуваме со широка насмевка и со нашата виолетова лепеза од природни производи за убавина, за лек, но и за преубава виолетова и миризлива атмосфера“.

Драгица Христова