Владо Сејменовски: Направив органски производи за нега на машките бради, а потоа дојдоа жените…

0
1154

„Брадата е дел од историјата, сите големи луѓе мислители и владетели имале брада“, вели нашиот соговорник Владо Сејменовски мазнејќи си ја својата долга брада која притоа испушташе прекрасна миризба на портокал и ванила.

„Да, точно, сабајлево го употребив маслото за нега на брада кое е и мојот прв производ, а тоа е токму масло со мирис на портокал, кое сѐ уште ми е едно од омилените“ признава Владо и препорачува секогаш производите да се нанесуваат еден по друг, по следнава процедура: прво се користи сапунот, потоа, откако ќе се измие брадата или косата се нанесува од маслото на малку потсушена брада и на крај се нанесува од балсамот за брада или коса кој дава му форма на влакното и го дохранува со неговите состојки кои ги нема во течното масло.

Владо Сејменовски веќе 11 години е дел од тимот на Fashion Group и работи како бренд координатор на неколку брендови кои се дел од оваа компанија.
Но она што најмногу го исполнува и во што најмногу ужива додека го прави, е производството на производи за нега на коса со кое стартувал на почетокот од 2016.година од една и единствена причина – сопствената брада.

„Од секогаш сум имал брада и најтешко ми беше да најдам производ кој е направен за таа цел, па така и се раѓаше идејата да имам своја линија на козметика за нега на влакното на брадата. Првата серија на масла „sVBeardcare“ со мирис на портокал излегоа во јавност на 6. февруари 2016.година, а во меѓувреме направив и други“, раскажува тој.

Денеска неговата колекција е составена од масло за нега на влакното на брадата со 6 различни мириси, балсам за брада со мирис на портокал и ванила, балсам за брада и коса, исто така, со мирис на портокал и ванила, сапун со мирис на портокал и ванила, восок за мустаќи, балсам за усни и рачно направен чешел од буково дрво. Производите секогаш првин ги испробува на себе и на своите пријатели, сѐ додека не се постигне саканиот состав.

Тој тврди дека иако во последниве неколку години брадата е голем тренд, и наназад, низ годините, брадата е дел од историјата.

„Сите големи луѓе мислители и владетели имале брада“, вели Владо и додава дека иако неговата колекција била првенствено наменета за нега на машката брада, на почетокот поголемиот дел од купувачите биле жени кои ги купувале производите за своите партнери.

„На почетокот купуваа жените, а потоа тоа се смени. Може да кажам дека имаме мажи кои сакаат да се грижат за своите бради и најмногу реагираат позитивно за тоа како мирисаат маслата и колку тој мирис се задржува на влакното“, вели Владо.
Се разбира, тој и натаму со гордост ја носи својата долга и негувана брада на која ги испробува сите свои производи, постојано екпериментирајќи, сѐ додека не го постигне саканиот состав на производот.

„Има уште производи со кои екпериментирам, а не се пуштени во продажба. Кај мене тоа оди малку побавно, не сакам да го пуштам производот во продажба сѐ додека не сум убеден дека е тоа вистинскиот состав и мирис, вистинската етикета и пакување“, објаснува тој.

Иако неговата првична идеја била овие производи да се исклучиво за нега на машката брада за што зборува и етикетата што ја носат, со време, жените кои на почетокот ги купувале маслата како подарок за своите партнери и пријатели, почнале да ги купуваат и за себе, за нега на влакното на своите коси.

„Маслата, балсамите и сапуните се направени од 100% органски и природни состојки, не користиме никакви хемикалии и парабени. Масло од јојоба, арганово масло, кокосово масло, бадемово масло, се дел од состојките од кои се направени производите, такашто тие можат да се користат за секаков тип на влакно, дали е тоа за брада или коса, не е воопшто важно.
Сега за сега остануваме на брендингот sVbeardcare но никогаш не се знае што понатаму. Сега подготвувам нов производ кој во својот состав освен стандардните масла кои ги користиме ќе содржи и масло од коноп за кое сите знаеме какви својства има и за што сѐ се користи, па така нанесувањето на ова масло на лицето или на косата, ќе доведе до побрз раст на влакното, ќе го намали чешањето и црвенилото, иритацијата на кожата, првутењето“, вели Владо.

Се разбира, тој има уште многу, или како што вели, дури и премногу планови. „Сега засега нашето мото е „Made in a small lab with lot of love“, но никогаш не се знае…, можеби во иднина ќе имам некоја поголема лабораторија од каде што ќе излегуваат поголеми количини од овие производи и не само за кај нас, туку и надвор од границите на Македонија, сѐ уште направени со многу љубов“, завршува Сејменовски.

Драгица Христова