Вкусот на Скопје: од кебапи до макаронси и вафли

„Некогаш, свежо приготвеното, чисто месо (под услов да е со добро потекло) ќе биде поздраво од  ‘здрав’ мусли-бар полн со шеќери и конзерванси. Како и да е, ниеден екстрем не е добар. Најдобро е умерено да се консумира од сѐ по нешто и секој да ужива во она што му одговара“, вели Огнена Васиљевиќ од агенцијата ‘Моментум’ која е организатор на настанот „Вкусот на Скопје“.

0
693

На 18.и19.мај Скопје конечно ќе добие своја интересна гастро зона, која во иднина би требало да стане традиција и место за најубаво и највкусно дружење, но пред сѐ, место на кое ќе може да ги почувствуваме најфините, заводливи вкусови и мириси од кујните на најдобрите локални ресторани и сендвичари.

Местото на настанот е Градскиот парк во Скопје кадешто учесниците ќе ги постават своите штандови со храна.

Ова е прв фестивал за улична храна во Скопје (иако имаше најава за еден минатата година, но тој беше одложен и нема ништо заедничко со „Вкусот на Скопје“ и со организаторот „Моментум“) и секако, заслужува место на нашиот портал. Повеќе за фестивалот дознавме од Огнена Васиљевиќ, претставник од „Моментум“.

Зошто токму фестивал на улична храна?

Бидејќи луѓето се најсреќни кога јадат.  Храната има моќ да ги сплоти луѓето; храната е повод да седнеме заедно на иста трпеза, да споделиме убави моменти, да се дружиме, да уживаме. Мирисите и вкусовите, уживањето во вкусна храна и задоволувањето на апетитот, секогаш будат насмевка на сечие лице. Не залудно и најзначајните мигови ги доживуваме или прославуваме токму на трпезата – празничните трпези секогаш будат топлина во душата; честиме ручек кога сме се подновиле, кога има убави вести; честиме мекици за новороденче; или едноставно, викенд ручек – вечера со најблиските… Целта на „Вкусот на Скопје“ е да им приреди на сите уште една можност да уживаат во највкусна храна која носи вода на непцата и да го споделат ова уживање со своите пријатели во еден навидум обичен викенд во Градскиот Парк. Не мора да чекаме посебен повод – нека ова уживање биде секојдневие!

Дали кај нас постои разновидност во понудата на улична храна или сѐ се сведува на хамбургери и пици и по што некои од нив се разликуваат од другите, како ги селектиравте учесниците на овој фестивал?

Па постои, не е дека нема, посебно во последните години сме сведоци на сѐ поинтересни концепти, нови на нашиот пазар (од кои дел ќе бидат учесници и на „Вкусот на Скопје“). Сметам дека стануваме сѐ поинтересни во понудата, а и дека секој кој ќе се осмели да понуди нешто различно ќе доживее успех, бидејќи храната е дел од нашата култура и како народ – сакаме да јадеме. Новитетите се секогаш добредојдени. Потенцијалните учесници најчесто се контактираат по препорака за она што е добро и актуелно. Од учесниците – нам сите ни се драги и навистина би било неблагодарно да издвојуваме некого. Ги поканувам сите да го посетат настанот на 18 и 19 Мај на Школка, и самите да одлучат што најмногу ќе им се допадне. Ние може да гарантираме дека ќе има по нешто за сечиј вкус.

Дали сте присуствувале на некој настан од ваков тип некаде со оглед на тоа што тие се одржуваат во многу светски градови, најблизу, оној во Солун и дали собравте некои искуства (и позитивни и негативни)?

Да, секако. Ваквите настани во светот воопшто не се новина па тоа е и една од причините поради кои сакаме да има нешто вакво и кај нас – а зошто пак ние да немаме, кога храната и тоа како е дел од нашето секојдневје?

Вакви фестивали сум посетила во Германија и во Шведска, но за жал морам да констатирам и пренесам дека тие организации се сепак во сосема други димензии од она што е возможно кај нас. Токму лани го посетив фестивалот во Шведска, кој беше од огромни размери. Сепак, големината на пазарот и понудата, бројот на население и посетители, расположливата опрема како и поддршката од државните институции се неспоредливи со условите кај нас. Фестивалот во Солун е фантастичен и повторно, од многу големи размери. Сепак, наше е да организираме најдобро што можеме.  „Вкусот на Скопје“ ќе биде одличен фестивал со одлична понуда и убедена сум дека посетителите ќе уживаат во него. Нашата амбиција е од година во година да растеме, и секако, да се стремиме да постигнеме некое од нивоата на странските фестивали со поголемо искуство и традиција.

Имате ли тенденција ова да прерасне во традиција?

Апсолутно да. Драго ми е да кажам дека нашите настани успешно прераснуваат во традиција, па така еве веќе подготвуваме петти изданија на Health, Fitness & Wellness Expo како и Fashion & Lifestyle Expo. Во подготовки се и вторите изданија на После Часови и Men of the Year. „Вкусот на Скопје“ е фантастичен настан со одлична содржина и сметам дека публиката и тоа како ќе ужива во него. Затоа, првото издание е едно „запознавање“ на настанот и публиката, а целиме да биде сѐ поголем и подобар низ годините.

Колку често консумирате улична храна и што е пресудно за изборот, квалитетот или квантитетот?

Лично, уживам во храна и може да „ме понесе атмосферата“ и да се опуштам кога имаме повод, собирање, кога сум со пријатели. Секојдневно, се трудам да се хранам релативно „лесно“ и здраво, па најмногу уживам во домашно приготвена храна. Сепак, не познавам некој па вклучувајќи ме и мене, кој не ужива во некои „грешни “ задоволства и не се „чести“ од време на време со нешто од што навира вода во устата…Што е пресудно – нема правило. Зависи од стрвноста и поривот на моментот.

Дали постои знак на равенство помеѓу нездрава храна и улична храна, или можеби сепак почнува да се води повеќе сметка за тоа храната што ја консумираме да биде и брза и здрава?

Па сметам дека не може да се генерализира. Да, се повеќе се води сметка дури и брзата храна да биде здрава, приготвена низ што поздрави методи, но апсолутно е различно од случај до случај. Сепак, мора да бидеме реални дека уличната храна може да се стремиме да биде што поздрава, но не би можеле да ја наречеме или споредиме со здрава храна. Исто како што здравата храна често може да се стреми да биде здрава, а истовремено да изобилува со шеќери и хемиски добиени супстанци… Некогаш, свежо приготвеното, чисто месо (под услов да е со добро потекло) ќе биде поздраво од „здрав“ мусли-бар полн со шеќери и конзерванси. Како и да е, ниеден екстрем не е добар. Најдобро е умерено да се консумира од сѐ по нешто, како и секој да ужива во она што му одговара.

Што (или кого) ќе можеме да видиме во рамките на најавените едукативни презентации?

Во програмата ќе учествуваат доста интересни организации, секој со своја специфика и тема. Програмата ќе биде објавена во понеделник, додека на штандовите ќе може да се пробаат секакви специјалитети од  повеќе угостители, од легендарните кебапчиња од „Дестан“ до слатките задоволства на Marfi – cake & bakery shop.

Очекувате ли голем одзив и многу посетители?

Да! Коментарите и реакциите на луѓето се и повеќе од позитивни. Храната е нешто што сите го сакаме и уживаме во него, периодот и локацијата се супер. Одзивот на социјалните мрежи е фантастичен уште од самата најава. Така што, веруваме дека ќе има одлична посетеност, и навистина се радуваме што ќе им приредиме можност на сите што ќе дојдат да си поминат фантастично!

Фото: Pixabey