Утре почнува Трпеза филм фестивалот во Битола

Филмови во чиј кадар е храната, готвење во живо, дегустации и забава на четвртото издание на фестивалот Трпеза филм фестивал во организација на Слоу Фуд Битола.

0
1585

Во програмата на годинешното издание на Трпеза филм фестивалот во Битола кој се одржува во задруга-кафулето „Артикултура“ повторно филмови чија цел е да ги сменат перцепциите на човекот, за да почне да размислува посуштински за храната, но и за целата планета.
Фестивалот почнува утре (сабота) во 16.часот во фестивалското кафуле, а веќе во 17 часот е проекцијата на првиот филм „Пред поплавата“. Станува збор за документарен филм за климатските промени во режија на Фишер Стивенс. Филмот е продуциран како соработка помеѓу Стивенс, Леонардо Ди Каприо, Џејмс Пакер, Брет Ратнер, Тревор Давидоски и Џенифер Дејвисон Килоран. Мартин Скорсезе е извршен продуцент.
Како и досега, и годинава ќе има готвење во живо, па во 18 часот не очекува Театар на вкусови: „Ќофтиња и грмотевици“ (готвење во живо).
Во 18.30 часот е проекцијата на документарниот филм „Пивска култура“. Од микро до занаетчиски произведени пива овој документарец ќе ве однесе до гигантската пивска индустрија и страствените пивари. Филмот е фокусиран на пиварите во Колорадо, држава која произведува повеќе пиво од било која држава во САД. Филмот исто така опишува важен дел од американската историја каде што се случува „пивска ренесанса“ и ја менува комерцијализацијата на пивото. Жртвата која овие претприемачи ја прават за да го остварат она што навистина го сакаат е вистинска инспирација.
Вечерта продолжува во тој стил, па логично, во 19.30 часот ќе има дегустација на првите македонски занаетчиски пива според Slow beer концептот.
Во 21.00 часот е проекцијата на „Mортон и Миа“ (краток анимиран филм), посветен на канадските производители на сирење. Американската креативна продукциска компанија „Gentleman Scholar“ во соработка со „DDB Canada“ и производителите на сирење од Канада преку оваа прекрасна анимација ќе успеат да го промовираат домашните и локални традиционални канадски сирења. Последен на програмата на првата фестивалска вечер е играниот филм „Готвачот“ со Жан Рено и Мајкл Јун во главните улоги. Веќе традиционално, и годинава, вечерите не завршуваат со последната филмска проекција, туку следува забава со диџеи. Првата вечер е Bass вечер со Spam Inc.
Во недела (20.08) зборно место повторно е задруга-кафулето „Артикултура“, во
16.00 часот. Во 17.00 часот е проекцијата на документарецот „После дождот“, во режија на нашата Билјана Гарванлиева која почина минатата година. Во 18 часот има повторно готвење во живо насловено како: „Така ги обожава Софија Лорен“. Во 18.30 часот е проекцијата на документарен филм посветен на приказ за буковската пипер: На трпеза кај…Македонија, а во 19.30 часот следува дегустација на вината од Президиум „Станушина“, Slowine концепт.
Во 21.00 часот е последната проекција, играниот филм „Шок во шише“.
Станува збор за приказна за раните денови на производство на вино во Калифорнија, во која е прикажана неславната слепа дегустација во Париз во 1976 година, која стана позната како “Пресуда во Париз”. Вечерта и фестивалот завршуваат со забава со диџеј Вера Умка.