Цеца: Охридската пастрмка ми е омилена

0
974

Пред големиот концерт во Скопје, направивме интервју со најголемата фолк ѕвезда на Балканот Светлана Ражнатовиќ-Цеца. Таа не е љубител на готвењето но затоа многу добро знае што сака кога станува збор за храна.

Важите за најголема фолк ѕвезда на Балканот, па дали имате некоја специјална листа на барања од организаторите на вашите концерти, особено кога станува збор за храната и пијалоците, на пример, дали сакате некој одреден тип на пијалок, па макар и на вода, некое егзотично овошје и слично?
Ако менито е по мој вкус на него дефинитивно ќе има месо и салата. Најмногу преферирам добро испечен бифтек и зеленчук на скара и тоа само во ресторани каде проверено добро го подготвуваат. Рибата ми е исто така многу битна, па да има многу риба во менито, без исклучок, е мое барање кон организаторите.

Дали пред настап практикувате да јадете или напротив, се воздржувате од храна?
Не се воздржувам од храната доколку сум гладна, добро испечен бифтек на парчиња би ми дошол добро пред секој настап.

Што јадете обично кога настапувате во Македонија, имате ли некое омилено македонско јадење?
Многупати сум кажала дека од Македонија без добра храна и без песна не се заминува. Многу ја сакам македонската кујна, но Охридската пастрмка ми е омилена.

Се наоѓате на листата на најбогатите Србинки и веројатно дома, меѓудругите, имате и луѓе кои се задолжени за готвење, но дали некогаш, било кога, сепак сте имале инспирација да зготвите некому нешто, на вашите деца, на сопругот, …?
Не сум љубител на готвењето. Не уживам да готвам и затоа за мене работи жена којашто ги припрема моите и оброците на моите деца. Но кога сакам нешто да зготвам тоа дефинитивно ќе биде нешто благо. Особено чизкејкот кој Вељко го обожава.

Блиска сте со своите деца кои се веќе возрасни луѓе со свои обврски, но дали сепак често практикувате заеднички ручеци?
Семејството ми е многу битно, затоа гледам да поминам што повеќе време со нив, а заедничките ручеци се идеални за добро поминато време со моите деца и пријателите. Иако поради обврските немам секогаш време да практикуваме заеднички семеен традиционален ручек, за празниците како Божиќ и Велигден, како и за домашната слава Св. Никола, секогаш сме заедно на маса , покрај сите обичаи, уживаме и заедно во гозбата.

Кога правите семејни прослави и дочекувате гости, дали вие ја правите листата на јадења или оставате се на оние кои се за тоа задолжени?
Оние кои се задолжени многу добро ме познаваат и точно знаат што треба да има на листата на јадење, секако дека има сугестии од моја страна, но потполно верувам во изборот на моите вработени.

Кое е вашето омилено јадење и каков е вашиот режим на исхрана?
Немам режим на исхрана, јадам кога ми се јаде, што ми се јаде и колку ми се јаде. Мојот изглед се должи на добра генетика. Но сепак се трудам да сум насочена кон здравата исхрана и редовни оброци поради здравјето. Во врска со омиленото јадење тоа е дефинитивно месото и рибата, а од слатки обожавам овошни торти наспроти чоколадните кои ми се премногу тешки за јадење.

Дали редовно појадувате, од што се состојат обично вашите главни оброци, имате ли некоја слабост?
Свесна за важноста на здравата исхрана, се трудам да имам пет оброци дневно, да конзумирам што повеќе овошје и зеленчук, бар два пати неделно риба. Слабост ми се грицките и слатките, но пробувам да ги избегнувам.

Кое е вашето најнепријатно искуство кога станува збор за храна и каде и како сте се справиле со ситуацијата?
Кога ги оставив цигарите во 2006 година, пред концертот во Ушче, познато е дека накачив повеќе килограми, ама многу брзо успеав да се справам со нив. Во рекордно време. Иако не сум љубител на теретана и спорт, тогаш навистина се потрудив.

Сакате ли понекогаш да се напиете некој жесток пијалок, евентуално чаша вино?
Во принцип не пијам алкохол, некогаш знам да се напијам чаша вино или пиво, но во границите на нормалното и пристојното.

Како се храните кога сте во вашата вила на Кипар, можеби повеќе морска храна…сакате ли морска храна или во духот на српската традиција, преферирате месо?
Обожавам морска храна, особено риба. Неколку пати пробав начин на исхрана кој се базира на обарена риба. Со оглед на тоа дека морската храна е многу здрава, преферирам да ја има на моето мени каде и да одам, но од месото исто така не се откажувам бидеќи обожавам месо.

Дали повеќе ја сакате српската традиционална кујна или сте приврзаник на интернационалната кујна, дали ви е особено привлечна некоја, евентуално, кинеска, азиска, мексиканска,…?
Не ја делам кујната на традиционална и интернационална. Сакам да јадам она што ми се допаѓа. Не сакам тестенини, пици и леб. Сакам месо, риба, овошје, зеленчук и овошни торти.