Торта со органски вишни од дворот на комшијата

Секоја година ја гледам со натежнати гранки, таа, вишната на комшиите. Од оние од кои без гајле можеш да си набереш и да си ги изедеш веднаш, директно од гранка. И годинава, го направив тоа - набрав еден килограм за мојата роденденска торта. Се разбира, од оние кои се во мојот двор. Дали мислите дека е ова етички?

0
356

Порано тортата со вишни и крем кај нас беше традиција за јунските родендени, прослави и онака, за „по дома“. Зашто кога некој сака благо, добро е тоа да е барем домашно и, се разбира, овошно. А вишните се здрави. Сега им е сезона па греота е да не се направи нешто со нив. Ех, порано, додека мајка ми уште памтеше како, вишновка се правеше задолжително, а тортата со вишни – за секоја поспецијална пригода. За помалку специјалните се правеше оној обичниот едноставен колач со вишни.

А најздодевно од сѐ беше вадењето на семките. Ама сега има разни финти по интернет па неодамна случајно наидов на ова видео на кое семките се вадат со помош на цевка и шише. Шишето не го употребив, бидејќи сосема го изумив овој детал, ама и вака беше доволно ефикасно. Кај нас уште не се забранети, а едно цевче, во случајов, заврши навистина голема работа. Какво машинче за вадење семки, нема шанси со цевчето.

Како и да е, бидејќи не стасав да купам вишни за тортата, која е најдобро да се направи од вечер за да може следниот ден нормално да се сече и да се јаде без да ви се разлева кремот, постоеше само едно решение – да си наберам едно кило од вишната на комшијата. Сѐ што требаше да направам е да си застанам во мојот двор под натежнатите гранки, и без дури и да се кренам на прсти, да си наберам колку што ми треба.

Патем, без да гледам дали во некое има црвчиња, бидејќи веќе почна да се стемнува, си изедов неколку, онака, убави свежи, директно од гранка.

А еве го и рецептот кој со време си го запишала нашата сосетка Бети, пред да се заборави.

Состојки:

За тестото:

6 јајца

6 лажици шеќер

6 лажици брашно

За кремот:

1 литар млеко

250-300 г омекнат путер

2 пудинга од ванила (во оригиналот кремот се прави со 4 лажици густин и екстракт од ванила, ама вака е поедноставно и побрзо)

8 лажици шеќер

ванилин шеќер

1 кг вишни

Приготвување:

Се матат жолчките со шеќерот во еден сад, а белките во друг.

Потоа кај жолчките се додава брашното и се меша кратко со миксер. Белкитеизматени во цврст снег се додаваат многу полека, малку по малку, и се промешува со лажица или некоја лопатка за мачкање крем. Смесата се истура во подмакан и побрашнет калап за торта и се пече на 180 степени.

Во меѓувреме се прави филот.

Се става млекото (од кое претходно ќе одвоите малку за да го размешате прашокот за пудинг) на рингла, па му се додава шеќерот. Потоа, кога ќе зоврие, се додава прашокот за пудинг и се вари на вообичаениот начин.

Се остава настрана да се олади.

Кога е пудингот речиси изладен (но не сосема ладен за да може да се соедини со путерот), се додаваат путерот и ванилиниот шеќер и се меша малку со миксер зада се изедначи кремот.

Ако не ве бива вас, некој поспретен, како на пример, постара сестра, мајка, баба, другарка, нека ви го пресече тестото на два дела.

Следува најубавиот дел: Премачкајте ја едната половина со пола од кремот, па наредете пола од вишните од кои претходно ќе ги извадите семките. Па ставете го вториот дел од тестото и повторете ја постапката.

Секако, оваа торта е превкусна со било кое друго зрнесто овошје, но најубава е следниот ден.